Грчката дипломатија не ги пропушта дадените прилики /

Сите реакции на грчкиот државен врв што ја рециклираат тензијата меѓу Атина и Скопје, а во врска со т.н. Преспански договор, говорат дека Грција во следниот период како новоизбрана непостојана членка на Советот за безбедност (СБ) на ОН има новоотворени можности, алатки и инструментариум да лобира за спроведување на политиките што се во нејзин интерес, вклучувајќи ја и онаа кон Македонија, која подразбира продолжување на идентитетскиот инженеринг…

По информацијата дека Грција деновиве беше избрана за непостојана членка на Советот за безбедност (СБ) на Обединетите нации (ОН)

Грција нема намера да се откаже од едностраното толкување на членовите од Преспанската спогодба и сопствените убедувања околу тоа „дали е или не е“ прекршен договорот од Нивици, а нејзината перспектива околу ова прашање успешно им ја наметнува и на другите земји, како во Европската Унија така и пошироко.
Не случајни се повиците што доаѓаат токму од меѓународниот фактор исклучиво до македонските политичари, кои претендираат во следниот период да се најдат на раководни функции, да се користи уставното име во секоја пригода, но и да се почитува Договорот од Преспа, став на кој инсистира токму официјална Атина.
Во периодот што следува, Македонија уште потешко ќе ги изнесе и ќе ги оправда сопствените аргументи, почнувајќи од тоа зошто таа смета дека со ништо не е прекршена Преспанската спогодба, па до правото на лично чувство, како највисок дострел на човековите права и слободи. Имајќи предвид дека Грција стана непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации ѝ се отвора широка палета од алатки преку кои може да ја афирмира својата позиција во врска со прекршувањето на Преспанската спогодба од македонска страна.

Грција презадоволна од изборот – ја гледа својата шанса

Со поддршка од 182 држави, од вкупно 188 земји што гласаа, Грција неодамна беше избрана за непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации за периодот 2025 – 2026 година.
Советот за безбедност е единственото тело на ОН што може да носи правно обврзувачки одлуки како што се наметнување санкции и одобрување употреба на сила. Има пет постојани членки со право на вето: Велика Британија, Кина, Франција, Русија и САД.
Дека ова не е обична работа може да се насети и од коментарот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како и на шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис.
Поздравувајќи ја одлуката, премиерот Киријакос Мицотакис рече дека изборите претставуваат голема одговорност за земјата, која следи принципиелна надворешна политика. Истакна уште дека иако оваа одлука можеби не ги прави сите среќни, таа имаше многу да понуди. Тој додаде дека Грција ќе ја искористи позицијата за поддршка на Кипар.
Шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис гласањето во ОН го оцени како историско.
– Денес е историски ден за Грција, за впечатокот на нашата земја во светот. Генералното собрание на ОН гласаше доминантно за нашата земја. Ова е голем успех. Ова го покажува важниот капитал што Грција го има во светот, во меѓународната средина – рече министерот за Герапетритис.
Се огласи и претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, која рече дека изборот на Грција е „меѓународно признание за нејзината стабилизирачка улога, како и нејзината посветеност на мирното решавање на споровите и целосно почитување на човековите права“.
Сите овие реакции на грчкиот државен врв говорат дека Грција во следниот период како непостојана членка на СБ на ОН има можност да лобира за спроведување на политиките што се во нејзин интерес, вклучувајќи ја и онаа кон Македонија, која подразбира продолжување на идентитетскиот инженеринг.

Грција ја има сета слобода да иницира предлози и да лобира тие да поминат

Несомнено изборот на Грција за непостојана членка на Советот за безбедност отвора многу можности за грчката надворешна политика, а дека е тоа така го најави и самиот грчки премиер, кој истакна дека Грција ќе ја искористи оваа шанса за поддршка на Кипар. Но повеќе од веројатно е дека работата нема да застане само на поддршката на Кипар.
Од друга страна, во време кога повторно се отвори дискусија околу асиметричноста на Преспанската спогодба и инсистирањето на политичарите во земјава да можат и тие слободно да го употребуваат името Република Македонија во неофицијалната комуникација, Грција сега ќе има силен адут да лобира во рамките на ОН да се прифати исклучиво грчкото толкување на членовите од спогодбата, што значи „ерга омнес“ за сите државни функционери, секаде и секогаш.
Професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград, Игор Јанев, се согласува дека изборот на Грција за непостојана членка во СБ на ОН ја зајакнува грчката позиција.
– Точно е дека сега се засилува грчката позиција во смисла дека оваа земја полесно ќе може да иницира предлози. Друго прашање е дали тие ќе поминат на дневен ред бидејќи зависи од тоа дали ќе имаат позитивни гласови од девет членки во оваа тело, а согласност од петте постојани членки на СБ во овие услови, со криза на Блискиот Исток, е практично невозможна. Сите од спротивставените членки, барем од инает, немаат можност, дури и безначајни работи како ова со Грција и Македонија да стават на маса за расправа. Лично сметам дека некакви порадикални чекори Грција нема да може да направи. Начинот на гласање оневозможува Грција да направи сериозни проблеми во СБ на ООН – појаснува Јанев.
Според него, она што може Грција да го направи, конкретно во случајот со Македонија, е евентуално да побара од претседателот на СБ на ООН да даде претседателската изјава дека очекува сите страни во Договорот од Преспа да се држат до принципот пакта сунд серванда, односно дека договорите мора да се почитуваат.
– Со други зборови, Грција ќе направи претстава во НАТО на 9-11 јули во Вашингтон и ништо повеќе – констатира Јанев.

Моќната грчка дипломатска мрежа ќе ги засили активностите во рамките на ОН

Поранешни македонски дипломати сепак предупредуваат на многу други работи што Грција може да ги направи далеку под радарот, а кои ќе бидат на штета на Македонија.
– Една работа не смееме никако да заборавиме, а тоа е искусната и моќна грчка дипломатија. Грција е вешта држава и ќе знае оваа своја улога, како непостојана членка на Советот за безбедност, да ја искористи многу подобро отколку што Македонија го направи тоа кога беше дел од Комитетот за човекови права при ОН, како и во времето кога претседаваше со ОБСЕ. Нашата дипломатија во тој период не мрдна со мал прст да иницира барем некакви процеси околу заштитата на малцинските права на Македонците во соседството. Грција нема да биде толку наивна за да не искористи ваква шанса, туку напротив. Во рамките на ОН, Грците имаат еден куп нивни претставници во сите тела на ОН, имаат активни делегации што постојано работат. Тие тимови, ако ништо друго, ќе издејствуваат грчките позиции и во поглед на Преспанската спогодба, како и во поглед на други прашања, да бидат секогаш во прв план. Пред извесно време имаше некакви интерни препораки во внатрешните документи во ОН да се става „северномакедонски јазик“. Таа работа малку се стивна, но не е исклучено Грција сега повторно да ја активира – велат поранешните дипломати.
Според нив, вистинска штета е што Македонија во ОН не е застапена со посериозен тим што ќе може да ги превенира ваквите атаки, кои веројатно ќе следуваат.
– Дури и да немаше никакви несогласувања на релацијата Скопје – Атина околу употребата на името Република Македонија како лично човеково право, Грците ќе продолжеа да работат да ги адаптираат и да ги толкуваат сите точки од Преспанската спогодба онака како што тие мислат дека е за нив најдобро, а сега се во позиција уште пошироко да лобираат и да го прават тоа во рамките на светската организација. Тешко е да се предвиди какви чекори ќе се преземат, но едно е сигурно, се работи за моќна дипломатска армија што нема да ги остави работите слободно да си течат. На нас е да бидеме внимателни – заклучуваат соговорниците.


Герапетритис денеска во главниот град на Македонија на министерски состанок

Шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис денеска ќе учествува на Состанокот на министрите за надворешни работи и на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). Од Министерството за надворешни работи на Грција соопштија дека Герапетритис заминува за С. Македонија каде што ќе учествува на самитот и на министерскиот состанок во рамките на Процесот за соработка на Југоисточна Европа.