Прилеп – чекор напред во третманот на отпадот
Сите предложени фази за надградба на системот за управување со отпад во општината Прилеп се усвојуваат со поддршка и здушна соработка на локалното население. Чекорите се базираат на принципот минимални вложувања – максимален ефект, кој има голем одек и кај граѓаните и кај локалните власти, велат од ЈКП „Комуналец“.
– Приоритет за годинава ни е поставувањето на подземните контејнери, кои ќе го подобрат визуелниот изглед и ќе придонесат за заштита на животната средина и ќе ја подигнат културата на однесување во фрлањето отпад на повисоко ниво. Во насока на подобрување на системот се предлага посебен акцент да се стави на фазата на селектирање на отпадот на изворот на негово генерирање, со едукација на населението, односно оние што сѐ уште не се вклучени во процесот на селекција да започнат да ја практикуваат, зашто сакале ние или не, за многу брзо време ќе дојде и времето кога општината ќе мора да воведе задолжителна селекција на отпад, во согласност со законската регулатива. За да не дојде до тоа, ние ќе се трудиме преку разни информативни и едукативни форми да работиме на издигање на свеста за придобивките од селекцијата на отпадот, како кај граѓаните така и кај бизнис-секторот – вели директорот на ЈКП „Комуналец“, Рубин Абрашоски, притоа потенцирајќи дека прилепскиот модел за селекција на отпад веќе го препорачува и Министерството за животна средина и просторно планирање и им советува на општините да го следат.
Овие активности ќе придонесат за подготовка за идниот предизвик, односно депонирање само на некорисни отпадни материјали во идната регионална санитарна депонија. Од 2023 до 2025 година, според најавите од Министерството за животна средина, во општината Новаци треба да се гради санитарна регионална депонија, која со измените и прегрупирањето на регионите, освен отпадот што ќе се депонира од Пелагонискиот Регион, ќе се транспортира отпад и од Охрид, Дебар, па сѐ до Центар Жупа.
Општината Прилеп, за разлика од сите општини во Македонија, е на добар пат да го заврши започнатиот проект за секундарна селекција на отпад, кој опфаќа доизградба на започнатата хала, набавка на дробилка за градежен шут и изградба на компостара, како и моделирање на куќната селекција на отпад, потенцираат од ЈКП „Комуналец“.
– Селектираниот отпад од година на година е варијабилен. Сепак, просекот е дека „Комуналец“ на годишно ниво селектира од 900 до 1.000 тона отпадна хартија, 90 тона отпадна пет-амбалажа, педесетина тона отпаден најлон, како и разни видови пластика, боци, лименки, ролетни, пакувања од хемиски производи и др. И покрај количествата, а со оглед на падот на берзанската цена на отпадната пет-амбалажа, хартија и картон, кои го формираат процентот од селектираниот отпад, „Комуналец“ тешко ќе може да ги покрие трошоците што се прават во делот на собирање, транспорт, доселекција и балирање на пет-амбалажата. И покрај ваквата неповолна ситуација на светската берза, остануваат заложбите на комуналците да воведат ред во сортирањето на отпадните корисни материјали, да ја испочитуваат законската регулатива. „Комуналец“ нема расположливи големи финансиски средства за вложување во инвестиции, односно во моментов сите сили се насочени во подготовка на проекти и аплицирање пред ЕУ-фондовите – потенцира директорот Рубинчо Абрашоски, најавувајќи дека подготвува и апликации за проекти од Програмата за меѓугранична соработка со соседните држави.
За таа цел, од јавното претпријатие планираат обезбедување грантови за доизградба на фабриката за селекција на отпад, ставање во употреба и доопремување на линијата за секундарна селекција за отпад. Општината Прилеп е на добар пат, за разлика од сите други општини на ниво на држава, да продолжи со реализација на овој проект, преку анализа на системите за управување со отпад во развиените европски земји и презентираните можности за примена на таквите системи кај нас. Во секоја фаза на постојниот систем е потребно да се планира отстранување на слабите точки, надградба на секоја фаза посебно со воведување посовремени мерки, кои треба да се применуваат во Центарот за управување со отпад, кој е во фаза на градба, а кој предвидува линија за селекција на отпад, дробилка за градежен шут, а во иднина и изградба на мини-компостара за потребите на општината Прилеп. Ка.М.