Претседателите на НАТО земји-членки од Централна и Источна Европа, меѓу кои и претседателот Стево Пендаровски, дадоа заедничка пишана изјава во врска со одлуката на Русија за нелегално анектирање на украински територии во која повторно изразуваат поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
– Ние, претседателите од Централна и Источна Европа, од земји чиишто лидери го посетуваа Киев за време на војната и лично беа сведоци на последиците од руската агресија, не можеме да молчиме пред фрапантното прекршување на меѓународното право од страна на Руската Федерација и во таа насока ја даваме следнава изјава: Повторно ја изразуваме нашата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Не ги признаваме и никогаш нема да ги признаеме руските обиди за анектирање на која било украинска територија – се наведува во изјавата.
Цврсто стоиме, се посочува понатаму, на одлуката од НАТО Самитот во 2008 година во Букурешт за членството на Украина во иднина.
– Даваме целосна поддршка на Украина во својата одбрана од руската инвазија, бараме од Русија веднаш да се повлече од сите окупирани територии и ги охрабруваме сите сојузници значително да ја зголемат воената помош кон Украина. Секој што ќе изврши чин на агресија мора да сноси одговорност и да биде изведен пред правдата – стои во заедничката изјава.
На изјавата потпишани се Милош Земан, претседател на Чешката Република, Алар Карис, претседател на Република Естонија, претседателот на Република Латвија Егилс Левиц, Гитанас Науседа претседател на Република Литванија, Стево Пендаровски претседател на Република Македонија Мило Ѓукановиќ претседател на Република Црна Гора, Анджеј Дуда претседател на Република Полска Клаус Јоханис, претседател на Романија и Зузана Чапутова, претседателка на Словачката Република.