Најновите податоци на СЗО покажуваат дека во минатата недела смртноста од ковид-19 е опадната за 43 отсто. И бројот на нови случаи веќе втора недела едноподруго е во пад, со 16 проценти помалку случаи минатата недела за разлика од претходно. Во Македонија продолжува трендот на олабавување на мерките, а процените се дека влегуваме во помирна здравствена фаза, што навестува и можен крај на пандемијата
Влегуваме во помирна здравствена фаза
Комисијата за заразни болести на последниот редовен состанок предложи укинување на задолжителното носење маски во затворен простор. Од оваа мерка исклучок се здравствените установи, аптеките, домовите за стари лица и јавниот превоз, каде што останува задолжителното носење маски. Маските во сите други простории може да се носат само по желба на граѓаните, но задолжително носење не се практикува веќе.
Втората препорака на комисијата се однесува на следењето на контактите на потврдените ковид-случаи во земјава. Така, во иднина нема веќе да се следат контактите на заразените и нема да се препорачува изолација за нив. За да стапат во сила, препораките на Комисијата за заразни болести треба да ги одобри Владата на седница. Дали овие препораки се и најава дека доаѓа крај на пандемијата и дека веќе нема простор за стравување од ковид-19, кој повеќе од две години го измачува човештвото.
Очекувања и процени на епидемиолозите
Во наредниот период очекуваме помирна здравствена состојба што се однесува до ширењето на коронавирусот. Сите проекции се дека оди кон подобро, односно водат кон тоа да се намалува бројот на новозаболени лица. Сето тоа зависи од тоа дали нема да дојде до некоја нова поопасна мутација на вирусот. Во секој случај, Македонија има висок колективен имунитет, кој се чини скапо го плативме со големата смртност. Се надеваме на дополнително олабавување на мерките во наредниот период, во смисла да се укине и изолацијата за лицата што биле во контакт со заболено лице, но за заболените да има задолжителен карантин од седум дена. Во Германија останаа на мерката за карантин за новозаболените пациенти. Крајот на пандемијата со коронавирусот во овој дел од светот се наѕира, а таа ќе премине во ендемија, но можно е да има некои места во Европа со послаб интензитет на заболување – ни изјави микробиологот Никола Пановски.
Во однос на состојбата во Кина, тоа се должи на концептот што го применуваат здравствените власти од самиот почеток на држење на вирусот на нулта толеранција. Бројот на новозаболени лица во оваа земја е незначителен во однос на бројноста на кинеското население. Но, како што објаснува Пановски, кинескиот модел на воведување целосен карантин на цели градови е премногу скап и дополнителните анализи ќе покажат дали тој бил подобриот начин на справување со пандемијата на коронавирусот.
– Кина го нема стекнато природниот имунитет на населението. Сличен модел се применуваше и во Австралија, но овие модели се прескапи за нивно спроведување и не се применливи за земји како што е Македонија, поради големите економски штети што би се предизвикале со воведување на тоталниот карантин на населението во загрозените подрачја – вели Пановски.
Пад на бројот на нови случаи е забележан во сите шест глобални региони на СЗО
Над десет милиони лица се заразени со коронавирус минатата недела, а починале над 26.000, соопшти Светската здравствена организација. СЗО наведува дека во минатата недела смртноста од ковид-19 е опадната за 43 отсто.
– По порастот забележан во првата половина од март, бројот на нови ковид-случаи веќе втора недела едноподруго е во пад, со 16 проценти помалку случаи во неделата од 28 март до 3 април во однос на седмицата пред тоа – се наведува во извештајот на СЗО.
Во овој период имало вкупно 10.351.818 нови инфекции и 26.285 смртни случаи.
Пад на бројот на нови случаи е забележан во сите шест глобални региони на СЗО, особено во Африка, Европа и Западен Пацифик.
Кина вчера објави дека има нови 20 илјади заболени лица, а најмногу од нив се од Шангај, кој е ново жариште на епидемијата. Градските власти планираат да отворат ковид-болница со 40.000 места, пренесоа светските агенции. М.Ј.