Фото: Игор Бансколиев

Голем број експерти предупредуваат дека иако подрачјето на мерењето на демократијата во изминативе 70 години се развило во цела низа високософистицирани
теории и методологии, тоа и понатаму се соочува со некои проблеми, од концептуализацијата на нормативите, па до примената на индексите

Рангирањето на Македонија во групата „демократски земји со недостатоци“ како повод

Во ситуација кога глобалните безбедносни закани, какви што се долготрајната пандемија на коронавирусот и голем број други пандемии во најава, сѐ поинтензивните миграции предизвикани од климатските промени и меѓудржавните судири, каков што е тој помеѓу Русија и Украина, резултираат со сѐ уште несогледливи последици врз претходно воспоставените стандарди и текови, вообичаените извештаи за индексите и за перцепцијата на демократијата во одделни земји не само што се потиснати во категоријата „секундарни“ вести туку станаа предмет и на голем број релативизации.

Се менува и перцепцијата за тоа што претставува демократијата?

Македонија, се разбира, не само што ни овој пат не остана надвор од траекторијата на глобалните случувања туку и, како со своевиден „ексклузивитет“, може да се пофали со актуелнaта дебата за потребата од одржување референдум за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија.
А токму во јавноста деновиве најприсутните крајно спротивставени мислења за потребата од одржување на споменатиот референдум, како една од главните форми на непосредната демократија, но и претстојното одбележување на Меѓународен ден на демократијата – 15 Септември, ја наметнуваат потребата од преиспитување на индексите и перцепциите за нивото на демократија со кои во текот на изминативе години беше оценувана Македонија.
Во однос на најновата референдумска иницијатива на опозицијата, во земјава преовладува мислењето дека, без оглед на нејзиниот исход, понатамошниот развој на настаните ќе има значителни импликации врз оцените за демократскиот капацитет на владејачката структура.
– Тоа ќе биде тест за способноста на власта да ја издвои својата административна од својата политичка улога – смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Од „хибриден режим“ минавме во „нецелосна демократија“

За потсетување, угледното списание „Економист“ на почетокот од годинава, во својот Индекс на демократија за 2021 година, ја рангира Македонија во групата „демократски земји со недостатоци“, или како „нецелосна демократија“, што претставуваше искачување за едно ниво погоре во однос на претходното рангирање на земјава како „хибриден режим“.
„Економист“ ја рангирал состојбата со демократијата во 167 земји врз основа на пет мерења: изборниот процес и плурализмот, функционирањето на владата, политичкото учество, демократската политичка култура и граѓанските слободи.
Сепак, голем број експерти предупредуваат дека, и покрај тоа што подрачјето на мерењето на демократијата во изминативе 70 години се развило во цела низа високософистицирани теории и методологии, тоа и понатаму се соочува со некои проблеми.
Според нив, како прво, проблематична е концептуализацијата на нормативните термини, при што се поставува прашањето што воопшто е демократија. Како второ, сѐ уште е присутен проблемот со нејзиното мерење поради дилемата дали порелевантно е мислењето на струката или на јавноста. И како трето, постои проблем со примената на индексите на демократијата. За жал, целокупниот развој во изминативе години не доведе до јасни дефиниции на демократијата и до соодветни теоретски алатки за нејзиното мерење.

Редефинирање на процесот на демократизација

Некои од нив одат и понатаму и се залагаат за редефинирање на процесот на демократизација, особено во изминативе години, кога сѐ почесто се говори за ерозија на демократијата дури и во оние земји што, до пред извесно време, беа сметани за консолидирани демократии. Дополнително, како проблем се посочува тоа што самата дефиниција за консолидирана демократија претставува превисок праг за помладите демократии, каква што е македонската, и на некој начин ги идеализира старите демократии, кои меѓусебно понекогаш и значително се разликуваат кога се имаат предвид утврдените критериуми.
– Поимот на консолидирањето на демократијата повеќе му пречи отколку што го олеснува разбирањето на демократизацијата, со тоа што се додава уште едно непотребно ниво на теориската анализа. Освен што непотребно се создава терминолошки хаос во областа во која веќе постои широкоприфатениот концептуален апарат, се отежнуваат и емпириските истражувања на современата демократизација. Силниот телеолошки набој на поимот консолидирање на демократијата создава нереални очекувања дека во некои земји во мошне краток рок ќе дојде до кревање на квалитетот на демократијата, а неисполнувањето на таквите очекувања, кое неизбежно претстои, резултира со разочарувања и со предимензионирање на разликите помеѓу старите и новите демократии, но и на проблемите со кои се соочуваат последниве – констатира Небојша Владисављевиќ од Факултетот за политички науки во Белград.
Инаку, споменатото рангирање на „Економист“ покажало дека повеќе од една третина од светската популација живее во авторитарни режими, додека само 6,4 отсто живеат во таканаречената целосна демократија.
За потсетување, индексот на демократија ги рангира земјите во четири групи: авторитарни режими, хибридни режими, демократски земји со недостатоци и целосни демократии. Први на ранг-листата за минатата година беа Норвешка, Нов Зеланд, Финска, Шведска и Исланд, додека најслабо рангирани беа авторитарните режими на Централноафриканската Република, ДР Конго, Северна Кореја, Мјанмар и Авганистан.
Македонија за една година успеала да се искачи за пет места на светската ранг-листа и во моментот на рангирањето се наоѓала на 73-то место, а во 2020-та била на 78-то место.
Резултатите од минатогодишната анкета на Националниот демократски институт (НДИ) од Скопје, пак, покажуваат дека граѓаните на Македонија, иако веруваат во демократијата, сепак се скептични дека се остварливи нејзините основни принципи, пред сѐ владеењето на правото. Д.М.М.