Фото: Игор Бансколиев

Европратениците: Тонино Пицула, Тања Фајон, Изабел Сантош, Андреас Шидер, Дитмар Кестер и Деметрис Пападакис, речиси извикувачки во насловот на нивниот текст во „Еуобсервер“ ја предупредуваат ЕУ да се разбуди кога станува збор за Западен Балкан, но и дека ги прекршила ветувањата дадени на Македонија

ЕУ-пратеници со отворено писмо до Унијата
за својата недоследност кон Западен Балкан

Темата за проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан, со украинскиот конфликт, како сѐ повеќе да паѓа во длабока сенка со геополитичкиот предизвик на воените дејства во Украина и сложените економско-енергетски односи на ЕУ со Русија. Сепак, актуелните тектонски геополитички поместувања, како и улогата на самата ЕУ во нив, не треба да бидат оправдување за неисполнетите ветувања на Унијата спрема регионот на Балканот, вклучувајќи и спрема Македонија. За ова гласно предупредуваат и шестмина европратеници во јавно писмо во европскиот медиум „Еуобсервер“.

Колку пати ЕУ ѝ вети на Македонија…

Европратениците: Тонино Пицула, Тања Фајон, Изабел Сантош, Андреас Шидер, Дитмар Кестер и Деметрис Пападакис, речиси извикувачки ја предупредуваат ЕУ да се разбуди кога станува збор за Западен Балкан, но и дека ги прекршила ветувањата дадени на Македонија.
– На пример, перцепциите за ЕУ како најголем сојузник на С. Македонија одеднаш паднаа од 43,2 отсто во 2019 година на 13,1 отсто во 2021 година, според институтот за демократија „Социетас цивилис“. Една од причините за тоа е неактивноста на Европа. Или уште полошо: неисполнети ветувања.
Кога Атина и Скопје се договорија за историскиот договор од Преспа пред четири години за да го решат 27-годишниот спор што беше само површно за името на С. Македонија, тоа отвори возбудлива можност да се започне со доведување на Западен Балкан во палатата на Унијата и, со тоа, да се сее семе на мир и просперитет за милиони луѓе.
Но не си го одржавме зборот! ЕУ сè уште нема отворено пристапни преговори ниту со С. Македонија ниту со Албанија, иако постојано повторува дека двете земји направиле сѐ што баравме од нив за да ги започнат преговорите.
Војната на Путин против Украина и европските вредности мора да бидат повик за будење за ЕУ итно повторно да се посвети на Западен Балкан.
Понатамошното одложување на процесот на проширување на ЕУ ќе го направи регионот поранлив. Неколку регионални и глобални сили имаат растечки политички и финансиски интерес да ги попречат европските амбиции на сите шест републики од Западен Балкан… Но, во секој случај, Европа не треба да се откаже од регионот. Повеќе од кога било, ни требаат посветеност и акција на ЕУ на Западен Балкан… Ги повикуваме шефовите на држави и влади на Европската Унија конечно да ги отворат пристапните преговори со Скопје и со Тирана – пишуваат шестемина европратеници во „Еуобсервер“.

Зошто клучот за Македонија во ЕУ и понатаму да е во Софија

Апелот на европратениците, со призвук на предупредување до ЕУ, во Македонија повеќе се восприема како сигнал дека во Брисел и во Стразбур сѐ уште има одредена грижа на совеста за неисполнетите ветувања за евроинтеграциите на земјава, како и на целиот регион. Но и понатаму е голема резервираноста дека тоа може да предизвика поголем пресврт во придвижување на процесот на проширување.
– Секој сигнал и повикување на совеста на ЕУ спрема ветувањата дадени на Македонија, и на регионот, треба да се восприеми како пријателски гест. Гледано во реален контекст, тоа повеќе придонесува во градење атмосфера на поддршка за проширувањето, како и потсетување за ЕУ да не ги потисне од своите приоритети ветувања спрема Западен Балкан, под притисокот на новите геополитички предизвици. Но ваквите гестови, сепак, немаат влијание во носењето одлука за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. За таква одлука, сепак клучот и понатаму останува во рацете на Бугарија – вели поранешниот амбасадор и вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски, нагласувајќи дека реакциите на докажаните поддржувачи и пријатели на Македонија во Европскиот парламент и во европските институции се секогаш во интерес на процесот на проширување и на европските вредности.

ЕУ да прифати дека Западен Балкан, сепак, е Европа

– Иднината на Западен Балкан лежи во Европската Унија, во владеењето на правото, либералната демократија, социјалната правда и иновативната енергија на отвореното општество. Членството во ЕУ и, што е најважно, темелните и амбициозни преговори на патот кон него ја нудат единствената гаранција дека граѓаните на шесте нации во одреден момент, во не толку далечна иднина, ќе ги уживаат овие придобивки. Европа не смее да ги разочара – поентираат на крајот од својот текст од „Еуобсервер“ шестемина европратеници, поддржувачи на проширувањето на Унијата.
Претходно, и францускиот претседател Емануел Макрон (кој в недела излегува на избори за втор мандат во својата земја), при преземањето на актуелното претседателство со ЕУ, го афирмираше ставот дека „Западен Балкан е во срцето на Европа“. Во меѓувреме, започна руско-украинскиот конфликт, кој првично отвори иницијативи за некаков брз почеток на евроинтеграциите на Украина, а во тој пакет и можноста за ставање на Западен Балкан на побрз колосек. Сепак, таквите идеи беа уште брзо распрснати од самата ЕУ, како за Украина така и за Западен Балкан.
– Пресвртот во политиката на проширување на ЕУ ќе се случи кога Унијата ќе прифати дека Македонија и земјите од регионот се Европа. Ваква каква што е Европската Унија, како политичко-административен формат, сепак не е целосна Европа и иако не сака да признае тоа и е голема слабост – од безбедносен, политичко-принципиелен и од економски аспект. Тоа стана уште поизразено видливо, токму во контекстот на позиционирањето на ЕУ во одговорите на геополитичкиот предизвик што го наметна руско-украинскиот конфликт. Но и покрај видливите слабости, се чини дека ЕУ и понатаму се колеба во својата политика на проширување, што во Македонија се изразува со драстично опаѓање на довербата на јавноста во ЕУ, а во земјите од регионот и со посамостојно водење на политиките, без многу да се води сметка за усогласеност со политиките на Унијата. Во Македонија можеби не е изгубена вербата за добивање датум за почеток на преговори, но уште појасно е дека тоа не значи речиси ништо за остварување на крајната цел – полноправно членство. Изразувањето поддршка за проширувањето на Унијата од претставници на ЕУ и ЕП, иако веќе слушнато и видено има симпатично значење, но и за ЕУ, и за Македонија е потребен исчекор во смисла дека Европската Унија ќе биде релевантен геополитички фактор со сите земји што географски ја прават Европа – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.