Фото: Игор Бансколиев

Спикерот на парламентот Талат Џафери, како прв парламентарец, зад себе има долга листа на прекршувања на Уставот и законите. Последните примери со негово присуство на партиски собири на ДУИ само покажуваат дека Џафери е далеку од улогата што ја има како претседател на парламентот, туку повеќе дејствува како партиски функционер. Во продолжение издвојуваме само дел од случаите каде што Џафери постапил спротивно од законските одредби, според оцените на правните експерти

АНАЛИЗА: ДОЛГА ЛИСТАТА НА ПРОТИВПРАВНО ДЕЈСТВУВАЊЕ НА СПИКЕРОТ ТАЛАТ ЏАФЕРИ

Македонското собрание ја започна годината обременето со старите болки, како неефикасност, незакажување седници, неможност да се обезбеди кворум за работа, некоординираност и неефикасност во носењето на законите, ниско ниво на парламентарна дебата и уште многу други проблеми. Во меѓувреме првиот парламентарец Талат Џафери, наместо сериозно да се посвети на средување на состојбите во законодавниот дом, спроведува партиска агенда флагрантно прекршувајќи ги законите и Уставот.
Последните примери со присуството на претседателот на македонското собрание на партиски собири на ДУИ покажаа дека Џафери е далеку од улогата што ја има како претседател на парламентот, туку повеќе дејствува како партиски функционер, кому партијата му е поважна од институција што ја предводи и која како надзорен и контролен орган на секоја власт треба да игра исклучително важна улога во државата. Но токму спикерот Џафери и преку лични примери покажува непочитување на дигнитетот и улогата на Собранието како законодавен дом, а истовремено со своите постапки ги прекршува и Уставот и законите.
– Сојузот што го направивме со Ахмети е сојуз со нашата младина, а другиот сојуз е со народот – порача Џафери во обраќањето на партиска трибина во Гостивар.
Со ваквите партиски настапи претседателот на Собранието директно го прекршува членот 67 од Уставот, во кој јасно се посочени неговите надлежности.
– Претседателот на Собранието го претставува Собранието, се грижи за примена на Деловникот на Собранието и врши други работи утврдени со Уставот и со Деловникот на Собранието. Функцијата претседател на Собранието е неспојлива со вршење друга јавна функција, професија или функција во политичка партија – се наведува во овој уставен член.
И додека Џафери не води премногу сметка кога тој ги прекршува Уставот и законите, истовремено си зема за слобода да изнесува лично толкување и на највисокиот правен акт во земјава, на собранискиот деловник, како и на самите закони.
– Претседател, кому етничките му се пред националните интереси и не го почитува Уставот на Република Македонија не е претседател на собрание… Талат Џафери грубо го прекршува Уставот со секојдневно појавување на партиски трибини, слугувајќи му на Али Ахмети, наместо да си ја врши функцијата претседател на Собранието – порачуваат од опозицијата.

Ова не му е првпат на претседателот на Собранието да излегува надвор од своите надлежности. Во септември минатата година тој ја отфрли иницијативата за референдум за поништување на договорот со Бугарија на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, врз основа на лична процена дека е неуставна, прекршувајќи ги процедурите што налагаат тој само да ја проследи иницијативата до надлежните собраниски тела и тие да оценат дали таа е уредна и дали е во согласност со Уставот.
Откако на своја рака и по слободно толкување ја одби иницијативата како противуставна, следуваше нова иницијатива за референдум, поднесена од Левица, која иако законски требаше да ја проследи до соодветните собраниски тела, Џафери повторно го прекрши собранискиот деловник и упорно ја чува во фиока.
Претседателот на Собранието го прекрши Уставот и во октомври минатата година, кога беше избран за член на претседателството на ДУИ, без оглед што според уставните норми, тој треба да ги замрзне партиските активности.
Во јули 2022 година Џафери преживеа интерпелација токму поради забелешките дека постојано ги прекршува Деловникот и законите, проблеми што ги забележа и меѓународниот фактор, кој инсистира на носење нов собраниски деловник, со кој ќе се спречи негово слободно толкување, како што е практика сега и поради што Собранието е целосно нефункционално.
Во мај минатата година собранискиот спикер вербално и со пцости ги нападна службениците во законодавниот дом, нарушувајќи го угледот на функцијата претседател на собрание, која во согласност со законите има обврска да ја брани и чува. Ако на тоа се додаде неговата лична одлука да се затвораат вратите на пратениците, да се повикува обезбедувањето, впечатокот што се остава за неговото работење е далеку од идеален и далеку од законски предвидените овластувања..
Во јуни 2021 година Џафери повторно го прекрши македонскиот Устав, кога на Комитетот за надворешни работи во Брисел, во рамките на самитот „Европски парламент – Западен Балкан“, се обрати на албански јазик, имајќи го предвид тоа дека македонскиот јазик со своето кирилско писмо, според Уставот, е службен јазик, како на целата територија во државата, така и во меѓународните односи.
Кога првиот парламентарец тера партиска агенда спротивно на законите, Деловникот и Уставот, тогаш и работата на самото Собрание ќе биде далеку од некакви европски критериуми, за што веќе и стигна првиот негативен извештај од Европската комисија минатата година.
Познавачите на уставноправниот поредок се категорични дека Џафери флагрантно го прекршува Уставот и дека негова работа е да се грижи за Собранието.
– Тој е претседател на Собранието и треба да работи во интерес на законодавниот дом. Тоа значи да ги отстрани сите забелешки за работењето што беа забележани во извештајот на ЕК и да го подигне урнисаниот углед на оваа институција, а не да шета по партиски трибини – нагласуваат соговорниците.