Македонијо, „добри гости“ ти дојдоа?

Сите досегашни гостување на политичари од Бугарија во Македонија беа обележени со отворени провокации и навреди и со искажување територијални претензии кон нашата држава од страна на гостите од Бугарија. И за ова има редица примери. Сега во најава е нова тура на гости, кои би дошле да се поклонат на гробот на Гоце Делчев. И отворено се наметнува прашањето може ли волкот да го смени карактерот. Ќе продолжи ли трендот на бугарски провокации или, конечно, еве шанса поклонувањето на бугарските граѓани пред македонскиот револуционер Гоце Делчев да биде вистински израз на добронамерност и пријателство на гостите спрема домаќинот, но наедно и бугарско признавање на улогата на македонскиот револуционер во создавањето и посебноста на македонската држава. И, конечно, ќе преовладее ли разумот пред провокациите кај нашите соседи

Онаа форма на социјализација со одење-доаѓање по дома, граматички претставена со глаголската именка „гостување“, како базичен принцип за нејзино спроведување подразбира добронамерност и пријателски односи. Во современава цивилизација постојат напишани и непишани правила за изведување на гостувањата, како на оние лични меѓучовечки посети (социјален бонтон), особено пак за оние меѓудржавни и формални гостувања (прописи и регулативи за престој, како и протоколи). Сите тие, и напишани и непишани правила за гостување, се сведуваат на премисата дека треба да се почитуваат интегритетот и достоинството на домаќинот, кој со отворањето на портите на својот дом (куќа или држава) покажува доверба во добронамерноста на гостите.
Но во политиката веројатно работите не се исти како во народната песна „Домаќине, добри гости ти дојдоа“. Политичарите и гостите од соседството не само што не ги почитуваат достоинството и интегритетот на домаќинот туку се дрзнуваат и да провоцираат, навредуваат, асимилираат, разурнуваат и да ги манифестираат сите други облици на насилничко, недемократско и нецивилизациско однесување. Еве, минатата сабота, на Василица, да не го вклучев телевизорот, немаше да знам дека во Скопје повторно, на 14 јануари, ни дошле гости од Бугарија, иако неколкупати во истиот ден, а отприлика и ист период од денот, поминав на местата каде што и тие парадирале. Првото рефлексно објаснување е дека сме се разминале, а тие, гостите, па и не се најавиле. Навистина, познато ни е нам во Македонија дека овие бугарски гости имаат обичај ненајавено, на 14 јануари, да парадираат покрај кејот на Вардар. Ама, пак, еден ум (македонски) и за празник и за делник, никако да запамети дека тој ден во Скопје некој сака да право шоу од големобугарските фрустрации од македонското самостојно постоење.

Сознанието дека сме се разминале со „гостите“, стекнато од консумација на телевизиската програма, пак, од друга страна, оди во прилог на една забавна теорија од времето пред доминацијата на социјалните мрежи, дека – она што го немало на телевизија, не се ни случило. Токму затоа „гостите“ се погрижија да не поминат незабележано, како некои маргиналци, па повторувајќи ги навредливите, фашизоидно-големобугарски пароли за Македонија и Македонците здушно се потрудија да докажат дека го заслужуваат статусот „персона нон грата“ (непожелна личност). Веројатно за еден бугарски политичар со деструктивни националистичко-фашистички амбиции попрестижен статус е „персона нон грата“ од „маргиналец“. Но, како и да е, овие недобронамерни гости од Бугарија дошле единствено со намера среде Скопје да манифестираат фашизам, национализам и територијални претензии кон Македонија.
Стратегијата на идентитетско-историски провокации на бугарските политичари спрема Македонија и Македонците евидентно стана поагресивна од потпишувањето на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција. Бугарија тогаш одлучи да ја активира клаузулата за „заедничка историја“ од Договорот за добрососедство, потпишан една година пред Преспанскиот договор, со идеја да ги издејствува своите вековни национално-територијални аспирации спрема Македонија, со истите „европски“ методи со вето во ЕУ како што правеше претходно Грција. Агресивноста во провокациите на бугарската политика премина на уште повисоко ниво со издејствувањето на т.н. француски предлог на преговарачката рамка за Македонија со ЕУ, со која се бара во македонскиот устав да се внесе непостојно бугарско малцинство. Провокациите продолжуваат со формирање квазикултурни клубови во Македонија, од македонски граѓани со бугарско самочувство, тенденциозно именувани според историски личности со биографија на политичко дејствување од позиции на антимакедонство и нацифашизам.

Бугарската програма за гостувачки провокации во Македонија по сѐ изгледа е под „висок напон“, па извесната фондација „Македонија“ од неодамна упатува покани до сите Бугари, бугарски политички партии и невладини организации заедно да прослават 151 година од раѓањето на Гоце Делчев“. Фондацијата дури ќе обезбеди и организиран превоз на 4 февруари годинава за сите од Бугарија што ќе сакаат да се поклонат на гробот на Гоце Делчев во Скопје.
И повторно да се навратиме на бонтонот при гостување. Македонија, како демократска држава, а и според познатата македонска традицијата на гостопримство, е отворена земја за гости и мошне толерантна во настојувањата да ги препознае и пронајде нивните добри намери, дури и кога се тешко видливи и со микроскоп. И на овој 4 февруари, во Македонија се добредојдени сите што сакаат да му оддадат почит на денот на раѓањето на МАКЕДОНСКИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР Гоце Делчев. Дури и сите од автобусите на односната фондација од Бугарија, маскирани како туристи, па и целиот бугарски државен врв, можеби треба да се поклонат пред гробот на великанот македонски револуционер, кој се борел за самостојна и независна Македонија. Поклонувањето на бугарските граѓани пред македонскиот револуционер Гоце Делчев, без националфашистички провокации, би било вистинскиот израз на добронамерност и пријателство на гостите спрема домаќините, квалитетен чин на добрососедство, кое не мора да се заверува со договори под европска уцена, и конечно – шанса за нов почеток на искрено пријателство, без скриени намери, меѓу Македонија и Бугарија. Предизвикот за цивилизирано и културно гостување во Македонија, на 4 февруари, е пред сите од Бугарија, „граѓани, бугарски политички партии, невладини организации“, наместо да доаѓаат со провокативни навреди за Македонија и Македонците.