Средбите на претседателката Гордана Силјановска-Давкова со лидерите од регионот во рамките на состанокот во процесот Брдо-Бриони искористени за стекнување поддршка за македонските евроинтеграции
Брдо-Бриони искористен за придобивање сојузници во регионот за надминување на пречките за евроинтеграциите
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова и словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар размениле мислења и информации за македонските евроинтеграци, на нивната вчерашна средба во Тиват, Црна Гора, каде што учествуваат на состанокот на лидерите на земјите учеснички во процесот Брдо-Бриони.
Истакнувајќи дека Европската Унија врши притисок врз земјите членки, кога тоа е потребно, во многу други случаи, претседателката Силјановска-Давкова порачала дека во нашата ситуација се неопходни лидери и земји што ја разбираат македонската позиција, кои ќе помогнат да се осигуриме дека нашиот глас јасно ќе се слушне во наредниот период. Претседателката нагласила дека е време да се потенцираат критериумите од Копенхаген во процесот на интеграција во ЕУ и да се потврди јасната посветеност на регионот, како што соопшти претседателскиот кабинет.
Силјановска-Давкова упатила и искрена благодарност за силната и отворена словенечка поддршка за македонската европска интеграција истакнувајќи дека процесот не смее да биде заложник на билатералните прашања.
Претседателката Силјановска-Давкова во Тиват остварила средба и со претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, на која исто така било разговарано за македонските евроинтеграции и континуираната хрватска поддршка.
Во таа насока претседателката Силјановска-Давкова истакнала дека евроинтегративниот процес мора да се ослободи од оковите на билатералните прашања и целосно да се дебилатеризира, посочувајќи на опасноста од зголемување на евроскептицизмот поради актуелниот ќор-сокак во кој се наоѓа процесот.
Претседателката Силјановска-Давкова посочила на потребата Европската Унија да ја потврди својата јасна посветеност на регионот, како што беше направено на самитот во Солун во 2003 година, а процесот на интеграција да се базира на исполнување на критериумите од Копенхаген како единствени услови за влез во Унијата. Н.М.