Поради утврдени неправилности на изборите на 8 мај, ДИК побара повторување на процесот

Денеска ќе има прегласување на седум избирачки места во петтата и во шестата изборна единица за парламентарните избори што се одржаа на 8 мај, додека вчера гласаа болните и изнемоштените лица што се запишани во овие избирачки места каде што се повторува гласањето.
Во периодот од 7 до 19 часот ќе се прегласува на по две избирачки места во Крушево и во Долнени и на по едно избирачко место во Струга, Охрид и во Желино. Одлуката за прегласување на сите седум избирачки места ја донесе Државната изборна комисија откако Управниот суд ги одби како неосновани сите седум тужби против решенијата на Државната изборна комисија.
На сите овие избирачки места, комисијата ги разреши и претседателите, замениците и членовите на избирачките одбори. Еден ден пред изборниот молк, пак, вчера, Државната изборна комисија информираше дека е подготвена за прегласување на седумте избирачки места, како од технички и организациски аспект така и во однос на надзорот. С.Т.