Фото:Архива

Обидот на ЕУ преку дијалогот „Жан Моне“ некако да помогне да се воспостават некаков ред и култура на однесување во Собранието не дава плод, туку сесиите во рамките на овој дијалог пратениците наместо да ги искористат за стекнување искуства од постарите демократии, повеќе ги користат само да прошетаат и да се сликаат

Во Франција одржан уште еден дијалог
„Жан Моне“ за воспоставување ред,
парламентаризам, толеранција
и ефикасност во нашето собрание

Блокирани закони, постојана злоупотреба на европското знаменце, ниско ниво на ефикасност и парламентарна култура, лоши извештаи на Европската комисија, вербални конфликти на раб на инцидент, се само еден мал дел од забелешките со кои може да се опише работата на македонското собрание со години.
Сите овие недостатоци наместо да се отстрануваат, само дополнително се дополнуваат со нови негативни практики, кои уште повеќе ја опструираат работата на Собранието и целосно ја девалвираат неговата улога како храм на демократијата.
Обидот на ЕУ преку дијалогот „Жан Моне“ некако да помогне да се воспостават некаков ред и култура на однесување во Собранието не дава плод, туку сесиите во рамките на овој дијалог пратениците наместо да ги искористат за стекнување искуства од постарите демократии, повеќе ги користат само да прошетаат и да се сликаат.
Така е и овој пат, кога голема собраниска делегација предводена од претседателот на Собранието, Талат Џафери, учествуваше на четвртиот „Жан Моне дијалог на Собранието со Европскиот парламент“, кој се одржа од 7 до 9 декември во куќата на Жан Моне во Базош сур Гијон, Франција. Во собраниската делегација, покрај Џафери, беа и потпретседателот на Собранието, Хусни Исмаили, координаторите на пратеничките групи на СДСМ, Јован Митрески, и на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески, координаторот на ДУИ, Арбер Адеми, координаторот на Алијанса за Албанците, Атнан Незири, Сафије Садики Шаини од Алтернатива, Фадил Зендели од движењето „Беса“, членовите на Работната група за учество во дијалогот „Жан Моне“ и надворешните експерти, како и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, со стручната служба на Собранието.
Несомнено оваа поголема собраниска експедиција имаше добра можност уште еднаш да прошета до Франција со народни пари, но она што е клучно за граѓаните од овој дијалог „Жан Моне“ е тоа дали конечно во земјава ќе профункционира вистинска парламентарна демократија, кога пратениците ќе ги застапуваат интересите на граѓаните, а нема да бидат обична гласачка машинерија во служба на Владата и на партиските лидери.
Некои од аналитичарите сметаат дека иницијативите како процесот „Жан Моне“ се добредојдени, но не очекуваат дека тие ќе дадат некакви резултати со оглед на менталитетот на македонските политичари и нивната незаинтересираност да ги спроведат европските препораки.
– Секоја иницијатива како оваа (процесот „Жан Моне“) е добредојдена, иако не верувам дека ќе донесе битни, а особено не битни/големи резултати. Па, така, процесот „Жан Моне“ може само малку да ги помести и поттурне работите, но не може многу да ја смени ситуацијата, бидејќи проблемите се многу подлабоки затоа што партиските интереси и натаму остануваат приоритетни над државните и граѓанските – велат аналитичарите запознаени со процесот „Жан Моне“.
Според нив, дијалогот „Жан Моне“ придонел околу некои усогласувања на спротивставените ставови на партиите, но она што било договорено, никогаш не било ефектуирано. С.Т.