Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пендаровски: Да ги надминеме поделбите и да се обединиме околу заедничката цел – демократска и функционална правна држава

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба во која вели дека како и пред 130 години, така и сега мора да ги надминеме поделбите и да се обединиме околу заедничката цел – демократска и функционална правна држава со еднакви можности за достоинствен живот и напредок на секој нејзин граѓанин.

– На овој ден, пред точно 130 години, шестмина млади луѓе ја основаа македонската револуционерна организација која успеа да ги обедини најхрабрите и најобразованите луѓе на своето време околу една заедничка цел – слободна македонска држава. Оваа млада и напредна генерација успеа да ја зацврсти вербата на македонскиот народ дека само со сопствени сили може да се избори за слобода и правда – вели Пендаровски во честитката.

Иако, како што нагласува претседателот, поради соседните пропаганди, притисоци и аспирации нашата револуционерна борба имаше и успеси и падови, целта остана иста. Илинденското востание ја даде Крушевската Република, a, Народноослободителната и антифашистичка борба државотворниот АСНОМ.

– Како што борбата на револуционерната генерација беше за слободна и праведна држава, така нашата борба денес мора да биде против корупцијата, непотизмот и криминалот што раѓаат недоверба, социјална неправда и масовно иселување на младите. Како и пред 130 години, така и ние мора да ги надминеме нашите поделби и да се обединиме околу заедничката цел – демократска и функционална правна држава со еднакви можности за достоинствен живот и напредок на секој нејзин граѓанин – истакнува Пендаровски во честитката по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.


Ковачевски: Вековниот идеал за независност е денешен мотив, од Македонија да создадеме европска и напредна држава

Премиерот Димитар Ковачевски упати честитка по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.

Ковачевски порачува дека континуитетот на борбата за слобода и придонесот на револуционерите во реализирањето на вековниот идеал за независна македонска држава е денешен мотив да создадеме европска и напредна држава.

-На денешниот Ден на македонската револуционерна борба гордо ги спомнуваме македонските револуционери и нивниот стремеж, истрајност и исклучителна храброст во борбата за слобода, сувереност, независност и македонска државност. Континуитетот на борбата за слобода и придонесот на револуционерите во реализирањето на вековниот идеал за независна македонска држава е денешен мотив, од Република Северна Македонија да создадеме европска и напредна држава. Обединети, храбро и со забрзан чекор да продолжиме по европскиот пат и да обезбедиме прогресивна иднина за нашите деца. Нека е честит 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба – наведува премиерот во честитката објавена на неговиот фејсбук профил.


Мицкоски: Време е како пред 130 години да се обединиме под знамето на Македонија и да тргнеме напред

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

– 23 Октомври е датум кој во нашата колективна меморија е врежан како датум кога за прв пат македонскиот народ се организирал во организација за борба за слободна и независна држава. Формирањето на МРО, кое подоцна ќе прерасне и во народот ќе остане запаметено како ВМРО е симболот на пркос на Македонецот, воден од желбата за подобро утре – истакнува Мицкоски.

И денес, како и тогаш на тој 23 октомври 1893 година, како што вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, ни е потребен тој пркос и желба за подобро утре, зошто политиките на власта удираат по темелите на општеството, ја разјадуваат државата и ги бркаат луѓето од своите домови во странство.

– Време е како пред 130 години да се обединиме под знамето на Македонија и да тргнеме напред, да и кажеме не, на власта која не турка надолу, и да го реализираме сонот за просперитетна држава. Ако на основачите на ВМРО им било важно формирање на македонска држава. На нас нивните следбеници важно ни е Македонија да биде просперитетна држава, каде ќе владее правото и секоја индивидуа ќе има еднаква шанса за успех. На ВМРО-ДПМНЕ и на мене лично важно ни е Македонија да напредува и достигнува нови височини – истакнува Мицкоски во честитката по повод Денот на македонската револуционерна борба.


Џафери: Старите битки да бидат потсетник на новите секојдневни битки што ги водиме

Претседателот на Собранието, Талат Џафери упати честитка по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.

Како што наведува Џафери, споменот на старите битки кои не довеле до тоа што сме сега, треба да биде потсетник и учител за новите секојдневни битки кои ги водиме како граѓани на современа, демократска, напредна и безбедна Македонија.

– Од име на Собранието на Република Северна Македонија и од мое лично име упатувам честитки по повод државниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Овој ден е споменик на револуционерната идеја која водела низ битки во кои многумина го положиле најскапоценото, животот. Затоа што знаеле дека револуцијата е раскрсница помеѓу иднината и минатото. Тие верувале во слободна, независна, единствена и напредна држава во која секој ќе може да ја гради својата иднина и иднината на своите млади поколенија горделиво и достоинствено. За тоа била потребна и се уште е потребна пожртвуваност, верба и визија за во иднина да се уживаат плодовите на битките низ историјата. Споменот на старите битки кои не довеле до тоа што сме сега, нека биде потсетник и наш учител за новите секојдневни битки кои ги водиме во животот заедно, сплотени и единствени како граѓани на современа, демократска, напредна и безбедна Република Северна Македонија. Драги граѓани, Ви посакувам убав празничен ден, поминат во кругот на блиските и драги луѓе. Нека е честит 23 Октомври – истакнува Џафери во честитката.


Спасовски: Продолжуваме по европскиот пат во интерес на сите граѓани

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски упати честитка по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

– Честит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, кога организираното македонско револуционерно движење, преку Илинден 1903, Крушевската Република и преку НОВ и АСНОМ, резултираше со создавање самостојна македонска држава. Продолжуваме по европскиот пат, во интерес на сите граѓани, за демократска и просперитетна Република Северна Македонија – напиша Спасовски во честитката.