Фото: Архива

Поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски, преку социјалните мрежи порача дека ништо од неговиот имот не запленето и национализирано.

Иако во минатото во повеќе наврати кажав и детално објаснив, со оглед дека власта и нејзините блиски медиуми ја актуализираа темата деновиве, сакам да повторам дека ништо не е запленето и национализирано од мене, односно нешто што била моја сопственост – пишува Груевски.

– Она што власта го направи е што изврши доволно силен притисок, уцена и закана за големи последици за нив лично и за нивниот бизнис, кон тројца бизнисмени, при што двајца од нив ги држеа со месеци во незаслужен притвор и без вина ги обвинија, со цел ако сакаат да се спасат од политички прогон, да кажат дека одреден имот кој е нивни или имале некаква допирна точка со него, бил мој или наменет за мене. Двајцата иако на почетокот имаа коректни изјави кои ја отсликуваа вистината, подоцна под притисок на обвинителството ги сменија дијаметрално спротивни изјавите и за возврат добија симболични казни, а третиот имаше својство на сведок кој иако уценет и под притисок кажа дека во неколку пати сме се среќавале и никогаш со мене воопшто не разговарал за станови или земјишта, а уште помалку давање или земање пари од мене, и се му кажувале други лица дека тоа наводно било наменето за мене, а тие други лица негираа пред судот, дека е тоа вистина – тврди Груевски.

Тој наведува и дека власта нема докази за обвиненијата поврзани со имотот.

– Не само што тврдењето дека имотот бил мој е лага, туку власта не обезбеди ниту елементарни докази за истото. Обвинителството нарача од меѓународна правна помош информации за тоа точно, кој и кому е плаќано од таа фирма во странство која купувала земјиште, и од каде и дошле приходите со кои инвестирала. Се извршија и други проверки на македонските фирми. Ниту една трансакција за плаќање од моја страна, мој близок, некој што може да се побрзи со мене или Македонец, ниту пак извор од каде се тие пари кои наводно сум ги платил, ниту сведок кому сум му дал пари или од кого сум земал пари, ниту било каков документ со мој потпис, ниту било каква поврзаност со тие кои купувале, ниту пак тие кои го купувале тој имот, или оние кои го продавале, ме посочија мене дека сум побарал од нив такво нешто или сум им дал пари. Потона и онаа лажна теза дека сум земал партиски пари па со нив сум купувал и со тек на време додека траеше судењето ја напуштија, бидејќи не само што не обезбедија елементарен доказ за тоа, туку и официјални преставници на партијата од поранешното и сегашното раководство го демантираа тоа во судот – истакна поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски вели и дека становите кои му ги припишуваат во обвиненијата не биле на негово или на име на неговите блиски.

– Бизнисмените или кој и да е, си жртвуваа свој сопствен имот „за да спасат жива глава“ односно за да се спасат од политички прогон кон нив со големи последици, кој имот без никаков доказ обвинителот и судијата ми ги натоварија на мене, за да може СДСМ пред избори тоа да го користи, а Заев да каже дека нешто успеал и да го задоволи своето его и бедна душа. Два од тие станови ги имав изнајмено под кирија со уредно потпишан договор за изнајмување, а другите три ниту сум ги видел, ниту знам каде се, ниту имам било каква врска со нив, исто и како со двете земјишта. Ниту еден стан од овие кои ми ги препишуваат никогаш не бил на мое име или на мој близок. И јас навистина не знам со кои аргументи и со кое лице врховниот суд би ја одбил поднесената жалба, ако тоа го стори – пишува поранешниот премиер.