Координација на надлежните државни институции во пресрет на зимската сезона
Државата е подготвена за претстојната зимска сезона и врнежите од снег, а граѓаните да користат зимска опрема на своите возила и доколку немаат неопходна потреба да не патуваат при најави за обилни врнежи, истакна директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на прес-конференција по состанокот со претставници на координативното тело.
Тој упати апел до граѓаните да ги раздвојат фактите од вообичаените мислења на социјалните мрежи дека снегот повторно ги изненадил надлежните институции. Капацитетите за чистење снег, нагласи Ангелов, воопшто не се за потценување и не се послаби во однос на регионот.
– Оваа година надлежните институции нема да бидат изненадени, бидејќи од она што можевме да го слушнеме од оваа средба, капацитетите на јавните претпријатија за државни патишта и за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта се целосно подготвени. Бројот на камиони е доволен за територијата на државата, како и за должината на патишта што ги имаме. Истовремено разговаравме во случај на потреба од стопирање на сообраќајот на некои критични точки, особено пред превоите во случај на снег, МВР да испрати засилени екипи – рече Ангелов.
ДЗС, според него, на располагање име два тима со т.н. АТВ-возила со гасеници, кои се оспособени со опрема да стигнат до тешко пристапни терени, доколку е потребно да му се даде помош на загрозен граѓанин. Две такви возила има и Црвениот крст, односно нивната спасителна служба во Охрид.
– Безбедноста нека биде на прво место и доколку немаат потреба граѓаните нека не патуваат во услови кога имаме најава за врнежи на снег или снегот веќе започнува да врне. Без разлика на тоа што нашите институции се подготвени и камионите за чистење на снег веднаш ќе излезат на терен, притоа имаат обезбедено и доволно количество сол, која ќе ја фрлаат на снегот и местата каде што ќе има опасност од мрзнење на коловозните ленти, сепак тие не можат да исчистат толку снег колку што може да падне. Додека напред го чистат снегот зад нив врне нов и нов снег, кој дополнително може да ја загрози безбедноста на граѓаните – додаде директорот на ЦУК.
Граѓаните, нагласи Ангелов, да користат зимска опрема, зимски гуми и да имаат синџири. Доколку некој остане заглавен на која било точка во државата, може да се јави на 112, доколку има телефонска линија, и да побара помош. ЦУК ќе контактира се надлежните институции. Н.М.