Фото: Маја Јаневска-Илиева

Единаесеттите парламентарни избори во земјава ќе се одржат на 8 мај, а седмите претседателски избори на 24 април. До формирањето на нова влада до крајот на јуни, земјата ќе ја води техничка влада на чело со премиерот Талат Џафери. Оваа преодна Влада вчера беше избрана со 65 гласа „за“ и три „против“. ВМРО-ДПМНЕ беа во салата, но се воздржаа од гласање додека на седницата воопшто не присуствуваа пратениците од Европскиот сојуз за промени.

Во Владата денеска е предвидено примопредавање на функцијата меѓу досегашниот претседател на Владата, Димитар Ковачевски и Талат Џафери, претседател на преодната Влада. По пристигањето на платото на Владата, планирано е премиерите Ковачевски и Џафери да одржат кратка средба. Се очекува примопредавања на функциите да има во сите министерства.

Џафери во експозето пред пратениците во рамки на 141. пленарна седница рече дека за него, како мандатар на оваа Влада, нема разлика дали станува збор за еден или 100 дена, за техничка или преодна Влада.

– Сакам да ве уверам дека во ниту еден миг нема да дозволам да отстапиме од тоа што значи функционална и доверлива институција за граѓаните и институција со јасни надлежности дефинирани со Уставот во однос на другите столбови на власта во Република Северна Македонија – рече Џафери.

Џафери повтори дека го прифаќа мандатот со задоволство и полна одговорност и со надеж дека предложените министри ќе ги исполнат очекувањата.

Приоритет на оваа преодна Влада е одржување на редовните претседателски и парламентарни избори на фер и демократски начин, но Џафери рече дека тој и Владата што ќе ја предводи се обврзуваат на продолжување на усвоените политики на претходната Влада на премиерот Димитар Ковачевски.

Владата, како што кажа, има мандат за реализација на истакнатите приоритети врз основа на стратешките определби за целосна и забрзана интеграција и полноправно членство на државата во Европската Унија до 2030 година, за успешно функционирање и придонес за заедничката државна, регионална и европска колективна безбедност во рамки на НАТО сојузот, за ефикасно спроведување на успешните политики за унапредување на животниот стандард на граѓаните и забрзување на растот и економскиот развој, како и целосното продолжување на политиките за поддршка на социјалните, здравствените, образовните, културните и цивилните потреби и приоритети на граѓаните.

Во составот на преодната влада прв заменик – премиер на Владата и вицепремиер за европски прашања е Бојан Маричиќ, а Артан Груби е министер за политички систем и односи меѓу заедниците. Панче Тошковски на предлог на ВМРО-ДПМНЕ е министер за внатрешни работи, а Ѓоко Велковски министер за труд и социјална политика.

На досегашните места остануваат Кренар Лога – министер за правда, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши – министер за економија, Љупчо Николовски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фатмир Меџити – министер за здравство, Јетон Шаќири – министер за озбразование, Ристо Пенов – министер за локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчевска – министерка за култура, Азир Алиу – министер за информатичко општество и администрација, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Каја Шукова – министерка за животна средина, Фатмир Битиќи – министер без ресор задолжен за економски прашања и Славица Грковска – министерка без ресор задолжена за политики за добро владеење.

Во Собранието се одржа и 142. седница на која беа изгласани замениците министри и дополнителните заменици министри, и се верификуваше мандатот на пратеникот на местото на премиерот Талат Џафери. Со изборот на замениците министри и дополнителните заменици министри се комплетира составот на техничката Влада.

На предлог на СДСМ, Митко Бојмацалиев е избран за дополнителен заменик министер за внатрешни работи, а досегашната министерка Јованка Тренчевска за дополнителна заменичка министерка за труд и социјална политика.

За дополнителен заменик министер за финансии на предлог на ВМРО-ДПМНЕ е избрана Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Во расправата за избор на третата техничка Влада се вклучија осуммина пратеници, меѓу кои и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во своето обраќање истакна дека тие нема да гласаат за оваа техничка влада од причина што, како што посочи, не може премиерското место да го земе партија која се поврзувала со најголем број скандали со висока корупција и дека не е законски да го добие партија со помал број на пратеници.

Павле Трајанов, претседателот на Демократски сојуз, рече дека нема да ја поддржи техничката Влада, која за него е спротивна на Уставот.

– Повеќе од јасно е дека состојбите не се битно променети, напротив, тие се влошени и затоа формираме ваква техничка влада која што е спротивно на Уставот на Република Северна Македонија – рече Трајанов.

Претседателот на ДУИ им се обрати на пратениците од опозицијата, Антонијо Милошоски и Павле Трајанов прашувајќи дали било подобро кога Албанците не биле рамноправни или во 2001-година кога тој и дел од Албанците биле гонети од државата како терористи. Ахмети повика на соживот и носење на одлуки во интерес на државата.

Пратеникот на СДСМ и портпарол, Дарко Каевски од собраниската говорница рече дека пратениците на СДСМ како прогресивна и проевропска партија, заедно со пратениците од мнозинството, ќе ја поддржат техничката Влада. Според него, изминатите години СДСМ покажала дека е демократска партија која знаела да го штити гласот на граѓаните и нивното неприкосновано право за слободно изразување на нивната волја.

Според Елми Азири од Алијанса за Албанците, негласањето е поради етничката припадност на кандидатот за премиер. Тоа, рече тој, не е добар знак посебно од тие што претендираат да водат меѓуетничка држава.

Според пратеникот Борислав Крмов од Левица, инфериорниот пристап на СДСМ најеклатантно го демонстрира изборот на претседателот на Собранието. Талат Џафери, како што рече, не може да биде премиер на сите граѓани, најмногу што може да биде е премиер на матичната партија ДУИ.

Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај. Мандатот на преодната Влада трае од изборот, се до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници и изборот на новата политичка влада.

Ова е трета преодна или техничка влада од 2016 година. Премиер на техничката влада во 2016 година беше Емил Димитриев, а во 2020 година беше Оливер Спасовски.