Фото: Игор Бансколиев

Присуството на највисоките претставници на ЕУ-естаблишментот на самитот на Берлинскиот процес во Тирана: претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеи, како и на лидерите на најмоќните земји-членки на Унијата: германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон, очигледно е обид да се нагласи заинтересираноста на ЕУ за регионот, кој таа со децении го држи во своето предворје со разни изговори (најнови се – потребата од реформи на ЕУ пред ново проширување) и „креативни“ услови, надвор од стандардните Копенхашки критериуми

Одгласи од самитот на Берлинскиот процес во Албанија

Вчера и денеска, во Тирана, Албанија, се одржува уште еден самит на Берлинскиот процес, своевиден претпристапен формат на Европската комисија (ЕК), за да ги подготви земјите од Западен Балкан, т.е. да ги приближи до стандардите за членство во Европската Унија. Но и пред официјалниот почеток на самитот, во рамките на балканско-европскиот самит во Тирана се одржаа повеќе неформални панел-дискусии во текот на претходниот викенд. Присуството на највисоките претставници на ЕУ-естаблишментот: претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеи, како и на лидерите на најмоќните земји-членки на Унијата: германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон, очигледно би требало да ја нагласи заинтересираноста на ЕУ за регионот, кој таа со децении го држи во своето предворје со разни изговори (најнови се – потребата од реформи на ЕУ пред ново проширување) и „креативни“ услови, надвор од стандардните Копенхашки критериуми.
Во секој случај, на овој самит на Берлинскиот процес учествуваат и голем број лидери од земји-членки на ЕУ: Австрија, Хрватска, Грција, Унгарија, Холандија, Словенија, но и високи претставници на ЦЕФТА, ОЕЦД, РСС, Светската банка, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка. Всушност, Берлинскиот процес се развива со поддршка на Европската комисија, меѓународните финансиски институции и земјите-членки вклучени во процесот – Германија, Франција, Австрија, Бугарија, Хрватска, Италија, Словенија, Грција, Полска и Обединетото Кралство, заедно со шесте земји од Западен Балкан.
Во рамките на самитот се одржуваат работни сесии, на кои на највисоко ниво ќе се дискутира на теми поврзани со интегрирањето на регионот во единствениот пазар и подобрување на конвергенцијата со ЕУ, како и поддршката на зелената и дигиталната транзиција во земјите од Западен Балкан. Се очекува да се разговара за постигнувањата во рамките на Берлинскиот процес и влијанието на иницијативата врз регионалната соработка, нејзината важност во заокружувањето на европската интеграција, како и билатералните односи.

Земјите-кандидати од Западен Балкан очекуваат поконкретен сигнал од претставниците на ЕУ за нивните намери запроширување

На самитот е планирано усвојување на повеќе документи и заклучоци, како и потпишување договор за признавање на професионалните квалификации на медицинските сестри, ветеринарните хирурзи, акушерките и фармацевтите од страна на лидерите на земјите од Западен Балкан, како продолжување на договорот потпишан на минатогодишниот самит на Берлински процес, со кој се признаваат професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите.
Тоа е приближно конкретната и реална димензија на самитот на Берлинскиот процес. Но земјите-кандидати од Западен Балкан очекуваат поконкретен сигнал од претставниците на ЕУ за нивните намери за проширување, но и за забрзување на поединечните процеси на преговорите. Македонија формално сѐ уште е во скрининг-процес пред отворањето на поглавјата и ефективно започнување на преговорите, но сето тоа е условено со измени на македонскиот устав за внесување на Бугарите како дел од народ, што е сосема контрадикторно на досегашните стандардни процедури за почеток на преговори и надвор од Копенхашките критериуми.
На форумите пред почетокот на самитот на Берлинскиот процес, вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, кажа дека во последните месеци политичките пораки од Унијата се различни и дека „веќе добивме нешто што го баравме и очекувавме долго време“, укажувајќи на изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој 2030 г. ја посочи како возможен датум за идното проширување, „што за нас е добредојдено и добро е да го имаме предвид при носењето одлуки“.
– До крајот на мандатот, Европската комисија со поддршка од државите-членки на ЕУ треба да ја направи новата агенда 2030 за проширување, која ќе биде наследство од оваа комисија за следниот состав, што ќе значи шанса до 2030 да станат членки сите што ќе бидат подготвени за тоа, а истовремено ќе се спречи и забавувањето на процесот – порача Маричиќ.
Во тој контекст вицепремиерот укажа дека сега е вистинско време да ја забрзаме и да ја завршиме работата докрај, бидејќи има реални позитивни промени за проширување на ЕУ и оваа шанса треба да ја искористи регионот.
– Сега кога напредокот во пристапните преговори е видлив, потребна ни е силна регионална соработка. Берлински процес никогаш не бил само економија или признавање квалификации, секогаш бил продолжение на Договорот за стабилизација и асоцијација и стекнување навика да ги решаваме различните прашања на маса и никогаш не бил замена за членството во ЕУ – посочи Маричиќ.
На самитот во Тирана учествуваат македонскиот премиер Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи, чии пораки се во насока дека Македонија е блиску до целта за членство во ЕУ, но пречка е само отпорот на опозицијата и најголемиот дел од македонската јавност за условот за уставните измени.
Од страна, пак, на европските претставници и понатаму се пласираат двосмислени пораки за проширувањето, па и покрај оперирањето со некаква „агенда 2030“, не се испушта да се нагласи дека проширувањето е на ред по внатрешните реформи на Унијата, а секако никој нема намера за некаква попустливост во однос на исполнувањето на критериумите за владеење на правото, перцепцијата на корупцијата и борбата со организираниот криминал во структурите на власта и институциите…

Блиску сме до целта

– Ама како сме блиску до целта, кога не сме мрднале ни ангстрем во воспоставување на владеењето на правото, кога судската власт е под партиска команда, кога обвинителството е криминализирано, кога Собранието е составено од марионети, кога министрите не комуницираат со премиерот туку со претседателот на партијата, кога мафијата има пуштено пипала во секоја пора на општеството, кога неказнивоста продолжува на сите нивоа од власта…? – во свој стил коментира професорката Мирјана Најчевска, со реторички прашања за оптимистичките пораки на македонските политичари дека сме блиску до целта – членството, т.е. почетокот на преговорите за членство во ЕУ.
Се чини дека и на овој самит на Берлинскиот процес се пласира некој паралелен светоглед за перспективите на Западен Балкан кон ЕУ: еден од претставниците на ЕУ, кој лидерите од Балканот го толкуваат според своите желби и поставени политички цели.