Никогаш докрај раскажани приказни

Рубриката „Амаркорд“ излегуваше во списанието „Стожер“ на Друштвото на писателите на Македонија од 2018 до 2022 година, во периодот кога на чело на ДПМ беше Соња Стојменска-Елзесер, а за ревијата се грижеше новата редакција, чии членови беа: Трајче Кацаров, како главен и одговорен уредник, и Виолета Танчева-Златева, Александра Јуруковска, Делвина Крлуку и јас, како членови. Концептот на оваа рубрика, предложена од мојата маленкост, заедно со рубриката „Визија за ДПМ“, беше едноставен: членовите на ДПМ се сеќаваат на некои од своите некогашни колеги, пријатели, соработници… што веќе не се меѓу нас. Се сеќаваат на нив, пред сè, како на лица од секојдневјето, не како на писатели или критичари. Се сеќаваат на нив „во цивилка“.
Пишувањето (сеќавањето) одеше лесно: во текот на неколкуте години, рубриката како свој исход имаше петнаесетина текста напишани за членови на ДПМ, кои денес се во книгата што ја држите в раце – заедно со дополнителни седум раскази што беа напишани отпосле, по покана на издавачот на оваа книга. Хронолошки гледано, се започнува со скапоценото сеќавање на епизоди од животот на нашиот „архиромансиер“ Стале Попов, потоа се уважуваат споменот и делото на некои од некогашните професори и професорки: Кирил Пенушлиски, Харалампие Поленаковиќ, Крум Тошев, Надежда Момировска, Оливера-Јашар Настева, Радмила Угринова-Скаловска и се завршува со осветлувањето денови од минатото на драгите Михаил Ренџов и Владимир Костов, кои од нас физички се разделија лани односно преклани.
Од сите раскази напишани и објавени во „Стожер“, во ова прво издание на „Амаркорд“ не се вклучени три, кои не се однесуваат на членови на Друштвото: едно сеќавање на Владимир Плавевски за Петре Прличко („Стожер“ бр.127, 2/2018), сеќавање на Јован Дамјановски за „Матмазел Ива“ (бр. 129, 4/2018) и сеќавање на Радован П. Цветковски за ценети личности од неговото детство (бр. 131, бр. 2/2019). Овие три раскази би можеле да се објават во некое следно, специјално издание на „Амаркорд“ (пред сè, тука би влегол расказот за Петре Прличко, кој бил едно со Друштвото на писателите).
Дваесет и едниот расказ во оваа книга се сместени во три циклуси по седум: 1) Книги, списанија, печатници; 2) Професори, професорки; и 3) Патувања. Сместеноста на најголемиот дел од расказите во циклусите е очигледно оправдана, но поделбата понекогаш е само условна, како мала покана до читателот да гледа на приказната и од друг агол. Насловот на оваа рубрика, „Амаркорд“, очигледно се инспирираше од истоимениот класик на Фелини: не само поради буквалното значење „јас се сеќавам“ („a m’arcôrd“ на ромањолскиот дијалект од италијанскиот јазик) туку и поради нежната меланхолична нишка вткаена во овој израз, која е неизбежна заедничка одлика – во поголема или помала мера – на секој од овие раскази посветени на некои од нашите книжевни великани, голем дел од нив и наши пријатели. Целта на ова дело е очигледна – да се негува меѓугенерацискиот континуитет, да се уважуваат животите и делата на нашите претходнички и претходници, да се направи нивна реактуaлизација, но и да се поттикне интересот кај авторките и авторите континуирано да ги запознаваат своите поранешни колешки и колеги писателки и писатели или да се сеќаваат на нив. Целта е, исто така, да се поттикне и интересот кај читателките и читателите да ги истражуваат и да ги читаат овие авторки и автори.

Со една реченица: целта на ова дело е да се долови книжевната заедница како она што во суштина е: еден широк, буен тек од испреплетени, „никогаш докрај раскажани приказни“ и меѓусебни влијанија, а не мапа во која секој автор е остров, доволен самиот на себе.
Промислувајќи ги овие раскази и сеќавања на писателите, го чувствуваме тоа кротко, меко ткаење на категоричното заедништво, тоа упорно избледување на линијата помеѓу животот и смртта, како во добрата книжевност – тоа оприсутнување на оние што физички би можеле да бидат со нас само во нашите сништа, ако не во воздушестите, бегли сеќавања на другите. Ова се сведоштва во кои некои од авторите, сеќавајќи се или истражувајќи, го умножуваат сопственото животно искуство – за да го збогатат нашето животно искуство. Но, нели тоа отсекогаш и била „задачата“ на добрата книжевност, да го умножи животното искуство на читателот, и така да го доведе до некои повисоки нивоа на освестување и разбирање на нештата?
Она што особено нè восхитува во оваа книга е тоа што на неа можеме да гледаме како на еден голем, бесконечен мозаик: а нејзините раскази и параграфите во тие раскази – како тесерите од тој мозаик. Како пространите подни мозаици во Ерихон, Палестина, или во Равена, Италија – затоа што животите и творештвата на овие автори и нивните достигнувања се на еден начин нашето тло. Да се сетиме на Конески, но и на другите учители, потоа на наследството на Стале Попов и на нему сличните корифеи. Замислувајќи ја нашата книжевна историја на тој начин, се потсетуваме на она познато автопоетичко сфаќање дека ние, всушност, испишуваме една голема приказна. „Никогаш докрај раскажана.“ Оваа книга може да биде важна за авторите и за читателите и на два многу конкретни, па и практични начини.
Од една страна, на оваа книга (поточно, на едицијата „Амаркорд“) може да се гледа како на лечилиште, во смисла што таа нуди простор, преку сеќавањето, авторот да исцели нешто што во гешталтот се нарекува „незавршена работа“. „Амаркорд“ може да биде местото за топла приказна во која на авторот ќе му биде речено – или самиот ќе рече – „Простено ти е, простено!“ како во „Errata – за совршенството и за можноста од правење печатни грешки“ на Владимир Петковски за Чедо Јакимовски. На тој начин, авторот чиј текст е сместен во „Амаркорд“ на крајот ќе заклучи дека ова пишување може да е за „да си ја оплакнам совеста, но и за да си ги успокојам троа срцето и душата“ (Христо Петрески, „Тенките и непрецизни нишки на сеќавањето“). Во таа смисла, уште еднаш, независно од сè што се случило во минатото, расказите во „Амаркорд“ се „никогаш докрај раскажани приказни“ – и сè може да се возобнови.
Одејќи еден чекор понатаму: би можело да се подготви и да се објави и посебно издание, во кое би можеле да им се замислат гласовите и на некои отсутни автори.

Така, на пример, јас би сакал да прочитам – затоа што чувствувам како тоа да недостасува – како би звучеле гласовите на некои личности што пишуваат „Амаркорд“ за Јован Котески, за Иван Точко, за Ацо Алексиев (автори за кои во ова прво издание на „Амаркорд“ немаме текстови, за жал). Тоа можеби не би биле лесни раскази, но тие состави би биле колку деликатен толку и храбар подвиг, достоен за зрелите и добри (во секоја смисла на зборот) творци, во насока на своевидно воспоставување некој вид космичка рамнотежа. Токму тоа би бил зборот сеисцелителен – отаде замислената линија помеѓу животот и смртта, и отаде поразителната покорност пред табу-темите. Од друга страна, за нас како читатели, овие сведоштва на повозрасните автори за животите на некои други, уште повозрасни автори, се мало закопано богатство: сведоштва од некои минати книжевнички практики чија суштина може да се возобновува и да се користи: како што се користеле „микрочиповите“ на проф. Атанас Вангелов и проф. Венко Андоновски, или рубриката „Errata“ во списанијата.
Но, размислувајќи за оваа книга, поттикнати сме да ја согледаме нејзината можна важност и отаде писателски и читателски контекст: да ги видиме текстовите од оваа книга како можни четива од интерес на Бирото за развој на образованието, кое меѓугенерацискиот континуитет кај писателите може да им го претстави и на учениците, а наставата на тој начин да ја направи многу подинамична, повозбудлива и поефикасна. Кога учениците учат за писателите, тоа обично доаѓа од учебници и од униформни, формални, сувопарни биографии. „Амаркорд“ отвора можност биографиите на авторките и авторите што ги читаат ученичките и учениците да бидат вдахнати со топла и жестока човечка димензија и на тој начин часовите да станат поинтересни за вечно љубопитните деца. Тешко можеме да се надеваме дека со инерцијата и помиреноста со старите методи можеме вистински да ги заинтересираме новите генерации.


„Амаркорд“ навистина звучи како наслов на едиција

„Амаркорд“ навистина звучи како наслов на едиција: на континуирана покана авторите да се сеќаваат на своите претходници, да откриваат приказни за нив и на тој начин сè повеќе и повеќе да ја згуснуваат и да додаваат нови слоеви на граѓата, материјалот од кој е сочинето нашето книжевно (и не само книжевно!) заедништво, нашата култура. Особено затоа што има многу автори за кои допрва треба да се пишува. Љубопитни сме да откриеме одблесоци од обичните секојдневја на Оливера Николова, Живко Чинго, Лилјана Белева, споменатиот Јован Котески, Евгенија Шуплинова, Цане Андреевски, Даница Ручигај, Иван Точко, Радмила Трифуновска… нè зашеметува самата помисла да се осмелиме да набројуваме. Единствено можеме да работиме, како Друштво на писатели, на свеста за важноста од негувањето на континуитетот и сеќавањето, на тој начин што ќе се заложиме за одржувањето на благотворноста на нешто што би можело да биде долгорочен проект, за кој би ни биле благодарни и сегашните и идните, а најмногу минатите генерации, џиновите на чии рамена стоиме.