Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според резултатите собрани преку неформална директна комуникација со граѓаните, произлегува дека мнозинството анкетирани граѓани посакуваат претседател што ќе биде пред сѐ чесен, работлив, патриот, но и одговорна и силна личност

Анкета на „Нова Македонија“ спроведена во изминатите десетина дена низ Македонија

Денеска официјално почнува предизборната кампања за претседателските избори и ќе трае до 22 април на полноќ, а во пресрет на претседателските избори во изминатите десетина дена „Нова Македонија“ спроведе неформална теренска анкета во 12 поголеми града низ целата земја за да ги слушне очекувањата на граѓаните за тоа каков претседател на државата посакуваат.
Анкетата преку устен разговор беше спроведена во 12 града од нашата држава, и тоа: Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Охрид, Битола, Велес, Гевгелија, Струмица, Штип и Куманово, на неколку фреквентни локации, а анкетираните граѓани требаше со само еден збор, како што налагаше правилото на анкетата, да одговорат на прашањето „Каков претседател сакате?“.
Со анкетата беа опфатени околу 2.000 граѓани од повеќе старосни категории, студенти, младинци, пензионери, стопанственици, невработени граѓани, а се внимаваше да има и рамномерна родова застапеност, така што на прашањето одговорија вкупно 1.277 граѓани. кои со еден збор дадоа лична оцена за тоа каков претседател сакаат.

Чесен претседател!

Според резултатите собрани преку неформалната директна комуникација со граѓаните, произлегува дека мнозинството анкетирани граѓани (365 граѓани или 28,58 отсто) посакуваат претседател што ќе биде пред сѐ чесен! Имено, генералната перцепција во општеството е дека корупцијата е рак-рана што ја нагризува македонската држава, па од тие причини и граѓаните очекуваат од водечките политичари со лични примери да покажат дека со чесно и посветено работење може да ѝ се стави крај на оваа негативна општествена појава, за која земјава постојано добива сериозни забелешки од меѓународните партнери. Борбата со корупцијата и со криминалот и владеењето на правото се клучните предуслови за успешно чекорење во евроинтегративниот процес.

Работник!

Понатаму, во анкетата голем дел од анкетираните граѓани очекува од идниот претседател да биде посветен работник (283 – 22,16 отсто), кој несебично ќе работи за просперитет на сите, кој доследно ќе ги почитува Уставот и законите. Тоа значи дека со личен ангажман ќе се посвети на наоѓање решенија за многу клучни области во државата, ќе работи во интерес на граѓаните.

Патриот!

За анкетираните граѓани од особена важност е идниот претседател да биде патриот (270 – 21,14 отсто), да си ја сака сопствената земја, да се бори за зачувување на нејзините национални интереси дури и тогаш кога изгледа невозможно. Патриотизмот треба да го покажува и така што ќе биде баланс на секоја власт, кога ќе утврди дека се спроведуваат политики што народот не ги одобрува, кои се на штета на државата и кои можат сериозно да ги поткопаат нејзините позиции. Патриотизмот на претседателот треба да се отсликува и така што тој ќе биде обединител на сите и ќе се бори да се слушне и гласот на народот. Патриотизмот ќе го гради борејќи се за национална држава на македонскиот народ и сите други, со максимално почитување на малцинските права, но и со личен ангажман за остварување на правата на македонското малцинство во соседните земји и пошироко.

Одговорен претседател!

Висок број анкетирани граѓани сакаат идниот претседател да биде одговорен (124 – 9,7 отсто), односно крајно одговорно да ја врши својата функција, но и да инсистира на одговорност од сите други функционери доколку забележи дека не се работи како што треба. Досегашните искуства покажаа дека во оваа држава буквално за ништо не се презема одговорност, па од тие причини граѓаните сакаат одговорни политичари во иднина.

Силен (цврст, непоколеблив)

Дополнително, дел од анкетираните сака силен претседател, кој ќе биде цврста и стамена фигура (69 – 5,4 отсто), која нема да потклекнува под никакви притисоци, уцени и влијанија, кој ќе опстојува на својот став и позиција без оглед на околностите, со други зборови, кој ќе биде вистински лидер кому народот безрезервно ќе му верува дека може да ја води државата и во најтешките времиња.

Жена за претседател

Во анкетата, особено во Скопје, најголем број испитаници изразиле желба идниот претседател на државата да биде жена (72 – 5,6 отсто), оценувајќи дека е дојдено времето на оваа функција да ѝ се даде една поинаква димензија, која многу повеќе внатрешно ќе сплотува, која ќе внимава на она што е национален интерес и која ќе ги даде тие заштитнички финеси што последните години како да недостигаа во водењето на државата.

Албанец (за претседател)

Секако, во градовите во западниот дел на земјата анкетата покажа дека некои од анкетираните, пред сѐ во албанските етнички средини, сакаат идниот претседател да биде исклучиво Албанец (65 – 5 отсто).
Теренската анкета спроведена од „Нова Македонија“ во изминатите десет дена низ земјава даде јасна слика за тоа каков претседател сакаат македонските граѓани, така што на партиите и на актуелните претседателски кандидати им преостанува да го слушнат пулсот на народот и да работат во интерес на граѓаните и на државата. С.Т.