Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Мицкоски за претседателската средба помеѓу Силјановска-Давкова и Радев

Очекувам дека навистина ќе бидеме добри соседи и дека до крајот на годинава ќе можеме и да го продолжиме нашиот процес на достоинствен начин, изјави вчера премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја средбата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова со нејзиниот бугарски колега Румен Радев, која се одржа завчера во Баку.
– Ние се трудиме да градиме мостови со сите соседи. Не знам каков бил речникот на средбата, знам дека средбата поминала пријателски, во добра атмосфера. Нашите аргументи се немилосрдни. Добив информација дека тие аргументи се презентирани на таа средба. Истото она што ние го правиме со нашите стратегиски партнери му е предочено на господинот Радев и очекувам дека навистина ќе бидеме добри соседи и дека ова е навистина двонасочна улица и дека навистина до крајот на годинава ќе можеме и ние да продолжиме со нашиот процес на достоинствен начин – изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по бизнис-форумот „Дијалог помеѓу бизнис-секторот и Владата“, во организација на Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО).
Претседателката Силјановска-Давкова завчера оствари средба со Радев на маргините на конференцијата за климатски промени КОП29 во Баку, Азербејџан. Во разговорот, кој, како што информираат од кабинетот на претседателката, траел еден час и се одвивал во конструктивна атмосфера, било разговарано за потребата од унапредување на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и за можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од заемен интерес. Н.М.