Фото: Маја Јаневска-Илиева

ОБСЕ е безбедно. Ние ја спасивме организацијата и нејзината функциналност, за луѓето. Сите членки се согласија за изборот на Малта како следен претседавач и за продолжување на мандатите на генералниот скретар и на трите институции во рамки на Организацијата, изјави актуелниот претседавач на ОБСЕ и шеф на дипломатијата Бујар Османи на завршната прес-конференција на 30-от министерски совет на ОБСЕ што изминатите три дена се одржа во Скопје.

Тој и честиташе на Малта изразувајќи благодарност за преземање на оваа мисија во предизвикувачки времиња, како и за посветената работа на генералната секретарка и високите претставници за национална малцинства и за слобода на медиуми и на шефот на Канцеларијата на ОДИХР, посакувајќи им упешно да ја продолжат работата.

– Ова е најголемиот политички настан на наше тло и овој состанок се случи во вонредно време, кога сме сведоци на постојани напади, на војна против Украина и човечкото страдања. На многу начини историјата се повторува. Предизвиците се и денес и утре. Овде на Балканот се двоумиме да ги наречеме работите историски, но овој Министерски совет веќе е наречен историски. Руската агресија врз Украина ја доведе во прашање европската безбедносна архитектура, но исто така го доведе во прашање постоењето на самата Организација, затоа овој совет е револуционерен – рече Османи.

На новинарско прашање дали имало „пазарење“ со Русија во постигнувањето на договорите на Министерскиот состанок, Османи рече дека компромисот е во сржта на Организацијата и изрази задоволство, што во ваква тешка година се донесени одлуки со едногласност, при тоа подвлекувајќи дека нема пазарења со вредностите на Организацијата.

-Ние бевме гласни во осудувањето на руската воена агресија, но исто така го претворивме ОБСЕ во платформа за правна одговорност на Русија. Немаше тргување со принципите на Организацијата – рече Османи.


Шмид: Одлуките донесени во Скопје ќе овозможат успешно продолжување на работата на ОБСЕ

Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид денеска на завршната прес-конференција на маргините на 30-от министерски совет на ОБСЕ посочи дека одлуките кои беа донесени од земјите-членки во Скопје ќе овозможат успешно продолжување на работата на Организацијата – овозможување стабилност, сигурност, човекови права и фундаменталната слобода на луѓето.

-Јас ќе ја сработам својата задача како генерална секретарка исто како и моите колеги од останатите три институции, бидејќи ова не е за нас, туку за луѓето. Ние сме тука да ја пренесеме целта на Организацијата. ОБСЕ денес е успешна организација. Предизвик е во моменталните услови да се најде заеднички јазик за секоја тема, но нашата Организација се темели на принципи и вредности речиси 50 години – рече Шмид.

Како што посочи, целта на Организацијата не е само да се адресираат моменталните предизвици, туку да се повикаат сите учесници на одговорност. Ова, потенцира Шмид, го потврди и претседавачот Бујар Османи изминативе два дена.

Таа подвлече дека сите 57 земји-членки одлучија да ја изберат Малта за иден претседавач, и токму ова ќе го овозможи континуитетот кој ни е потребен да се задржи Организацијата.

-Јас како генерална секретарка на ОБСЕ ја поддржувам одлуката за идниот претседавач – додаде Шмид.

Таа се осврна и на мотото кое беше избрано оваа година – „За луѓето“ и посочи дека истото е многу соодветно и одговара на работата која ја извршува ОБСЕ.

– Се она што го работиме, дали е тоа работата во однос на спречување на корупција и организираниот криминал, мониторирање на изборите или зголемување на безбедноста, нешто што неуморно го работиме и ги адресираме овие проблеми до граѓаните, ние исто така се залагаме за безбедноста на жените новинарки, се загаламе за основните човекови права, и сето тоа е само за една цел, а тоа е поддршка на луѓето – и на мажите и на жените – посочи Шмид.

Таа потенцираше дека Малта игра важна улога во задржување на мирот и безбедноста и верува дека ќе ги примени иститите вештини во нејзиното лидерство како претседавач следната година.

-Со нетрпение очекувам да работам со вас и вашиот тим и вие може да да сметате на нас – рече Шмид на заедничката прес-конференцијата со новиот претседавач со ОБСЕ, Јан Борг, министер за надворешни работи на Малта и со сегашниот претседавач Бујар Османи.


Борг: Мора да се фокусираме на ставање крај на војните и конфликтите

Мора да се фокусираме на ставање крај на војните и конфликтите, руската агресија врз Украина мора да запре, порача новиот претседавач со ОБСЕ, Јан Борг, министер за надворешни работи на Малта.

На завршната прес-конференција од 30-от министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, Борг истакна дека анонимниот глас од сите 57 земји кои му ја укажаа довербата за нов претседавач, е доказ, како што рече, на нашата заедничка заложба да продолжиме да ја зајакнуваме организацијата и да осигураме дека покрај сите предизвици со кои се соочуваме, организацијата ќе продолжи да работи.

– Како што го почнуваме нашето заедничко патување, ќе се посветиме на исполнување на нашите должности и одговорности во времето што претстои – рече тој.

Борг очекува да работи, како што рече, рака под рака заедно со сите партнери и кажа дека ќе се обврзе да работи кон поттикнување на зајакнување на мултилатеризмот.