• Четири традиционални носии и нова публикација сведочат за богатото културно наследство и за соживотот на заедниците во регионот

Во салата на Советот на Округот Корча неодамна се одржа завршниот настан од проектот „Создавање традиционални носии на македонското, ромското, влашкото и египќанското национално малцинство во регионот на Корча“, реализиран од македонското друштво „Сонце“, со поддршка на Комитетот за национални малцинства и во партнерство со претставничките организации на ромската, влашката и на египќанската заедница. Настанот беше посветен на афирмацијата и зачувувањето на богатото етнокултурно наследство на четирите заедници што со векови живеат на просторот на Корчанскиот Регион, придонесувајќи за неговата културна разновидност и општествен развој.
Пред присутните беа претставени четири традиционални носии, изработени за македонската, ромската, влашката и египќанската заедница, како симболи на нивниот културен идентитет, историја и вековни традиции. Наедно беше промовирана и информативната брошура „Етнокултурното наследство на Македонците, Ромите, Власите и Египќаните во Округот Корча“, чиј автор е Васил Стерјовски. Публикацијата дава поширок осврт на историските корени, културното значење и симболиката на традиционалната носија кај овие заедници, претставувајќи значаен придонес кон документирањето и зачувувањето на нивното нематеријално културно наследство.
Настанот го модерираше Здравко Нечовски, активист на македонската заедница, а меѓу присутните беа претставници на државни и локални институции, организации на граѓанското општество, верски заедници, Комисијата за заштита од дискриминација, народниот правобранител и голем број граѓани. Во своето обраќање, претседателот на македонското друштво „Сонце“, Васил Стерјовски, ја нагласи важноста на меѓусебното почитување и негувањето на културните особености на сите заедници како темел на едно демократско и европско општество.
– Округот Корча е пример за соживот на различни заедници, кои со векови го делеле истиот простор, создавале општествени односи и придонесувале за развојот на овој регион. Овој соживот е вредност што мора да ја чуваме и уште повеќе да ја зајакнуваме – истакна Стерјовски.

Тој посочи дека вистинскиот соживот подразбира не само заедничко живеење туку и меѓусебно запознавање, разбирање и почитување на различните идентитети. Според него, секоја заедница треба да има можност слободно да ги негува својот јазик, култура и традиции, а културната разновидност треба да се гледа како предност и двигател на општествениот развој. Стерјовски нагласи и дека одговорноста за зачувувањето на културното наследство не е само на здруженијата и активистите туку и на институциите, образовните установи, семејствата и пошироката заедница, кои треба активно да придонесуваат за пренесување на традициите кон новите генерации.
На свеченоста се обратија и претседателот на Советот на Округот Корча, Петрика Толкучи, костимографката Лирика Појани, градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, претседателот на здружението „Заедница за младинска интеграција“, Мухамет Рапи, Даниела Стоица од здружението „Власите од Албанија“, Енџи Костури од здружението „Дисутни Албанија“, Бурбуќе Нграчањ во име на народниот правобранител и Хасим Кеци, потпретседател на Комитетот за национални малцинства.
Проектот има цел да придонесе кон зачувувањето, реконструкцијата и промоцијата на етнокултурното наследство на националните малцинства во Округот Корча, притоа зајакнувајќи ги соработката и довербата меѓу заедниците. Особен акцент е ставен на пренесувањето на традиционалните вредности и знаења на младите генерации, со цел тие да останат жив дел од современото општество. Од организаторите порачаа дека културното наследство претставува заедничко богатство на сите граѓани и дека почитувањето на идентитетот на секоја заедница е предуслов за градење хармоничен соживот и заедничка европска иднина.
Македонското друштво „Сонце“ упати благодарност до Комитетот за национални малцинства, Советот на Округот Корча, локалните институции, партнерските организации и до сите учесници што придонеле за успешната реализација на проектот. Со оваа иницијатива уште еднаш беше потврдена определбата за зачувување на културната разновидност како едно од највредните богатства на регионот. Д.Ст.


Одржана средба за унапредувањена правата на Македонците во
Албанија и за соработка со ЕЦМИ

Во рамките на дијалогот Шлезвиг-Холштајн посветен на зајакнување на социјалната кохезија и заштитата на правата на малцинствата во Западен Балкан, претседателот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај, се сретна со д-р Љубица Ѓорѓевиќ, виша истражувачка и раководителка на кластерот за правда и управување во Европскиот центар за малцински прашања (EЦМИ).
На средбата се разговараше за состојбата и правата на националните малцинства во регионот, со посебен акцент на македонското национално малцинство во Република Албанија. Наедно, беа разгледани можностите за воспоставување и понатамошно продлабочување на соработката меѓу македонското друштво „Илинден“ – Тирана и EЦМИ.
Како знак на почит и соработка, Ѓурѓај ѝ подари на д-р Ѓорѓевиќ примерок од весникот „Илинден“, кој ќе биде дел од библиотечниот фонд на Европскиот центар за малцински прашања.
Македонското друштво „Илинден“ истакнува дека средбата претставувала значајна можност за размена на искуства и мисли, како и за зајакнување на меѓусебното разбирање и партнерство во насока на заштита на правата на малцинствата и зачувување на македонскиот национален идентитет. Д.Ст.