Нервозни се и учениците и кадарот, не само поради тоа што се одолжува времето за настава туку и поради тоа што квалитетот не е ист, а некаде имало проблем и со вклучувањето на „Тимс“. Родителите на помалите ученици, пак, се изморени од трчањето да ги земат од училиште и се чудат како ќе се снајдат и кој ќе ги чува децата ако треба да учат на далечина
Поради дојавите за бомби, повторната онлајн настава ги зоврива образовниот и општествениот амбиент
Во средните училишта и во дел од основните веќе извесен период наставата почнува со физичко присуство, а продолжува онлајн, откако стигнаа дојави дека се поставени експлозивни експлозивни направи. И вчера, четврток, имаше нови 30 дојави за поставени бомби.
Во средните училишта, во кои секој ден има дојави за бомби во текот на денот, и наставниците и учениците имаат договорена процедура, прво одат во училиште, па откако ќе се спроведе евакуација имаат час и половина до два да се вклучат онлајн. Училиштата подготвиле распоред и за учење од далечина, а наставата продолжува онаму кај што застанала. Нервозни се и учениците и кадарот, не само поради тоа што се одолжува времето за настава туку и поради тоа што квалитетот не е ист.
– Онлајн настава кај нас има цела недела зашто има дојави за бомби. Тоа е според насоките што ги добивме од Министерството за образование и наука. Наставата на далечина се одвива без проблем. Почнува час и половина до два откако ќе се евакуираат учениците и кадарот со часот на кој прекинала во училиште. Нормално е да се нервозни и учениците и наставниците, но што можеме. Имаме дополнителни распореди за настава на далечина и ги користиме – вели Митко Димовски, директор на гимназијата „Орце Николов“.
Проблеми како и за време на ковидот
За разлика од таму има средни училишта во кои има тешкотиии при наставата на далечина.
– Тоа се истите тешкотии што се случуваа и во пандемијата. Има деца без компјутер или интернет, има проблеми со вклучување – вели директор на средно училиште.
Во некои училишта велат дека имале проблем со вклучувањето на „Тимс“, не функционирале лозинките.
Во некои училишта, пак, во градови од западниот дел на Македонија, информираат во редакцијата дека „поради проблеми со вклучувањето на платформата за одржување на онлајн наставата, професорскиот кадар поединечно добил мејлови со инструкција самите да се снајдат на која платформа ќе ги одржат часовите“!? Наедно беше истакнат и веќе хроничниот проблем на „немање креди“ додека се држи редовната настава во училниците. Ако на сето тоа, додаваат нашите извори, професори од основни училишта од повеќе градови низ Македонија, се спомене и проблемот со немањето учебници како основни дидактички материјали, тогаш повеќе е од очигледно дека акумулираните тешкотии што се појавуваат во низа во текот на образовниот процес ќе им нанесат непоправлива штета на генерации ученици. Тоа, пак, во натамошните општествени движења што се поврзани како „сврзани садови“ во следниот иден период ќе се рефлектира со штети и загуби на повеќе полиња: економијата, индустријата, науката, политиката, безбедноста…
Кој ќе ни ги чува децата
– Јас работам во болница. За дојавата ми јавија додека бев со пациент од „Мој термин“. Морав да одам по детето. Некогаш се снаоѓам, но денеска не успеав. И трчав по него, врнеше, а децата со наставничката чекаа во паркот до школото. Можеби дојавите се лажни, свесни сме за тоа, но целосно ни го нарушија животот, а влијаат и на работата. Ова ги премина сите граници. Живееме под стрес, на штрек. Ако продолжат онлајн не знам со кого ќе седи дете од второ одделение. Искрено не ми е јасно како ќе се организираме. Сите работиме, за нас со мали деца ова е сериозен проблем – вели мајка чие дете учи во училиште во Кисела Вода.
Училишното ѕвонче ѕвони додека последниот не го напушти училиштето -дел од протоколот за евакуација при дојава за бомба
Инаку, дојавите за бомби траат веќе неколку месеци. Вообичаено, дојавата за бомба речиси во сите училишта пристигнува во претпладневните часови, кога вработените и учениците се веќе во училишните објекти. Дојавата пристигнува на службените е-адреси на училиштата, до кои пристап имаат директорите и секретарите. Веднаш штом тие ќе ја прочитаат дојавата за бомба започнуваат да спроведуваат евакуација по протокол.
Директорите на скопските училишта велат дека пораките што пристигнуваат вообичаено не се само известување дека во училиштето има поставено бомба. Напротив, задолжително во пораката има и реченици со вознемирувачка содржина, од која им се заледува крвта.
Наставниците и сите вработени во училиштата даваат максимум од себе за да ги спасат децата и да ги однесат на безбедно.
Проблеми со онлајн наставата во неколку училишта
Од МОН велат дека апликацијата „Тимс“ функционира и секој ученик со своето корисничко име и лозинка може да пристапи и да го користи профилот за вклучување на онлајн настава доколку во училиштето каде што учи има заканувачки дојави за бомби и од страна на наставниците е дадена таква насока.
– Добивме известувања од неколку училишта дека утрово имало прекин во функционирањето, односно користењето на „Тимс“, но по кратко време учениците се приклучиле со своите кориснички сметки – велат од МОН.
Јетон Шаќири: Не е лесна одлуката дали сите средни училишта да преминат на онлајн настава
– Не брзаме да донесеме таква одлука, зашто таква одлука би требало да се донесе и за основните, затоа што вчера и денеска има повеќе дојави за основни отколку за средни училишта. На почетокот не беа цел основците, беа само средношколците, сега дојави има и во основните училишта, што отвора нов проблем – рече Шаќири, одговарајќи на новинарски прашања по состанокот на Управниот комитет на Меѓународниот институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа (SEEIIST).