Фото: Игор Бансколиев

Има ли двојни европски критериуми при злоупотребата на европското знаменце? Досега во повеќе наврати кога се сакаше некој закон да се протне на мала врата и да се донесе набрзина, без вообичаените собраниски процедури, се практикуваше да му се стави европско знаменце и тој прекутрупа да стане дел од правниот систем на државата. Дополнителен поголем проблем е што некои закони што се донесоа со европско знаменце навистина не се во насока на некакво усогласување со европската легислатива, напротив. На тој начин, според повеќе наши соговорници, штетите од ваквите лоши закони на кои некој им ставил европско знаменце, а Европа претходно замижала, веќе ги чувствуваат на своја кожа македонските граѓани. Меѓутоа, последниов пат, еден амбасадор беше принципиелен и гласен: Актуелните одредби (на новиот закон за игри на среќа) ги нарушуваат темелните вредности на уставниот поредок во членот 8 од Уставот, т.е. владеење на правото, слобода на пазарот и претприемаштвото, почитување на општоприфатените норми на меѓународното право!

Повод: Реакцијата на австрискиот амбасадор во земјава Георг Вуцас на обидите од пратениците да му стават европско знаменце на новиот закон за игри на среќа

Сашо Таневски

Продолжува старата практика секогаш кога се сака некој закон да се протне на мала врата и да се донесе набрзина, без вообичаените собраниски процедури, да му се стави европско знаменце и тој прекутрупа да стане дел од правниот систем на државата. Најголемиот проблем е што повеќето закони што се носат со европско знаменце не се во насока на некакво усогласување со европската легислатива, туку се со цел да се протуркаат нечии лични бизнис-интереси.
Вака набрзина донесените закони се целосно лишени од конструктивна дебата и амандмански интервенции за подобрување на самите закони, со што се испраќа лоша слика за демократските капацитети што ги има земјава во процесот на носење закони.

Што сѐ помина со европско знаменце во законодавните процедури

Со европско знаменце поминаа Законот за попис, Законот за употреба на јазиците, собраниската процедура за усвојувањето на Преспанскиот договор, брзата постапка за легализација на канабисот, Законот за недискриминација, што само покажува дека носењето закони што некој намерно сака да ги европеизира влијае на перцепцијата за квалитетот на процесите во земјава. Во меѓувреме, земјава доби исклучително лош и фингиран попис, Законот за употреба на јазиците од меѓународниот фактор беше оценет како нефункционален и ретрограден, негативните последици од Преспанската спогодба допрва почнуваме да ги чувствуваме, бизнисот со марихуана сè повеќе цвета, а сето ова како резултат на „европските“ закони донесени набрзина во Собранието.
Несомнено, овие постапки создаваат негативна перцепција за демократскиот капацитет на земјава во очите на Европската Унија, која во секој нов извештај за Македонија посочува дека носењето закони по скратена постапка во Собранието е спротивно на европските практики, но критиката од Брисел завршува само на хартија, додека во практика повторно им се прогледува низ прсти на пратениците сè додека работат во интерес на европските планови.

Принципиелно укажување на австрискиот амбасадор во земјава Георг Вуцас

Неодамна истапи австрискиот амбасадор во земјава Георг Вуцас, кој реагираше на обидите на пратениците од редовите на власта на новиот закон за игри на среќа да му стават европско знаменце и на тој начин на брза лента тој да помине во Собранието.
– Актуелните одредби ги нарушуваат темелните вредности на уставниот поредок во членот 8 од Уставот на Република С. Македонија, т.е. владеење на правото, слобода на пазарот и претприемаштво, почитување на општоприфатените норми на меѓународното право – пишува Вуцас во писмото што го испратил до Владата и до пратениците во македонското собрание.
Овој потег на амбасадорот Вуцас, според зборовите на нашите соговорници, со право се почувствува во јавноста како „едвај дочекана отворена и принципиелна реакција и укажување од вистинско место“, и тоа насочено кон два блока: прво кон пратениците (вклучувајќи ги и сите други домашни носители на јавни функции), второ укажувањето се однесува и кон европските претставници и сиот дипломатски кор во земјава, кои многу анемично реагираат на системските недоследности на државната управа, особено во столбовите на власта, кога за тоа е потребно, како на пример овој пат!
Токму со ваквото укажување на еден дипломат, според нашите соговорници дипломати, се укажува на „по малку лицемерното однесување на дипломатите во земјава, кои молчат кога со европско знаменце поминуваат законите за попис, за двојазичност, ратификацијата на Преспанската спогодба, но се исклучително гласни и се повикуваат на европската легислатива тогаш кога се загрозени интересите на земјите од кои доаѓаат“. Штетите од ваквите лоши закони на кои некој им ставил европско знаменце, а Европа претходно замижала, веќе ги чувствуваат на своја кожа македонските граѓани.

Двојните критериуми на употребата на европското знаменце на предлог-законите

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски препознава токму таков двоен однос од страна на ЕУ и дипломатите кога станува збор за (зло)употреба на европското знаменце при носењето некои закони во Македонија.
– Кога ЕК и ЕУ ја толерираат власта за одредени работи и им излегува во пресрет и ги фали, не гледам зошто тие би престанале со злоупотребата на европското знаменце. Значи, кога ѝ одговара и е во нејзин интерес, тогаш Европа и дипломатите молчат, но кога се во прашање нивните интереси, тогаш се жалат дека не треба да се постапува така. Малку е лицемерно таквото однесување, бидејќи ова не се случува првпат и не е нешто ново. Зошто тогаш не излезат и не кажат дека ставањето европско знаменце на некои закони не е во согласност со европската агенда – вели Пекевски.
Имајќи го предвид целокупниот политички амбиент во земјава, за него е логично да се прават вакви злоупотреби, бидејќи секој си го толкува правото онака како што му одговара.
– Кога во една држава не профункционира правото, апсурдно е да се очекува да се разговара за што било на правна основа. Немаме никаква правна сигурност и не може да очекуваме нешто да се реализира по стандарди, на пример стандардно да се донесе некој закон. Во суштина, ние станавме територија во која злоупотребите при носењето на законите и со европско и без европско знаменце, за жал, ќе продолжат, како впрочем и во повеќе други области – огорчено констатира аналитичарот Пекевски.