Антон Златков

Според бројот на досега пријавените учесници, на ова поединечно ЕП ќе има 493 шахисти (досега рекордот беше 409), а боите на Македонија ќе ги бранат младите шахисти Антон Златков, Стојан Велкоски, Давид Николовски и Дино Табаковски

Во Врњачка Бања (Србија), со денешните партии од првото коло, па до 13 март, ќе се одржи 23. Европско поединечно првенство (ЕП) во шах, кое ќе биде и најмасовно досега, со 493 шахисти (од кои 41 шахистка, а највисоко рангирана, 63-та, е Русинката Александра Горјачкина, со рејтинг 2.576). Боите на Македонија ќе ги бранат четворица млади шахисти, Антон Златков (2.174 рејтинг-поени, рангиран 360-ти пред ЕП, настапи и лани и беше 278. со 4,5 поени), Стојан Велкоски (1.868, рангиран 463-ти), Давид Николовски (1.860, 466-ти) и Дино Табаковски (1.692, 465-ти). Беше пријавен и искусниот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Дејан Динев, но во последен момент го откажа учеството, а на кое, како што ни најави, сакаше да атакува на третиот и последен бал за интернационален мајстор (ИМ).
Победникот ќе биде познат по одигрувањето на 11 кола со стандардно време за размислување. Првите 23 ќе се квалификуваат за настап на Светското првенство (СП) годинава. Прворангиран е ВМ од Ерменија, Габриел Саргасјан (2.699), кој лани на ЕП во Словенија (317 учесници, 114 ВМ) беше втор, а победи ВМ од Германија, Матијас Блубаум. На тоа ЕП играа шестмина македонски шахисти, ВМ Кирил Георгиев, ФМ Емил Ристески, Филип Михов, ФМ Роберт Велески, Антон Златков и Хедон Мифтари, а најдобар пласман оствари Ристески (153-ти, 5,5 поени).
Годинава од учесниците има 128 ВМ, четири ЖВМ, 104 ИМ, шест ЖИМ, 107 ФМ и девет ЖФМ. Вкупно има шахисти од 40 држави, а предничат Србија (99 играчи, Русија 41, Турција 33, Израел 31). Вкупно 48 шахисти се со рејтинг над 2.600 поени, а просечниот рејтинг на ЕП е 2.309. Наградниот фонд на ЕП 2023 е 100.000 евра, поделен на 23 дела (плус 12 специјални награди), а победникот ќе заработи 20.000 евра.
Македонија беше двапати домаќин на вакво ЕП. Првиот пат во Охрид во 2001 година (203 шахисти, 141 ВМ, 37 ИМ, 17 ФМ од 39 држави) и потоа во Скопје во 2019 година (361 шахист, 143 ВМ, три ЖИМ, 83 ИМ, шест ЖИМ, 58 ФМ и 10 ЖФМ од 42 држави). Пред ова ЕП во Србија, најмногу учесници имаше во Риека во 2010 година, 409. Г.И.