Фото: Приватна архива

Предизвиците пред кои се исправени УКИМ и високото образование во Македонија и потпишувањето на колективниот договор беа повод за разговор со проф. д-р Ангел Ристов од правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, претседател на Сојузот на синдикати на УКИМ. Тој вели дека, за разлика од нас, сите земји во регионот значително го зголемија финансирањето во високото образование и науката, што доведе до високо рангирање на нивните универзитети на Шангајската листа. Таква е состојбата со универзитетите во Белград, Загреб, Љубљана и други. Не можете да очекувате развој на науката, напредок на универзитетот во рангирањето, доколку државата не вложува во високото образование

Разговор со проф. д-р Ангел Ристов од правниот факултет „Јустинијан Први“, претседател на Сојузот на синдикати на УКИМ

Професор Ристов, вие сте претседател на Сојузот на синдикати на УКИМ што подолго време водеше преговори за потпишување колективен договор. Каква е моменталната состојба во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“?

– Синдикатот на УКИМ беше формиран пред три години. Основна причина за формирање на синдикатот, првпат во историјата на УКИМ, беше исклучително тешката состојба на вработените. Платите на вработените на УКИМ се исклучително ниски и се неколкупати помали од платите на универзитетите во регионот. Никаде во Европа, ниту во светот платата на доцент не е пониска од просечната! Никаде не постои ваков негативен сооднос помеѓу платите на вработените на универзитетите и просечната плата. Во минатото за најдобрите студенти беше престиж да се вработат на УКИМ и да се занимаваат со наука, денес поради ниските асистентски плати најдобрите во генерација заминуваат во странство.
Платата е недоволна да се покријат трошоците за докторски студии, набавка на литература, учество на меѓународни конференции, објавување трудови итн., што е услов за напредување во научната кариера. Без квалитетни и мотивирани научни кадри, не можете да имате развој и прогрес во државата. Со децении платите на редовните професори беа на ниво на судиите и јавните обвинители, а сега се двојно пониски. Тоа се однесува и за примањата на ненаставниот кадар, кои не се опфатени со минималното покачување во гранскиот колективен договор за високото образование. Тие се најтешко погодени во моменталната тешка состојба. Минималната плата е покачена, платите на голем број други професии и дејности во државата се покачија, трошоците за живот енормно се зголемија, само платите на вработените на УКИМ останаа под секое достоинство. Вработените на УКИМ досега покажаа големо разбирање и трпение за економската состојба во државата. Мeѓутоа, на трпението му дојде крајот.
Екстремно ниските плати се само еден од проблемите на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). Со години се влошува положбата на државниот УКИМ: нема инвестирања во наука, нема истражувања, нема стручна литература, нема средства за истражувања, нема нов кадар, проекти, пристап до бази на податоци, субвенционирање на издавањето учебници и монографии… Со други зборови, нема елементарни услови за научноистражувачка работа што се предуслов за високо рангирање на УКИМ. Од друга страна, постојано се говори како УКИМ паднал на ранг-листата на најдобрите универзитети во светот! Овој пад се должи на запоставувањето на универзитетот, кое трае подолг временски период, и на необезбедувањето финансиски и материјални услови за остварување на научноистражувачката дејност. За разлика од нас, сите земји во регионот значително го зголемија финансирањето во високото образование и науката, што доведе до високо рангирање на нивните универзитети на Шангајската листа. Ваква е состојбата со универзитетите во Белград, Загреб, Љубљана и други. Не можете да очекувате развој на науката, напредок на универзитетот во рангирањето, доколку не вложувате во високото образование.
Неодамна беше потпишан колективниот договор помеѓу Синдикатот на вработените на УКИМ и Собранието на РС Македонија. Дали сте задоволни од потпишаниот колективен договор?
На 29.12.2022 година беше потпишан колективен договор на ниво на работодавец помеѓу Собранието на Република Северна Македонија и Сојузот на синдикати на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Овој колективен договор е резултат на долгогодишните заложби на синдикатот за значително подобрување на материјалната положба на вработените на УКИМ. Со овој колективен договор, кој ќе се применува во 2024 и 2025 година, се предвидува значително покачување на платите на наставниот и ненаставниот кадар, што е во согласност со заложбите и барањата на синдикатот. Потпишувањето на овој колективен договор ќе има историско значење за автономијата на универзитетот и развојот на науката и образованието во интерес на студентите и државата. Државата конечно, по многу поминати години, ќе даде вистинска поддршка за развојот на високото образование, без кое не се можни општествениот развој и напредок на државата.
Потпишувањето на овој колективен договор во голема мера се должи и на поддршката од претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, кој беше овластен од страна на Собранието да го склучи колективниот договор. Во текот на многубројните средби, ние му ја презентиравме тешката состојба во која се наоѓаат вработените на УКИМ и потребата државата да обезбеди достојни плати. Врз основа на нашите оправдани и аргументирани барања се потпиша колективниот договор ,за што изразуваме благодарност до претседателот на Собранието на РСМ.
Дали очекувате зголемувањето на платите да биде реализирано со предвидување соодветни средства во буџетот за наредните две години?
– Колективниот договор што е потпишан и ќе се применува од 1.1.2024 година предвидува јасна обврска за државата да обезбеди поголеми средства за вработените на УКИМ. При што првото покачување на платите ќе биде во 2024 година, а второто ќе биде во 2025 година. Ние, како претставници на синдикатот, по долгите преговори и потпишувањето на колективниот договор очекуваме дека државата ќе го исполни она што е договорено, имајќи предвид дека овој колективен договор е правно обврзувачки и не може еднострано да се укине или менува.
Вие како претседател на синдикатот бевте најмногу инволвиран во преговорите. Дали беше лесно да се дојде до прифаќањето на колективниот договор?
– Воопшто не беше лесно да се потпише овој колективен договор. Многумина не веруваа дека синдикатот ќе успее во својата цел за подобрување на материјалната положба на вработените. Уште од почетокот на процесот, синдикатот се залагаше за мирно и разумно водење на преговорите со силата на нашите аргументи. За разлика од овој наш пристап, сите сме сведоци дека многу често барањата се остваруваат преку штрајкови, прекин на настава, блокади на улици итн,. што го отежнува животот на граѓаните. Во ниту еден момент ние, како претставници на синдикатот, не сакавме да примениме непопуларни мерки, како што се: бојкотирање на наставата и одложување на испитните сесии, што би се одразило негативно на нашите студенти. Ние сме тука заради студентите. Наша основна цел е да обезбедиме квалитетно образование затоа што тие се иднината на нашата држава. На крајот би сакал да ја изразам мојата голема благодарност до сите членови на синдикатот што беа активно вклучени во процесот на преговорите и со заеднички напори успеавме да ја оствариме нашата цел. Благодарение на нашата упорност, решеност и истрајност, успеавме првпат во историјата на УКИМ да потпишеме колективен договор и да обезбедиме поголеми права и достоинствени плати за вработените на универзитетот.