Спорт во бура

Ударите на кризите беа присутни и во минатото, главно поединечно, а сега се чини како кризите да се соединија и како да има „перфектна бура“, и глобално и локално. Секако, во една ваква ситуација не е засегнат само спортот, а секоја земја презема разни чекори за ублажување на ударите на кризите врз населението, економијата…, но и спортот, кој придонесува и за економскиот и за социјалниот развој, е важен општествен сегмент, особено здружен со рекреативниот дел. Финансиската помош што државата ја дава за развој и за поддршка на спортот преку моделот на спортски ваучери е важна, но сега станува и поважна, а регулациите и на други сегменти можат да донесат подобрување

Со пандемијата, енергетската и финансиската криза, климатски промени… и спортот и рекреацијата се под притисок подолго време. Секој од нив со свој печат и со долгорочни последици, планетарни и локални, оти нема имуни, откако, на пример, опстојувањето на јавните базени и други спортско-рекреативни објекти во една од најбогатите земји во светот е под влијание на кризите и со неизвесност за нивна понатамошна работа, а една друга земја најавува дека се откажува од домаќинство на голем спортски настан. Се чини само фудбалот, особено врвниот, како да не покажува речиси никакви знаци на криза, ако како пример се земат и вложувањата на клубовите за трансфери, но фудбалот одамна е засебна, моќна индустрија.
Пандемијата, покрај здравствените влијанија, донесе дисконтинуитет, тренажен и натпреварувачки, секако и финансиски удар врз спортистите, буџетите на клубовите, федерациите… Многу светски спортски институции се потпреа на свои фондови, па ги насочија парите за помош на спортистите, клубовите, федерациите, многу спортови се самоорганизираа со, меѓу другото, солидарна помош (во некои случаи вклучуваше и намалување на платите)… Но пандемијата имаше и силен удар врз општата физичка активност. Светската здравствена организација (СЗО) посочи клучни факти во својот неодамнешен извештај, дека на глобално ниво еден од четворица возрасни не ги исполнува глобалните препорачани нивоа на физичка активност и дека повеќе од 80 отсто од светската адолесцентна популација е недоволно физички активна, но посочи дека физичката активност има значителни здравствени придобивки за срцето, телото и за умот, придонесува за спречување и управување со незаразни болести, ги намалува симптомите на депресија и анксиозност, ги подобрува размислувањето, учењето и вештините за расудување, обезбедува здрав раст и развој кај младите, ја подобрува целокупната благосостојба…

Енергетската криза се дополни со финансиската криза и тие почнаа да удираат заеднички, нешто што го чувствуваат и малите и големите спортови, низ, секако, зголемени сметки за сѐ и сешто, неможност за целосен развој, а влијанијата, предизвикани од повисоките цени, инфлацијата… стигнуваат и во базата, важен дел за секое општество и поради превентивната здравствена улога, но и, на пример, поради цврстината на темелот врз кој се ѕида врвниот спорт, и глобално и локално. Ако, според истражувања на Евробарометар, зголемувањето на трошоците за живот е најголемата грижа за 93 отсто од Европејците…, тогаш е јасно дека и спортот е под голем притисок, па сите засегнати, институции, индивидуалци, бизниси… треба да стават фокус и на спортот и на физичката активност, низ призмата на клучните факти на СЗО.
Климатските промени, пак, се на пат да збришат или целосно да трансформираат некои зимски спортови. „Верувам дека би било добро да се оттргнеме од терминот зимски спорт. Мислам дека би било добро ако се обидеме да внесеме начин на размислување како за целогодишен спорт. Верувам дека ние сме екстремен спорт и дека тој може да се одвива без разлика каде и без разлика како“, изјави еден од врвните тренери во скијачки скокови, Александар Штокл, кој иднината на својот спорт не ја гледа исклучиво на падини покриени со снег. Слични проблеми поради недостиг од снег имаат и други зимски спортови (поради недостиг од природен снег треба да се направи вештачки снег, за што, пак, треба многу енергија, особено проблематично во време на енергетска криза), но и пошироко, зимската туристичка заедница, која носи значајни приходи за многу земји. Претседателот на Интернационалниот олимписки комитет, Томас Бах, го опиша влијанието на климатските промени врз зимските спортови како „алармантно“. Секако, климатските промени влијаат и врз летните спортови.

Финансиската помош што државата ја дава за развој и за поддршка на спортот преку моделот на спортски ваучери е важна, но сега станува и поважна, затоа што, иако многу работи не зависат од парите, тие се важен двигател. Регулациите и на други сегменти можат да донесат подобрување. Ударите на кризите беа присутни и во минатото, главно поединечно, но сега се чини како кризите да се соединија и како да има „перфектна бура“, и глобално и локално, која, згора, трае веќе подолго време. Секако, во една ваква ситуација не е засегнат само спортот, а секоја земја презема разни чекори за ублажување на ударите на кризите врз населението, економијата…, но и спортот, кој придонесува и за економскиот и за социјалниот развој, е важен општествен сегмент, особено здружен со рекреативниот дел. Ако нешто беше потенцирано како потреба при светското ресетирање во 2020 година со стапнувањето на сцената на пандемијата на коронавирусот, тоа беше големата потреба да се има план Б за секоја ситуација, да се биде флексибилен, адаптибилен, да се наоѓа начин да се антиципира. Во оваа „перфектна бура“ особено се потенцира тоа.

[email protected]