Македонските малцински организации секоја година одат на форумите на кои ги искажуваат проблемите и прекршувањата на заложбите и пресудите од европски судови и институции. И нивната состојба не се менува. Тоа е затоа што живеат во држави што или не ги усвоиле или не ги ратификувале документите, со кои се гарантираат малцинските права и им е дозволено да имаат унитарно уредување, кое го толкуваат како една држава-една нација (Грција, Бугарија), или нема механизми и капацитети за инклузија на барањата и потребите на малцинствата. Европа, и покрај многуте исчекори и одлични документи со кои се гарантираат малцинските права, нема едногласност, па некои нејзини членки се однесуваат како да немаат малцинства. Иронично е што токму тие посегнуваат по своите „сонародници“ во соседни држави

Имаат ли моќ европските институции да спречат обиди за асимилации на малцинствата во Европа

Бугарската стратегија за „купување“ лажно бугарско малцинство низ Балканот, со полни куферчиња бугарски (европски) пасоши, се чини дека сега е фокусирана на Косово, пред пописот што треба да се спроведе напролет во таа држава. Бугарскиот претседател Румен Радев во декември минатата година, при посетата на косовската претседателка Вјоса Османи, разговарал за можноста Бугарите во Косово да се признаат како заедница. Имено, бугарската страна тврди дека речиси 15 илјади луѓе имаат бугарска самосвест, а во јануари годинава била поднесена петиција до парламентот на Косово со барање тие да бидат признаени како независна заедница. Спорниот момент во оваа амбиција на Бугарија за лажирање бугарско малцинство на Балканот во држави со кои воопшто не граничи (Албанија и Косово) е во тоа што такво малцинство во нив и не постои. Па „активностите“ на бугарската пропаганда се насочени најмногу спрема она малцинство во овие земји што се изјаснува и чувствува како македонско, со оглед дека овие држави всушност граничат со Македонија.

Повик до европските институции да ги запрат уцените од страна на бугарската држава кон други држави

На ваквите асимилаторски активности на бугарската политика, реагира македонското друштво „Илинден“ од Тирана, кое остро го осудува инсистирањето на бугарскиот претседател Румен Радев, кој во областа Гора, во Косово, бара од косовските власти да признаат Бугари во предели каде што живеат Македонци.
– Официјална Софија ја продолжува својата антимакедонска пропаганда меѓу Македонците во областа Гора, во Албанија и во Косово, обидувајќи се да ги претстави како „Бугари“ – се наведува во соопштението што го објави Никола Ѓурѓај, претседател македонското друштво „Илинден“ од Тирана.
Во реакцијата на асоцијацијата на Македонците во Албанија се нагласува дека се залагаат за вистината дека Македонците во областа Гора се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ! Нивната самосвест е македонска! Обидите на бугарската политика да го обезличи и побугари ова македонско население се остваруваат со уцени и подведувања за подобрување на нивниот социјален статус и економска положба со делење бугарски пасоши, со ветувања за стипендии за студирање на младите Македонци.

– Цената на тие бугарски „услуги“ се сведува на потпишување изјава на Македонците дека се Бугари и дека и нивните предци биле Бугари. Македонците во областа Гора никогаш не биле, ниту своеволно би биле „Бугари“! Срамен, недемократски и антиевропски е потегот на бугарскиот претседател Румен Радев да го уценува косовскиот политички врв да ги признае непостојните Бугари во Косово. Ваквиот негов потег е веќе виден во Албанија, каде што со уцени и закани за нејзината европска иднина Бугарија наметна признавање непостојни Бугари во Законот за малцинства од 2017 година – се наведува во соопштението.
Конечно, македонското друштво „Илинден“ од Тирана ги повикува европските институции да ги запрат уцените од страна на бугарската држава кон други држави со заканите за вето за нивната интеграција во Европската Унија. Македонското друштво „Илинден“ од Тирана апелира Владата на Косово да преземе сериозни мерки за грижа за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во Косово и да не дозволи признавање на непостојно бугарско малцинство таму.
Македонското друштво „Илинден“ од Тирана го потсетува бугарското раководство дека македонската нација е историски факт и оти „нам не ни треба одобрение од други држави за да се изјасниме дека сме тоа што сме“.

Недејствувањето на ЕУ го намалува просторот за мали либерални народи

Реакцијата на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, кое ги повикува европските институции да ги спречат уцените на Бугарија спрема Косово и Албанија за побугарување на македонското малцинство во овие соседни држави на Македонија, е од видот на оние реакции што апелираат на совеста и принципите на ЕУ, но и предизвикуваат прашања. На пример, зошто ЕУ не реагира на флагрантниот уценувачки поткуп на Бугарија за асимилација во регионот? Има ли ЕУ инструмент да спречи вакви појави?
Професорката по меѓународни преговори и медијација Ида Мантон смета дека логично е што претставниците од здружението „Илинден“ од Тирана бараат одговори на наднационално ниво.
– Македонските малцинства надвор од државата се препуштени сами на себе и бидејќи државата (и таа во која живеат, но и таа со која се идентификуваат) не ги поддржува нивните повици за учество и носење одлуки во јавниот живот, логично е тие да ја бараат таа поддршка од следното, наднационално ниво, така што логичен е повикот на здружението „Илинден“. Но, за жал, јас не верувам во никаков одзив од Брисел. Исто така, логична е реакцијата, затоа што оваа динамика е предизвикана заради ЕУ-пасоши. Македонските малцински организации секоја година одат на форумите на кои ги искажуваат проблемите и прекршувањата на заложбите и пресудите од европски судови и институции. Јас ги следам и во ОБСЕ, и во ООН, и во Советот на Европа. И нивната состојба не се менува. Тоа е затоа што живеат во држави што или не ги усвоиле или не ги ратификувале документите, со кои се гарантираат малцинските права и им е дозволено да имаат унитарно уредување, кое го толкуваат како една држава-една нација (Грција, Бугарија), или нема механизми и капацитети за инклузија на барањата и потребите на малцинствата. Европа, и покрај многуте исчекори и одлични документи со кои се гарантираат малцинските права, нема едногласност, па некои нејзини членки се однесуваат како да немаат малцинства. Иронично е што токму тие посегнуваат по своите „сонародници“ во соседни држави – вели професорката Ида Мантон.

Мантон наведува дека, така, Романија со години им издава романски пасоши на граѓани на Молдавија, а Бугарија го прави истото тоа со над 150.000 издадени пасоши на македонски државјани.
– Бугарија оди и чекор понатаму. Тие не граничат ниту со Косово, ниту со Албанија, но тоа не ги спречува да ги убедуваат малцинствата што се чувствуваат како Македонци дека се всушност Бугари и со лукративни предлози да им издаваат пасоши. Кога некој во Брисел би погледнал на мапата, би видел дека Бугарија се води по територијални решенија и империјалистички соништа од Сан Стефано и малку ѝ значат термини како „сувереност“ и „немешање во внатрешните работи на други држави“. Но Европа има посериозни проблеми во моментов. Но ЕУ може да го реши ова многу едноставно – на македонскиот пасош да му даде тежина како на европски и да ги запре сите прошетки со црни куферчиња по регионот. Истото тоа треба да го направи и со Молдавија, Украина и Грузија. Можеби не веднаш, но можеби колку порано толку подобро. Во спротивно, малцинствата наместо да бидат како што ги опишува Болзанската препорака на високиот претставник на ОБСЕ за малцински прашања, „мост меѓу државите што придонесува за просперитет и пријателски односи, подобрување на климата за дијалог и толеранција“, тие ќе се инструментализираат и злоупотребуваат за разни прагматични политички цели и вештачко пумпање на датабази. Во ова наше „буре барут“ подобро е да се спречи отколку да се лекува, а ова инвазивно навлегување во ткивото не може да се лекува со локален анестетик.
Недејствувањето на ЕУ го намалува просторот за мали народи, а тоа може да биде крај на една надежна, прогресивна епоха и враќање во феудално средновековни релации на надмоќ – вели експертката за меѓународни преговори и медијација Ида Мантон.