Фото: МВР

Евентуалното законски неосновано укинување на партијата на која бил претседател Палевски отвора простор за проблематизирање на неговата екстрадиција од Турција! Зошто? Експертите даваат дециден одговор: Поради тоа што на тој начин се дава можност судските инстанци во Турција да ценат дека обвинетиот Палевски е предмет на политички прогон и дека во Македонија нема да има услови за праведно и фер судење!

Екстрадицијата на Палевски да не биде загрозена со давањето политички легитимитет на случајот „Палевски“

На правните процедури за постигнување на правдата за убиствата врз 14-годишната Вања Ѓорчевска и 72-годишниот Панче Жежовски се чини дека им се заканува искушението да навлезат во лавиринтите на политиката, поточно на политизацијата и политикантски извитоперувања и политички етикети за случајот. Токму таквата процедурална дисторзија може да доведе и до проблематизирање на екстрадицијата од Турција на првообвинетиот Љупчо Палевски. Политизацијата се случува преку обидите за поврзување на стореното злосторство, како причина за укинување на партијата Десна, на која Палевски до пред некој ден фигурираше како нејзин претседател. Уште во првите денови по откривањето на Палевски и неговите соработници (исто така членови на партијата), како сторители на злосторствата, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја навести можноста за укинување на партијата, како организација што поттикнува омраза во општеството и влијае загрозувачки врз безбедноста на државата. Деновиве, пак, сѐ поочигледна е медиумска кампања што повторно подгрева притисок кон ОЈО да преземе конкретни чекори за укинување на политичката партија Десна, поврзувајќи го укинувањето со класичниот криминален чин на случајот на двојното убиство и киднапирање.
За потсетување, Љупчо Палевски повеќе не е претседател на политичката партија Десна. На местото на Палевски, за претседател на партијата е избран Тони Алексовски, основач и член на Десна. Од партијата велат дека сите осомничени за убиството на Вања и Панче, кои наедно се и членови на партијата, имаат замрзнато членство и функции. Но од Десна јавните повици на премиерот Ковачевски и министерот Спасовски партијата да биде дерегистрирана ги оценуваат како закана кон членството и сериозен политички преседан.
За дерегистрација или укинување на постоењето на политички субјект како партија надлежност има јавното обвинителство. Во Законот за политички партии се наведени основите поради кои јавен обвинител може да поведе постапка пред надлежен суд за бришење политичка партија.

Сѐ почести и погласни прозивки кон ОЈО од страна на медиумите за да се укине политичката партија на Палевски

– Доколку се утврди дека се исполнети законските основи, обвинителството ќе постапи според своите надлежности, велат од обвинителството, од каде што посочуваат дека истрагата сѐ уште е во тек, а нови информации за јавноста засега нема.
Од друга страна, законски неоснованото укинување на партијата на која бил претседател Палевски отвора простор за проблематизирање на неговата екстрадиција од Турција, поради можноста судските инстанци во таа земја, кои треба да ја донесат таквата одлука, да проценат дека обвинетиот во Македонија нема да има услови за праведно и фер судење, односно дека е предмет на политички прогон.
– Поврзувањето на политичката партија на која бил претседател Палевски со постапките и процедурите во насока на правна разврска за убиствата на двете жртви може да го закомплицира целиот случај. Во моментов, кога се очекува во Турција да се одлучува за екстрадицијата на Палевски, политизацијата на случајот може повеќе да наштети отколку да биде од корист. Пред сѐ, иако осомничените, притворените и пребеганиот Палевски, биле членови (односно претседател) на партијата, злосторството не го сториле од позиција на партиска активност. Така што дебата во јавноста и навестување на можноста за укинување на партијата одат во прилог на креирање амбиент за политичко влијание во кривичен случај, што би можело да влијае и на одлуката за екстрадиција во Турција. И покрај изјавите на македонските политичари дека прашањето на екстрадицијата е речиси решено, сепак далеку е правната завршница за тоа – вели универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев.

Обвинителството ќе одлучува според законските одредби, без никакви надворешни сугестии и влијанија

Првоосомничениот Палевски сѐ уште е во привремен затвор во Турција, каде што беше приведен на почетокот на декември. Македонските институции се уште чекаат информации за негова екстрадиција од турските власти. Нов 30-дневен притвор пред десетина дена добија уште петмина осомничени. Тројца од нив се товарат за соизвршителство на двете убиства, а двајца, меѓу кои и таткото на Вања – за помагање.
Со оглед на ризиците по спроведувањето на правдата, сосема непотребно е политизирањето на кривичниот случај со ситуација на укинување (дерегистрација) на политичката партија. За процената дали партијата треба да постои во македонскиот политички амбиент, сепак, треба да процени обвинителството, според законските одредби и без никакви политички сугестии и влијанија.