Според универзитетски професори од правните факултети, адвокати и правници, изборот за шеф на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција може да се анализира од повеќе агли, но од сите тие ракурси, заеднички именител е дека се забележуваат низа сериозни пропусти. Прво, во процедурата не е разгледан ниеден од петте битни изборни критериуми за ЈО: поранешна работа, вклученост во обвинителски активности, публикации, едукација и углед во јавноста. Второ, и самиот кандидат не дал отчет за претходно сработеното пред колегите што го избираат, а не понудил ниту програма за понатамошната работа. Според експертите, горенаведеното сериозно наведува (или, пак, потврдува) симптоми на партизираност и во судско-обвинителскиот систем
Отчет за сработеното и понудена програма за планираното се неодминлив критериум за одлука при изборот за шеф на ОЈО ГОКК
Главната задача на процесот на преговори за членство во ЕУ за земјите-кандидатки како Македонија е воспоставување систем на владеење на правото, односно правната држава, според правните и демократските стандарди на Унијата, што во практика се чита како справување со организираниот криминал и корупцијата, како „скриени извори“ на сите слабости на општеството. Иако евроинтегративниот пат на Македонија повеќе е обременет со соседско-политички предизвици, сосема нестандардни за преговарачките процеси на други земји-членки на ЕУ, сепак таквата ситуација воопшто не е „олеснителна околност“ за земјава во врска со исполнувањето на стандардите за главниот критериум – владеењето на правото и правната држава. Токму поради констатираните слабости во справувањето со корупцијата и организираниот криминал (обично поврзан со политичката моќ), со иницијатива и поддршка на меѓународната заедница, беше создадена дополнителна, специјална форма(ција) на јавно обвинителство за откривање и гонење случаи од коруптивно- криминална-политичка природа. Првата форма, именувана како Специјално јавно обвинителство (СЈО), беше сосема независна институција, со широки надлежности и ослободена речиси од секаква одговорност, која неславно пропадна и самата заплеткувајќи се во коруптивно-криминално однесување. Сепак, предметите од т.н. СЈО ги наследи одделот во рамките на Основното јавно обвинителство (ОЈО), повторно со задача за гонење организиран криминал и корупција. Многу брзо и обвинителите од овој „специјален“ оддел на ОЈО удрија во ѕидот на политичко-институционалниот судир за моќ и влијание, па како епилог на една таква ситуација, претходната јавна обвинителка на ГОКК Вилма Рускоска беше суспендирана, а пред неколку дена беше избран нов шеф на овој оддел, обвинителот од Гостивар, Ислам Абази, во процедура на избор со гласање на сите обвинители во Македонија.
Сепак, на навидум демократскиот избор на (главен) јавен обвинител на ГОКК, паѓаат сенки на сомнежи и прашања, предизвикани од фактот дека токму новиот шеф на ова обвинителство беше „најмистериозниот“ кандидат од четворицата што влегоа во изборната процедура, а претходно не претстави ни своја програма и цели за работа во претстојниот мандат. Па изборот на Абази, со 66 гласа (од 160 обвинители што гласале и само два гласа повеќе од подолу пласираниот кандидат, скопскиот обвинител Ермон Незири), предизвика резервирани реакции во јавноста и меѓу правниците за неговите капацитети за справување со организираниот криминал и корупција. Дополнителна воздржаност за неговиот избор предизвикаа и штурите достапни информации за неговата претходна професионална кариера, како и одредени индиции за политичко влијание.
– Обвинителството треба да биде еден од столбовите на правната држава! Обвинителот што го „избраа“ не го познавам, како што не ја познавав ни Катица…. Рибата смрди од главата – коментираше на социјалните мрежи Гордан Калајџиев, универзитетски професор по Кривично право на Правниот факултет при УКИМ.
Во однос на првото искуство за избор на шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), со гласање на сите обвинители, министерот за правда Никола Тупанчевски оценува дека овој модел покажал видливи слабости и дека не е отпорен на надворешни влијанија.
– Првпат јавните обвинители непосредно го избираат првиот човек на Обвинителството, да не заборавиме Законот за јавно обвинителство беше консензуално донесен од страна на сите чинители и тој закон беше прифатен од сите и практично моделот, кој го тестиравме пред некој ден, според мене, покажа одредени слабости. Она што можеби во иднина треба да се преземе, бидејќи тој модел не е доизграден, сметам дека доколку бидат додадени некои дополнителни критериуми во однос на изборот на обвинителот, би стигнале до подобри резултати и пообјективен избор – вели министерот Тупанчески.
Исто така, тој согледува дека остануваат неколку параметри што не се дефинирани докрај и најави оти ќе се движат во насока на измени во однос на построги правила и критериуми.
– За избор ќе мора да се додаде цензусот и тоа дали ќе има потреба да се воведе втор круг на избори, но и дали ќе има некој дополнителен критериум. Да не заборавиме дека во нашата држава главниот проблем не е квалитетниот закон или правната рамка. Напротив, се судираме со суштинскиот проблем, а тоа се капацитетот на институциите и интегритетот на луѓето што се дел од тие институции – вели Тупанчески.
Во својата анализа за изборот на шефот на ЈО ГОКК, адвокатот Драган Малиновски издвојува дека можеби се сакало да се направи нешто добро, имено изборот да биде од самата фела. Но адвокатот акцентира дека е непоимливо за кандидатот за шеф на ова обвинителство да не важат критериумите што важат за другите обвинители.
– Мислам дека се направени сериозни пропусти при постапката за избор. За да биде избран обвинител, кандидатот треба да задоволи пет битни критериуми: поранешна работа, вклученост во обвинителски активности, публикации, едукација и углед во јавноста.
Во тој контекст, адвокатот Малиновски го поставува прашањето како може за кандидатите што влегуваат во тоа обвинителство да важат овие критериуми, а за изборот на шефот на тие обвинители да не важат истите критериуми?!
На првата прес-конференција по изборот, Ислам Абази накратко се осврна на своето претходно професионално искуство, велејќи дека работел во разни работни групи за носење закони. За неговиот избор од страна на колегите, без да претстави своја програма, Абази нагласи дека „со колегите се познава долги години и тие во него препознаа човек што ќе биде успешен“. Како приоритет при стапувањето на функцијата, новиот шеф на ОЈО-ГОКК смета дека најпрво треба да се запознае со состојбите и работите во тоа обвинителство и битно му е да се пополнат празните работни места за обвинители, но и да се пополнат местата во истражниот центар и да се воведе дигитализација на јавното обвинителство.
– Во однос на транспарентноста и јавноста, во согласност со Законот за јавно обвинителство, ние сме должни да бидеме транспарентни и да ги информираме средствата за јавно информирање за работата на некои предмети што нудат поголем интерес во јавноста. Треба да имаме предвид да ги зачуваме угледот и достоинството на обвинетите, оштетените и сите учесници во таа постапка со пресумцијата на невиност и тајноста на постапката во зависност од тоа во која фаза се наоѓа предметот – кажа Абази на првата средба со новинарите по неговиот избор за шеф на ЈО ГОКК.
Европските искуства со успешноста во справувањето со организираниот криминал и корупцијата со избор на претходно (условно кажано) „анонимни“ обвинители на чело на наменските обвинителства, не може да се каже дека се совпаѓаат со автохтоните македонски искуства. Со често посочуваниот пример на успешноста на романската обвинителка Лаура Ковеси (денес прв европски јавен обвинител) во справувањето со корупцијата, за жал, не може да се пронајде паралела во македонските примери, кои требаа да бидат нејзин пандан. Тоа дополнително ја поткрепува скептичноста на правната јавност во начинот на избор на новиот шеф на ЈО ГОКК.
– Крајно невообичаен е изборот на новиот шеф на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, ако претходно не ја претставил својата програма пред колегите, а не учествувал и во медиумската дебата со другите тројца кандидати за истата позиција. Изборот на „најнепознатиот“ кандидат создава индиции и сомневања за инструираност во гласањето, а индикативно говори колку Јавното обвинителство е способно да одлучува само за себе. По симптоматичната партизираност на администрацијата, изборот на личност за шеф на ЈО ГОКК што не дал отчет за претходно сработеното пред колегите што го избираат, а не понудил ниту програма за понатамошната работа, сериозно наведува на симптоми на партизираност и во судско-обвинителскиот систем. Се плашам дека досегашните 92 отсто недоверба во судско-обвинителскиот систем, кои ги откри претходната американска амбасадорка во Македонија, Брнс, на наредното мерење уште повеќе ќе се приближат до 100 проценти. Оваа состојба е предизвик и за новата амбасадорка на САД во земјава, Агелар, која уште пред да дојде истакна дека нејзина главна цел во работата ќе биде искоренувањето на корупцијата во Македонија. За добро на сите, убаво би било со својата работа Ислам Абази да го демантира сиот скептицизам произлезен од начинот на неговиот избор за прв човек во гонењето на организираниот криминал и корупција во Македонија – вели универзитетскиот професор Борче Давитковски.
Антонио Јолевски: Треба да му се остави простор на новиот шеф на ЈО ГОКК да се докаже
Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, излезе со став во јавноста дека треба да му се даде шанса на Абази да се докаже.
– Сметам дека во случајот треба да му се даде простор на Абази, да се докаже како што се докажа во гостиварското обвинителство. Овој обвинител таму (во ЈО ГОКК) ќе треба да менаџира како што менаџираше со гостиварското обвинителство и од неажурно да го направи ажурно, во кое ќе постапуваат обвинителите, нормално со негово учество.Затоа велам дека треба да му се даде простор, да видиме како ќе се покаже, бидејќи во гостиварското обвинителство имаше илјадници предмети, па дојдоа до ситуација да го исчистат остатокот во неговиот период од четири години.
Дали е веродостоен обвинител што во својата прва изјава не е докрај искрен
Никогаш не сум бил, или пак сум член на некоја политичка партија. Ниту, пак, во моето досегашно работење сум оставил впечаток дека имам одредени релации или позиции со одредена политичка партија, изјави Ислам Абази на првата средба со новинарите како шеф на ЈО ГОКК, посочувајќи дека нема лични контакти со Али Ахмети или со некој друг од ДУИ.
Многу набрзо по оваа негова изјава во медиумите на албански јазик во Македонија, а потоа и на социјалните мрежи се распространија фотографии од дружења на новоизбраниот обвинител со функционери од ДУИ, но и од приватни моменти со братот на лидерот на партијата, Али Ахмети, со кои Абази потекнува од истото село Зајас.
Ваквите индиции, секако, не одат во прилог на кредибилитетот за транспарентност и искреност на новиот обвинител, кој треба да се зафати со борба против организираниот криминал и корупција.