Фото: Архива

Македонското Министерство за надворешни работи, преку својата Амбасада во Софија, упати вербална нота, со која изрази крајно незадоволство од неодамнешните јавни изјави на членот на Европскиот парламент и копретседател на политичката партија ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски.

– Џамбаски во повеќе наврати изразува иредентистички и територијални претензии кон Република Северна Македонија и упатува тешки навреди кон угледот на високи државни претставници на Република Северна Македонија. Упатувајќи закани и тешки навреди, повредувајќи го достоинството на Република Северна Македонија и нејзините граѓани, г-нот Џамбаски се однесува спротивно на заложбите и стремежите изразени во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји – велат од МНР.

Министерството очекува државното раководство во Бугарија, Владата и тамошното Министерството за надворешни работи да го осуди и да се огради од изјавите на Џамбаски.

Истовремено, Министерството за надворешни работи соопшти дека би ги ценело евентуалните активности преземени од надлежните институции на Бугарија за преземање мерки за превенција на вакви и слични однесувања.

Џамбаски вчера застана пред карта на „Голема Бугарија“ и упати низа навреди за премиерот Димитар Ковачевски, како и пораки со кои ги негира македонскиот јазик, идентитет и нација.