Фото: Архива

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека само еднаш случајно се сретнал со претседателот на бугарското здружение „Цар Борис Трети“ и оти не го познавал. Мицкоски е сликан со претседателот на охридското здружение, а фотографијата е објавена во јавноста.

– Не, не го познавам момчето. Гледам некоја слика се појавува таму. Мислам дека точно знам кога и како е тоа сликано. Тоа беше при една моја посета, станува збор за Бигорскиот манастир каде што овие беа таму и како групација ми да дадоа една книга која што им ја вратив. Не ја примив. Тоа е тоа. Единствената моја средба во животот е тогаш со ова момче – рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Ставот во врска со отворањето на бугарскиот клуб во Охрид рече дека го кажал во четвртокот, ден пред отворањето, оценувајќи го како голема провокација и како резултат на „поданичките и предавнички политики од страна на оваа Влада на СДСМ“.

– Ако тие од другата страна очекуваа дека ќе добијат дебел црвен персиски килим и ќе добија поддршка и помош ако се согласат да отпочнат асимилација на сопствемиот македонски народ тогаш еве им пример како нивната политика резултираше односно зошто не треба нивната политика да се поддржува, а тоа е отворањето на ова здружение со име на фашист во случајов Цар Борис Трети, кој што бил докажан фашистички партнер поразен во Втората светска војна а Бугарија тогаш потпишала капитуалција – рече Мицкоски.

Македонија и македонскиот народ и ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, како и секогаш ќе бидат на вистинската страна на историјата а тоа е на страната на антифашистичката борба и на страната на народот во Македонија.

-Така сме биле така и ќе продолжиме да бидеме. Поднесовме закон во Парламентот, очекуваме од Владата да се произнесе по законот, да го прифати и да даде свои забелешки на истиот и да го усвоиме, со што на вакви егзибиционисти што душата си ја продале за левови ќе им ставиме крај и нема никогаш повеќе да го провоцираат напатениот македонски народ – рече Мицкоски.