Партијата Демократски сојуз достави инцијатива до Уставниот суд за поништување на автентичното толкување на Законот за амнестија со кое се запре постапката за четирите хашки случаи
ИНИЦИЈАТИВА ПРЕД УСТАВНИОТ СУД ЗА УКИНУВАЊЕ НА АВТЕНТИЧНОТО МИСЛЕЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА АМНЕСТИЈА
Измина повеќе од еден месец, откако комесарката за човекови права при Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, го испрати писмото до македонската влада, додека сѐ уште имаше политички ингеренции, во времето на премиерскиот мандат на Димитар Ковачевски. За писмото – во кое се препорачува „справување со насилното минато и поодлучно движење кон социјална кохезија, правда и помирување во државите од регионот“, односно реактивирање во македонското правосудство на четирите т.н. хашки случаи на воени злосторства против цивили од 2001 година – во македонската јавност се слушна дури по две седмици, откако владата премина во технички мандат за спроведување избори, предводена од Талат Џафери.
На акцијата на Советот на Европа имаше реакција и во Македонија, но сѐ уште институционално анемична
Можеби политичките околности на предизборен амбиент во Македонија предизвикаа „ефект на оглушување“ кај големите политички субјекти во земјава за барањето за спроведување правда, но неколку интелектуалци и правници конкретно реагираа на препораката на Советот на Европа. Принципиелно, во иста насока, во овој период реагираа и партиите Демократски сојуз и Левица.
Левица во својата првична реакција наведе дека процесирањето на хашките случаи во македонското правосудство ќе го постави како услов за постизборно коалицирање при формирање влада. Но уште поконкретен предизборен чекор презеде Демократскиот сојуз, кој достави инцијатива до Уставниот суд за поништување на автентичното толкување на Законот за амнестија со кое се запре постапката за четирите хашки случаи: „Водство на ОНА“, „Липковско Езеро“, „Гробницата Непроштено“ и „Мавровски работници“.
Според Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз, ова автентично толкување е спротивно на Уставот и Кривичниот законик, како и на женевските конвенции, со кои е дефинирано дека злосторствата против цивилите не застаруваат.
– Инаку, по автентичното толкување се запре постапката за четирите хашки предмети, цитираме: „Се ослободуваат од гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршување на казната затвор лица за кои постои основано сомнение дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година“ – се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз за поднесената иницијатива до Уставниот суд.
Пратеникот и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, вели дека за иницијативата за укинување на автентичното мислење на Законот за амнестија пред Уставниот суд се одлучил откако сфатил дека во предизборен период таков предлог тешко би поминал во Собранието.
– Ниту една политичка партија не изрази јасен став за писмото и препораката од комесарката за човекови права при Советот на Европа за укинување на автентичното мислење на Законот за амнестија. Како пратеник, за потребата да се постапи според препораката на Уставниот суд зборував и на собраниската говорница. Исто така, можев да поднесам и предлог Собранието да расправа и да одлучува за повлекување на автентичното мислење. Но нашата процена во партијата беше дека тешко би минал таков предлог во Собранието, особено пред избори. Затоа одлучивме да поднесеме иницијатива пред Уставниот суд, кој би требало да ја прифати и да донесе одлука за отстранување на правните пречки за продолжување на постапката по четирите хашки случаи. Пред донесувањето на автентичното толкување, предметите на хашките случаи беа во различна фаза на истражно-судска процедура. Автентичното толкување е спротивно на Уставот и Кривичниот законик, како и на женевските конвенции, со кои е дефинирано дека злосторствата против цивили не застаруваат. Доколку Уставниот суд не постапи по иницијативата, би можел да се распушти – вели пратеникот Павле Трајанов, нагласувајќи дека е потребна силна осуда на злосторствата од минатото, за, како што вели, да може да градиме мирна и демократска иднина.
Во исчекување принципиелна реакција на македонските државни органи, техничкиот премиер се најде да релативизира
Техничкиот премиер Талат Џафери веќе двапати повторува во јавноста дека хашките случаи за него се „завршена приказна“(?!). Одговарајќи на новинарско прашање за време на настан во Тетово, Џафери вчера рече дека законите се донесени и приказната е затворена.
– Веќе дадов одговор за тоа дека е завршена работа во контекст на она што е законодавство и состојбата во државата. Завршена е таа приказна, законите се донесени – изјави Џафери.
Но во препораките на Мијатовиќ во писмото до македонската влада од 15 јануари, објавено и на веб-страницата од Советот на Европа, децидно се истакнува: „Да се отповика автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година и да се истражат досиејата што им беа трансферирани од Хашкиот трибунал на домашните судови“!
Талат Џафери, и самиот припадник на ОНА, откако во критичен миг на конфликтот од 2001 година пребегнал од својата позиција во АРМ, како легитимна одбранбена сила на државата Македонија, може да има контроверзна улога во случај на активирање на хашките случаи.
Историчарката и универзитетска професорка Наде Проева ја поставува дилемата зошто доколку досега сме прифатиле многу притисоци од меѓународната заедница, и тоа на наша штета, „не би го прифатиле и овој ’притисок’ од Советот на Европа, кој е во интерес на државата, но пред сѐ во интерес на правдата за жртвите од злосторствата и на меѓународното право“?
– Несоодветно, но со оглед на политичките околности – предвидливо, е однесувањето на политичките субјекти во Македонија, на писмото на комесарката за човекови права при Советот на Европа, за реактивирање на процесот за правда за воените злосторства од 2001 година, односно на т.н. хашки случаи. Предвидливо е премолчувањето на оваа препорака од меѓународна институција на најголемите политички партии, зашто поддршката на албанскиот фактор (кој не сака реактивирање на хашките случаи) му е неопходна за политичко коалицирање. Но, овие случаи на воени злосторства против цивили, според меѓународното право, никогаш не застаруваат, а ние т.е. нашите политички елити не смеат да го менуваат меѓународното право. Всушност и ние, како држава Македонија, сме потписници на тие меѓународни конвенции и други меѓународноправни документи. Од друга страна, игнорирањето од домашните политички фактори на препораката за укинување на автентичното толкување на Законот за амнестија, од комесарката за човекови права при Советот на Европа, може да се гледа како на лош опортунизам. Досега имаме прифатено многу работи и сугестии од меѓународната заедница, речиси сите на штета на Македонија, под изговор дека тоа е „притисок за повисоки цели и интереси“. Зошто тогаш не би го прифатиле и овој „притисок“ од Советот на Европа, кој е во интерес на државата, но пред сѐ во интерес на правдата за жртвите од злосторствата и во интерес на меѓународното право – вели историчарката и универзитетска професорка Наде Проева.