Досега во име на добрососедството и со цел надминување на разликите, главно од македонска страна беа премолчувани екстремно тврдите, шовинистички и апсурдни бугарски позиции и барања. Но се чини дека чашата на трпеливост сепак се прелеа и во последно време стануваат сѐ погласни изјавите и настапите на македонски политичари, кои јасно и недвосмислено се противат на бугарската уценувачка политика и нејзините барања
СЕ ПРЕЛЕА ЛИ ЧАШАТА НА ДОБРОСОСЕДСКА ТРПЕЛИВОСТ И ТОЛЕРАНЦИЈА ПОРАДИ АПСУРДНИТЕ БАРАЊА И ПРИТИСОЦИ
ОД СОФИЈА
Зголемениот интензитет на средбите на македонско-бугарските работни групи за надминување на причините за бугарското вето за македонските евроинтеграции создава некаков привид пред ЕУ дека, ете, кај бугарската страна, божем, се прават некакви напори за надминување на недоразбирањата, иако во суштина Бугарија не мрднува ниту со прст и останува на своите апсурдни барања и уцени кон Македонија. Досега во име на добрососедството и со цел надминување на разликата, најчесто од македонска страна беа премолчувани ваквите тврди и апсурдни бугарски позиции. Но се чини дека чашата на трпеливост, сепак, се прелеа и во последно време стануваат сѐ погласни изјавите и настапите на македонски политичари, кои јасно и недвосмислено се противат на бугарската уценувачка политика и нивните апсурдни барања.
– Би сакал да верувам дека ќе се остане на линиите од Резолуцијата изгласана во Собранието. Меѓутоа, она што се случува ми личи на нешто друго. Мислам за она што се случува на бугарската страна, а пак нашата страна е инфериорна. Ако процесот на прием во ЕУ трае петнаесетина години (а можеби и подолго во нашиот случај), колку уште отстапки ќе треба да се направат. Ние слушаме дека нема да се прават отстапки по прашањето на националниот идентитет, но она што Бугарија го испорачува се барања за откажување или преименување на определени периоди во историјата. На пример, дали Бугарија била или не, фашистичка земја во Втората светска војна. До неодамна беше речиси потоморена вистината за испорачувањето на речиси 7.000 македонски Евреи во логорот Треблинка 2, логорот на смртта. Бугарите го кријат тоа – вели професорот Владимир Милчин во едно неодамнешно ТВ-интервју.
Додека македонската страна наводно тактизира со воздржаност на провокациите и уцените, во интерес на процесот на договарање со Бугарија за побрзо да бидат отворени преговорите со ЕУ, од бугарската страна се наметнуваат уште покатегорични барања со арогантно одбивање на секоја идеја за реципроцитет и рамноправност. Тоа се случува и во поглед на прашањата за малцинствата, инсистирањето за наметнување на бугарската верзија на т.н. „заедничка историја“ како единствена за Македонија, национално дефинирање на македонските револуционери (почнувајќи од Гоце Делчев), па до условувања за фалсификување на светската историја во македонските учебници и споменици за да се избрише (заборави) определбата на Бугарија во Втората светска војна, на страната на фашистичката оска… Несомнено, па дури и нескриено од бугарските политичари е дека агресивноста и дрскоста на нивните уцени за Македонија произлегува од статусот на земја-членка на ЕУ, за што се покажа дека може да ги уценува земјите-кандидати.
– Од проширувањето во 2004 г. наваму, ЕУ развиваше еден став дека не може да увезува билатерални спорови и нестабилност што произлегува од нив, па затоа препораките беа изнаоѓањето решенија што ќе придонесат кон регионалната стабилност да биде пред влезот на земјата-кандидат. Но таквиот пристап им даде засилување на земјите-членки, кои без двоумење ја злоупотребија својата моќ за да побараат од Македонија неприфатливи отстапки, кои воопшто не смеат да бидат ставени на преговарачка маса – вели Ида Мантон, професорка по меѓународни преговори и медијација.
Македонските политичари со директни пораки до Бугарија и до ЕУ
Сепак, во некои од гостувањата во странските медиуми, и македонските политичари како да ги извадија „белите ракавици“ во односите со Бугарија, но и упатија директни пораки до ЕУ. Во интервју за бугарска телевизија, донеодамнешниот официјален претставник на македонската влада во преговорите со Бугарија, Владо Бучковски, на директната новинарска провокација во прашањето „ако ние кажеме или ќе признаете дека Гоце Делчев е Бугарин или нема да станете Европејци, како би одговориле“, имаше директен одговор за соговорникот.
– Ако тоа биде условот, Македонија никогаш нема да стане членка на Европската Унија. Мислам дека тоа не е патот што нè води до целта – одговори Бучковски.
На линијата на упатување предизвик и за Бугарија, но повеќе за ЕУ, застанува и македонскиот претседател Стево Пендаровски. По средбата со претставниците на македонското малцинство од Бугарија во неговиот кабинет, и покрај тоа што бугарската страна го доживеа како „недозволено однесување“, Пендаровски во интервју за европски медиум отворено кажа дека на Македонија ѝ е преку глава од неисполнетите ветувања на ЕУ.
– Знаете, нам ни е преку глава од сите овие приказни дека сме географски дел од Европа. Би сакале конечно да бидеме институционален дел од Европа. Нема да се откажеме. Тоа е сигурно… Но можам да ви кажам дека, доколку уште едно одложување се случи повторно, тогаш, од јуни натаму, проевропските сили и проевропските политичари или реформисти нема да победат на други избори во оваа земја – порача Пендаровски.
Понатаму, тој потсетува дека Македонија веќе прескокна значителни пречки за да ја покаже својата посветеност за пристапување во Унијата со решавањето на спорот со Грција за името (Преспанскиот договор), за потоа да се јави прашањето со Бугарија. Билатералниот договор за добрососедски односи од 2017 година, потпишан од премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, се сметаше за важен момент во постојано растечките позитивни ставови меѓу двајцата, потсети Пендаровски.
– И после тоа, одеднаш – сè уште не знам кој е главниот мотив, кој стои зад тоа – почнаа да зборуваат за историјата, за тоа дека историјата е предуслов за напредок кон Брисел и, можам да ви кажам дека сите ние на овој крај на овој политички јаз, или дискусија ако сакате, бевме фатени во тесно и неподготвени… Дури и денес, навистина не сум сигурен за вистинските мотиви на нивната страна, зошто историјата беше толку важна за нив. Тоа никогаш не му се случило на ниту еден друг кандидат за членство во ЕУ – рече Пендаровски.
ЕУ – сепак е трета страна во билатералниот спор
Во текот на целиот спор меѓу Македонија и Бугарија, иако развиен поради македонските евроинтеграции, и покрај одредени ангажмани, ЕУ како да сака да остане настрана, сведувајќи го на билатерален спор.
– Во овој спор има три страни – Бугарија, Македонија и Европската Унија. И доколку се сменат правецот и однесувањето, верувам дека сите три можат да прогласат победа на крајот од тунелот. Токму овој пристап на немешање и повлекување пред минатовековната реторика, гласно изговорена на состаноци на Унијата, покажа дека либералинституционалистите не умеат да се справат и да им се спротивстават на реалистите, кои наместо да се приклонат кон либералното јадро на Унијата, силеџиски ги поткопуваат основните начела на самоопределување, малцински и човекови права, и пројавуваат амбиции за експанзија на нацијата во некогашните империи со кои се идентификуваат. Ако ЕУ сака да се заштити од копирање на ваква антилиберална политичка естетика, која воопшто не е непозната во современата европска историја и која веќе ја тестираат и други нејзини непримерни членки, неопходно е земјите-членки на ЕУ да ги одбијат шовинистичките барања на Бугарија, зашто во спротивно – ги легитимираат. Доколку бугарските барања се прифатат и легитимираат од страна на ЕУ, како што беше случајот со Преспанскиот договор, возможно е да не се задржат само на уценување во фазата на претпристапни преговори туку лесно да мигрираат, дури и да мутираат, како опасна преговарачка карта во внатрешни преговори меѓу земјите-членки – порачува експертката по меѓународни преговори и медијација Ида Мантон.
За улогата на ЕУ, во македонско-бугарскиот спор, професорот Владимир Милчин констатира дека пофалбите од Брисел за рестартирање на билатералниот дијалог покажуваат само дека на бриселската бирократија ѝ олеснува. Но сепак, предупредува дека и ако послабата страна (т.е. Македонија) попушти, тоа не значи дека процесот на преговарање за членство во ЕУ ќе се забрза и дека за пет години ќе станеме членка на Унијата. Затоа е потребен сериозен разговор и договор.
– ЕУ не е иста денес, како пред 15 години. Тоа треба да го имаме предвид. Сега ЕУ е помалку привлечна од пред 15 години. Имате ситуација: бугарскиот премиер (премиер на една европска држава) бара појаснување за киоскот во Битола, а не дава никакво појаснување, на пример, зошто одбиле 16 пресуди на Судот во Стразбур за кршење на човекови права на жители на Бугарија, кои себеси се сметаат за Македонци. ЕУ го премолчува тоа и за мене тоа е несфатливо. За Бугарија да ѝ даде објаснување на ЕУ, треба некој од ЕУ да го побара тоа од Бугарија. Достоинствено решение за нас е да нема „пиши-бриши“ по историјата. Остануваме на остварувањето на стратегиските цели – членство во ЕУ, ама не по секоја цена – вели професорот Милчин.