Навистина е важно дека Михалис Рокас како амбасадор на ЕУ во Македонија ќе биде тука да помогне во доследното спроведување на ЕУ- копенхашките критериуми. Но за нас е уште поважно што Брисел на новиот ЕУ-амбасадор му делегира и обврска во мисијата да го следи спроведувањето на Преспанскиот договор и на францускиот предлог, како „специјални“, нестандардни и наметнати критериуми само за Македонија. Но можеби е и подобро што грчки дипломат ќе биде назначен во една таква мисија во нашата држава: тој од прва рака и непосредно ќе се увери како граѓаните на Македонија се изјаснуваат за прашањата и условите што им се наметнуваат за напредување во евроинтегративните процеси, а се спротивни на принципите и вредностите на Унијата, и тоа ќе го пренесе во Брисел
По информацијата дека грчкиот дипломат Михалис Рокас доаѓа во Македонија како амбасадор на ЕУ наместо досегашниот амбасадор Дејвид Гир
Пред крајот на мандатот на актуелната Европска комисија, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел официјално го номинира грчкиот дипломат Михалис Рокас за нов амбасадор на Европската Унија во Македонија. За многумина аналитичари токму номинацијата на грчкиот дипломат Рокас е резултат на тенденцијата на ЕУ да го засили својот мониторинг во Македонија, независно од нашиот изборен резултат. Очигледно е дека Брисел сака да има јасна претстава како се спроведуваат европските стандарди и критериуми (и оние копенхашките и оние „специјалните“ за Македонија) и врз основа на тоа да се развива нашата идна соработка.
Мисијата на дипломатот Рокас
Навистина е важно дека Михалис Рокас како амбасадор на ЕУ во Македонија ќе биде тука да помогне во доследното спроведување на ЕУ-копенхашките критериуми. Но за нас е уште поважно што Брисел на новиот ЕУ-амбасадор му делегира и обврска во дипломатската мисија да го следи спроведувањето на Преспанскиот договор и на францускиот предлог, како „специјални“, нестандардни и наметнати критериуми само за Македонија.
Но, според некои соговорници, можеби е подобро што ЕУ плански назначи токму грчки дипломат во една таква мисија во нашата држава. Имено, тој од прва рака и непосредно ќе се увери како граѓаните на Македонија се изјаснуваат за прашањата и условите што ни се наметнуваат за напредување во евроинтегративните процеси, а се спротивни на принципите и вредностите на Унијата, и тоа ќе го пренесе во Брисел. Во интерес на Европската Унија е од својот амбасадор директно да добие информации и за јавното мислење во Македонија за наметнатите услови во билатералните договори, како Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија. Тргнувајќи од фактот што Грција ја сметаат како колепка на демократијата, нашите соговорници велат дека можеби грчкиот дипломат ќе препорача и ќе гледа поблагонаклоно кон некои алатки/инструменти на „највисоките демократски граѓански изјаснувања“ по одредени политички прашања за нашата држава, како што се плебисцитарните изјаснувања…
Оттаму, нашите соговорници реторички го наметнуваат прашањето „може ли да се очекува дека ЕУ (како сојуз во кој демократските принципи се базична вредност на нејзиното постоење, а Грција како „роден крај на демократијата“) ќе најде начин да се почитуваат принципите на слободно изразување на народната волја, што ќе им овозможи на граѓаните на Македонија да се изјаснат за прашањата и условите што им се наметнуваат за напредување во евроинтегративните процеси, а се спротивни на принципите и вредностите на Унијата.
Во истиот контекст, освен спроведувањето на Преспанскиот договор, колку за Македонија, но се чини исто толку и за ЕУ, особен предизвик е т.н. француски предлог на преговарачката рамка, со мошне нестандардни уценувачки услови (кои сосема ги дерогираат копенхашките критериуми) за ефективен почеток на македонските преговори за членство во Унијата. Условот за уставни измени со цел внесување нереципрочно внесување на Бугарите во преамбулата на македонскиот устав, кој Бугарија практично им го наметна и на Македонија и на ЕУ, секако ќе биде главната задача со која ќе се соочи новоназначениот ЕУ-амбасадор, со гласот на нацијата. А тоа треба апсолутно да го почитува!
За Брисел нема веќе отворени прашања меѓу Македонија и Грција
Кариерната биографија на Микалис Рокас, во секој случај, укажува на дипломат со искуство и висок професионален стандард во рамките на ЕУ-институциите. Дваесет и шестгодишното дипломатско искуство треба да биде соодветен аргумент за доверба во неговиот пристап кон отворените предизвици на Македонија во нејзините евроинтеграции, односно дека Рокас ќе настапува пред сѐ од позиција на ЕУ-функционер, застапувајќи ги интересите на Унијата.
– Низ призмата на Брисел, веќе нема отворени прашања меѓу Грција и Македонија по потпишувањето на Преспанскиот договор. Сепак, ние знаеме дека во реалноста тоа не е случај. Но, од друга страна, од грчки интерес е проширувањето на ЕУ со земјите од нејзиното соседство. Доаѓањето на амбасадорот Рокас, ЕУ-дипломат од Грција, треба да го гледаме како шанса за Македонија да напредува во евроинтеграциите, работејќи со човек со сериозно дипломатско искуство и вешт во комуникацијата низ лавиринтите на бриселската бирократија. Како европски дипломат, Рокас секако пред сѐ ги застапува интересите на ЕУ и на европските граѓани. Да го пречекаме во Македонија со доверба и како шанса да внесе нов дух во македонско-европските односи. Секако, очекуваме во рамките на неговиот мандат да се залага и да работи на проширувањето на ЕУ, а Македонија во тоа да ја гледа својата шанса за полноправно членство – вели Ивица Боцевски, поранешен амбасадор и вицепремиер за евроинтеграции на Македонија.
Но пред сѐ во духот на нашироко познатото македонско гостопримство, во духот на демократијата, почитувањето на меѓународното право и правда, да му посакаме добредојде на ценетиот грчки дипломат Михалис Рокас како амбасадор на ЕУ во Македонија!
Богата дипломатска кариера на номинираниот ЕУ-амбасадор за Македонија
Михалис Рокас е роден во септември 1964 година, во Атина. Рокас има 26-годишно искуство во областа на надворешните работи, приклучувајќи му се на Генералниот директорат за надворешни односи на Европската комисија во 1994 година. Бил вршител на должноста шеф на Делегацијата на ЕУ во Нов Зеланд, прв секретар на Канцеларијата на Европската комисија во Хонгконг и во Макао, шеф на Одделот за поддршка на делегации во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), како и заменик, а потоа и шеф на Одделот на ЕЕАС за Кина, Хонгконг, Макао, Тајван и во Монголија. Наследникот на Британецот Дејвид Гир ќе биде првиот Грк на оваа функција во кандидатката за членство во ЕУ, а во Македонија доаѓа од Малезија, каде што е амбасадор и шеф на Делегацијата на ЕУ.
Амбасадорот Рокас е дипломиран економист и има завршено постдипломски студии по европска економија. Покрај мајчиниот грчки јазик, тој зборува и англиски, француски и германски.