Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Тирана беше пречекан од неговиот албански колега Еди Рама каде денеска се одржува Самитот за Западен Балкан – Европска Унија. Ова е првиот Самит на ЕУ што се организира во регионот на Западен Балкан, кај соседна Албанија, што уште повеќе ја зголемува неговата важност и значење. ЕУ, потенцираат од Владата, покажа силно партнерството кон земјите од овој регион, со што уште еднаш потврди дека во нас гледа партнер од доверба.
– Уште една силна потврда за нашата европска иднина е хајлатот на овој Самит – потпишувањето на договорот за намалување на цените во роамингот, за разговорите во роаминг помеѓу корисниците од Западен Балкан и земјите од ЕУ. Со овој договор ќе сме поповрзани со земјите од ЕУ и ќе можеме полесно и побрзо да одиме по европскиот пат. Европската Унија сака да сме поврзани, а од целото тоа имаме и практична и економска придобивка и за граѓаните и за бизнисот – истакнуваат од Владата.
Лидерите од Западен Балкан денеска ќе имаат можност да дискутираат со европските лидери како Шарл Мишел и Фон Дер Лајен и шефовите на европските држава, за европската иднина на целиот регион и јакнењето на соработката, не само помеѓу земјите од Западен Балкан, но и со земјите од ЕУ.
Оваа соработка се однесува во делот на обезбедување континуитет и стабилност во снабдувањето со електрична енергија во услови на тешка енергетска криза за што заеднички со земјите од ЕУ се справуваме со овие предизвици. Република Северна Македонија веќе спроведува Стратегија зелена трансформација на земјата и со насочување кон вложување во капацитети за производство на струја од обновливи извори на енергија со што, посочуват од Владата, обезбедуваме енергетска независност на земјата. Исто така, тема на Самитот е заедничката европска иднина на земјите од Западен Балкан односно нашата цврста решеност и визија со заеднички напори да обезбедиме мир, стабилност и демократија во време кога само на неколку граници од Западен Балкан имаме разорна војна во Украина.
– Самитот е одлична можност да се продолжи оваа успешна соработка за надминување на заедничките предизвиците како што се обезбедување на храна, енергенси, закана од хибридни напади и миграција, бидејќи само со цврсти меѓусебни врски помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија можеме да дејствуваме како едно, исклучиво во интерес на граѓаните и перспективите на државите – потенцираат од Владата.
Ковачевски на Самитот во Тирана ќе учествува и на две панел дискусии на кои фокусот ќе биде европската перспектива на земјите од Западен Балкан, обезбедувањето демократија, мир и слобода, како и тесната соработка помеѓу земјите во заедничкото справување со предизвиците наметнати од економската и енергетската криза.
Во состав на владината делегација предводена од премиерот Ковачевски во Тирана се и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.