Фото: Архива

Со почетокот на руско-украинската војна, меѓународниот фактор експресно го префрли таму тежиштето на својот интерес, лицитирајќи со динамизирање на
размислувањата, мерките и активностите за „гаснење на пожарот“, при што истото тоа дури резултира и со предлог-решение за новоотворениот жежок проблем:
„Експресно добивање кандидатски статус на Украина и Молдавија“ (а се очекува и за Грузија), за кој Балканците се бореа со децении!? А Западен Балкан?! А Македонија? Како натаму?

Отворањето воени жаришта во светот ја дефокусира меѓународната заедница од намерите за интегрирање на Западен
Балкан во ЕУ?!

Со разгорувањето на воените жаришта во светот што низ годиниве тлееле, инстантно се пренасочи фокусот на интерес на меѓународната политика токму таму. Со тоа, релоцирањето на фокусот на „меѓународната лупа“ очигледно веќе не е на земјите од Западен Балкан (и на нивните проблеми со евроинтеграциите).
Оваа теза, според повеќе соговорници со кои се консултиравме, е апсолутно поткрепена со примерот на воениот судир во Украина. Имено, со почетокот на војната, меѓународниот фактор експресно го префрли таму тежиштето на својот интерес, лицитирајќи со динамизирање на размислувањата, низа мерки и активности за „гаснење на пожарот“, при што истото тоа дури резултира и со предлог-решение на новоотворениот жежок проблем: „Експресно добивање кандидатски статус на Украина и Молдавија“ (а се очекува и за Грузија), за кој Балканците се бореа со децении!?
Во поткрепа на тезата од воведот е и примерот со новоактивираното жариште на Блискиот Исток во Израел!
Навистина е очигледно релоцирањето на фокусот и ресурсите на меѓународната заедница кон воените жаришта, а забележливо е одвлекувањето на вниманието (и ресурсите) на меѓународната заедница од дотогашниот повеќегодишен предмет на интерес (на пр. Западен Балкан)!
Во еден ваков меѓународен контекст на актуелни преструктурирања на интересот на меѓународната заедница и големите сили се поставува прашањето: имаат ли САД и ЕУ капацитет да продолжат со ист, па и повисок интензитет да се посветат на иднината на земјите од Западен Балкан?

Македонија и Западен Балкан сѐ уште се неоправдано
неинтегриран регион во ЕУ и не треба да се запостават

Деновиве, некои невралгични состојби на политичко-безбедносен план во регионот (Косово, Република Српска, БиХ…) ја потсетуваат меѓународната заедница дека целокупниот регион на Западен Балкан, за жал, сѐ уште е неоправдано неинтегриран регион во ЕУ. Тој регион сепак е во срцето на Европа и не треба да се запостави. За уште поголема жал, и покрај децениските декларативни заложби и јавни изјави дека „регионот на Западен Балкан припаѓа на Европа“, новите приоритети во „гасењето воени пожари“ неизбежно ги наметнуваат прашањата: како таквите воени судири влијаат на пад на нивото на посветеноста на САД и ЕУ за решавање на прашањата и предизвиците на Западен Балкан и дали сега, со војната во Украина (практично војна во Европа), како и со новиот воен судирот во Израел, САД и ЕУ имаат капацитет да продолжат со ист, па и повисок интензитет да се посветат на иднината, реформите и барањата што им ги поставуваат на земјите од Западен Балкан?
– Повеќенационалните држави се соочуваат со повеќе проблеми со воспоставувањето на новите приоритети во геополитиката. Ако само до неодамна главните предизвици за државите беа суверенитетот и граѓанските права, сега сѐ од геополитиката се наметнува и борба за уште четири базични работи: храна, вода, енергија и внатрешна стабилност. Ако во нашиот регион, наречен Западен Балкан, па и во нашата држава Македонија, можеби не постојат поголеми проблеми со првите три работи, предизвикот на внатрешната стабилност во мултиетнички средини мора политички да се менаџира со работа на кохабитацијата. Ако нема кохабитација во состојбите тоа води кон омраза, што, еве, во Израел се покажува дека е прашање на време кога ќе ескалира до судир. Во таа смисла, поддршката на меѓународната заедница само на една страна во проблемите што постојат и се појавуваат во мултинационалниот Западен Балкан, на сметка на сите други нации, е состојба што не може долго да се одржи и да издржи. Повторно ќе го посочам примерот со Израел. Во таков геополитички контекст, секоја држава, секако и Македонија, треба да биде подготвена да реагира на можни нарушувања на внатрешната стабилност – вели пратеникот во македонското собрание Иван Стоилковиќ.

Колку и да сме безбедносно и политички интегрирани, сами мора да обезбедиме висок степен на сигурност за превенирање кризи

Поранешната амбасадорка и новинарка Мелпомени Корнети смета дека колку и да е (не)догледно нашето членство во ЕУ, колку и да сме безбедносно интегрирани под чадорот на НАТО, Македонија мора сама да си развива стратегија за својот развој и безбедносна стабилност.
– Европската Унија е исцрпена од војната со Украина, а сега секако ќе има и одредени обврски спрема Израел како партнер. Исто така и САД, поддршката во два воени конфликта со потенцијал за поширок и посериозен заплет со закана за светскиот мир, создава дополнителен притисок и предизвик. И покрај нашата стратегиска поврзаност со САД и со ЕУ, колку и да е догледно или недогледно нашето членство во ЕУ, ние како Македонија мораме да имаме сопствена стратегија за иднината како држава. Мораме да си ги задржиме капиталот и природните ресурси во свои раце. Со правилно и чесно управување со нив, тоа ни е доволно за самоодржливост и економски развој на Македонија, без да ги продаваме големите капацитети и природни ресурси. И досега, само ИПАРД-фондовите од ЕУ, ако немаше манипулации и злоупотреби со нив, можевме да постигнеме многу повеќе. Контролата над капиталот и ресурсите во државата е еден од клучните фактори за нејзината безбедносна стабилност. Довербата во партнерите е посигурна кога самиот си внатрешно стабилен – вели Мелпомени Корнети.

Неопходен е поинтензивен, подинамичен и поефикасен системски и синхронизиран зафат на САД со ЕУ за Западен Балкан

Во контекст на актуелните предизвици што се поставуваат пред меѓународната заедница, но и обврските што ги имаат преземено спрема регионот на Западен Балкан, експертката за меѓународни преговори Ида Мантон смета дека ЕУ и САД треба без дилема најпрво решително и ефикасно да го запрат секој обид за националистички и дискриминаторски наратив, кој претставува очигледна опасност.
– Овие војни што одземаат човечки животи и не дават знаци на стивнување секако дека влијаат на посветеноста на САД и ЕУ за решавање на прашањата и предизвиците во Југоисточна Европа. Приоритетите се менуваат. Потребите на терен се поразлични. Затоа е од огромно значење да се инвестира во спречување и менаџирање на конфликтите, кои може да ескалираат. Јас веќе три години советувам да се постават многу од регионалните проблеми на поздрава основа. Да се започнат структурирани процеси, кои ќе ги вклучат „чуварите на галаксијата“, кои нема да дозволат двојни критериуми и асиметричен процес. Сметам дека со имплементирање на механизмите за решавање конфликти, со вклучување на институциите што имаат мандат и капацитет да помогнат (ООН, ОБСЕ, Советот на Европа, но и многу институти), тоа што ЕУ и САД можат да го постигнат е да обезбедат објективен, научен пристап заснован на автентични извори и досегашни практики во толкување историја, историографија и справување со минатото. Тие треба да ги охрабрат земјите од регионов дека така поставените процеси на помирување и градење мостови не се опција туку неопходност и дека препораките што би произлегле од овие процеси мораат да ги користат како основа за нивните понатамошни дискусии и односи и да вклучат меѓународни експерти како советници во процесот. ЕУ и САД треба да го осудат секој обид за националистички – дискриминаторски наратив, кој претставува опасност по безбедноста, што може да создаде хаос за да има можност за нова есхатологија – вели Ида Мантон.