Деновиве во Редакцијата имавме јавување на повеќе граѓани во врска со процесот на гласање, што се совпадна со Упатството за гласање од страна на ДИК, во точка 4. Во интерес на јавноста ви нудиме поопширно толкување на оваа точка
На претседателските избори денеска ќе може да гласаат граѓаните на кои по кој било основ, по сила на закон или по рок на важност им истекле личните документи на 24 јули 2023 година до 24 април 2024 година. Ова следува откако Собранието на 7 март по скратена постапка со 84 гласа за и двајца воздржани без расправа го изгласа Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.
Над 100.000 граѓани што имаат право на глас немаат важечка лична карта, а пасошите им се со старото уставно име, покажуваат податоците од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Со Законот, меѓу другото, се разјаснуваат и процедурите за вклучување во избирачките списоци на лицата што ќе наполнат 18 години помеѓу двата изборни круга, односно лица што наполниле 18 години од последните одржани избори (локалните во 2021), до денот на одржување на годинешните избори. Од нив, над 1.000 немаат нов документ.
Оваа одредба од Изборниот законик е составен дел на упатството на Државната изборна комисија за начинот на утврдување на идентитетот на гласачите.
Истата одредба ќе се применува и на парламентарните избори, со тоа што на нив ќе можат да гласаат граѓаните на кои по кој било основ, по сила на закон или по рок на важност им истекле личните документи од 8 август 2023 година до денот на изборите, 8 мај 2024 година.
Граѓаните ќе можат да ги подигнат готовите лични документи и денеска. Од МВР посочуваат и дека скопјани ќе можат личните карти да ги подигнат и во полициските станици.
– Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациска единица при МВР на 24.4.2024 година ќе работат за издавање лични документи со работно време од 8 до 19 часот – информираа од МВР.