ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира Законот за амнестија кој власта го пушти по скратена постапка изјави претседателот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, за Тема на денот во дневникот на телевизија „Сител“, при што потенцираше дека ако се случи тој закон власта да го стави со европско знаме, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе го напушти Собранието.
– Не гледам што е европска вредност да амнестирате криминалци кои се осудени за перење пари, за насилство, да амнестирате луѓе кои помагале во најгрозоморниот чин во последната историја на Македонија, а тоа е убиството кај Смилковското езеро. Ако се случи да дојде тој закон со европско знаме ќе излеземе надвор од Парламентот и ќе побарам поддршка и од Извршниот и Централниот комитет да застанат позади оваа одлука – истакна Мицкоски.
Во однос на изјавата на Ковачевски дека власта ќе интервенирала со амандмани, Мицкоски прашува како може владата да интервенира со амандмани, а тие го правеле овој закон.
– Тој закон дошол на владина седница и требале да ги усогласат тие работи таму, зошто тогаш не ги усогласиле? Кога станува збор за овие луѓе се случувало да нема европско знаме, па да ги повлечат и да го стават со европско знаме, да почекаме да видиме. Рековме дека ќе го блокираме со сите можности кои ги нуди Деловникот во Парламентот. Нашиот став и мојот личен став е јасен и ако дојде до злоупотреба на европското знаме ќе побарам одлука од Извршен и Централен комитет да го напуштиме парламентот, а ако дојде во нормална процедура тогаш ќе го блокираме – рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека тврдењето на власта дека сами на себе си ставаме вето е глупост и лудост.
– Тоа е лудост и глупост, затоа што тој кој што го прифатил овој договор без да се консултира со главната политичка опција во државата и со народот си ставил самиот на себе вето. Бидејќи сега не може тоа да го испорача – рече Мицкоски.
Тој додаде дека триото Стево Пендаровски – Димитар Ковачевски – Бујар Османи си ставија вето сами на себе бидејќи не можат да испорачаат тоа што потпишаа.
– Кога тие го прифатиле ова без да направат поширока консултација, тогаш тие направиле клучна политичка грешка, затоа што прифатиле нешто што не можат да исполнат. Ако не прашаа ќе им кажевме дека ние ова нема да го поддржиме , па ќе чекавме нов предлог. Немаше тогаш да влегуваат во ваква авантура и да го држат општеството и јавноста во Македонија под тортура и притисок на една тема – нагласи Мицкоски.
Во однос на Бугарија, Мицкоски вели дека таа мора да покаже добра волја, а меѓународната заедница да покаже дека навистина сака да ја види земјава како дел од себе.
– Бугарија мора да покаже добра волја, а меѓународната заедница дека вистински сака да ја види Македонија како дел од себе после се што направи како лојален сојузник на ЕУ откажувајќи се од многу национални атрибути кои начнаа во македонскиот идентитет што ниту една земја членка претходно го нема направено. Не може никој да ме убеди дека не постои начин Бугарија да покаже добра волја. Со мал укор дека нема да има едноставен структурен пристап до европските фондови, мислам дека поинаку ќе разговара на оваа тема – рече Мицкоски.
Според него, доколку Бугарија не почитува одлуки на европски институции како што е Европскиот суд за човекови права каде има правосилни пресуди за Македонците во Бугарија, тогаш која е гаранцијата дека на самата ратификација на Протоколот нема да добиеме повторно вето.