Фото: СЈОРМ

Скопскиот обвинител Ермонд Незири денеска е избран за член на Советот на јавни обвинители од редот на заедниците кои не се мнозинство во земјава.

Како што информира Комисијата за спроведување на изборот на прес-конференција доцна попладнево, од вкупно 139 обвинители кои го искористиле своето гласачко право, за Ермонд Незири гласале 117, а за вториот кандидат Расим Дреца се изјасниле 16. Комисијата утврди дека шест гласачки ливчиња се неважечки.

– Констатирам дека кандидатот Ермонд Незири е избран за член на Советот на јавни обвинители од редот на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија. Со ова изборниот процес е завршен и на кандидатот ќе ми биде издадено решение после истекот на рокот за приговор – информира претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски.

Гласањето беше спроведено денеска на пет гласачки места во републичкото Јавно обвинителство и во четирите виши јавни обвинителства во Скопје, Гостивар, Битола и Штип, при што од вкупно 159 јавни обвинители со право на глас, гласале 139, а 20 гласачки ливчиња останале не искористени.

Инаку, Незири беше кандидат и за претседател на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на изборите во ноември минатата година, кога за прв човек на ова Обвинителство беше избран Ислам Абази.