Фото: „Нова Македонија“

Манирот на закани за федерализација на државата остана и понатаму кај албанскиот политички фактор во Македонија и дваесетина години по Охридскиот рамковен договор, во кој децидно се наведува дека Македонија е унитарна држава и нема територијални решенија за етнички прашања. Дека не станува збор само за „лапсус“ со заканите за федерализација наведуваат интензивните советувања на албанските политички субјекти од Македонија со политичките елити од Косово и Албанија за начинот на кој ќе настапат на парламентарните избори во Македонија, па дури и дека „Албанците нема да седат со скрстени раце, туку ќе се отворат муабети за федерализација и нешто друго“…

Од темните тавани, право на маса се става: „Федерализација на Македонија“!

Сите поминати процеси на унапредување на правата на малцинствата и нивна (пре)правична интеграција во системот и институциите на државата, во триесет и тригодишната самостојност на Македонија, се чини дека не беа доволни за да се искорени наративот на политички закани и заплашувања со федерализација (што секако води кон сепаратизам) од претставниците на албанскиот политички блок. Една од последните манифестации на ваквиот испробан адут на политичарите Албанци од Македонија беше во една медиумска дебата на Изет Меџити, лидерот на неодамна основаната партија, Демократско движење, дел од албанската опозициска коалиција Европски сојуз за промени.
Во дебатата, Меџити се изјасни дека по парламентарните избори, како партија и коалиција „нема да бидеме по секоја цена дел од влада што нема да биде европски настроена“. Оваа изјава на Меџити, од соговорникот, Максим Димитриевски (лидер на исто така нов политички субјект, ЗНАМ) беше протолкувана како своевидна постизборна уцена дека „ако нема уставни измени, нема да има ниту влада“.
– Колку што разбрав од изјавите сега – доколку нема уставни измени, нема влада. Во случајов, ќе се водам од една кумановска поговорка: „И без петла, свануе“. Ако дојде до такво нешто, ќе има влада што ќе ја состават македонски политички партии, со мнозинство, со претходно потпишување декларација, која ќе ја потпишат истите тие и ќе остават отворена врата за субјект што доаѓа од друга етничка заедница да се придружи во рамките на поддршката на сите плански програми што ќе им ги понудиме на граѓаните, на избори – одговори Димитриевски на искажаната позиција на Меџити.
Истакнувањето на можноста за составување влада со мнозинство од македонски политички партии беше иницијалната каписла за повлекување на „адутот“ со федерализација.
– Ова го сфаќам како предизборна кампања со ставовите на Максим. Максим може да посакува такво нешто, но тогаш ќе отвори нови муабети и теми. Албанците нема да седат со скрстени раце, туку ќе се отворат муабети за федерализација и нешто друго – реплицираше Изет Меџити, на што доби одговор од соговорникот дека во Македонија сепак „креираме мултиетничко општество, но ниту во еден момент не смее да се дозволи некој да уценува со одредени пристапи и присилно да наведува некого во делот на гласањето“.
Манирот на закани со федерализација на државата остана и понатаму кај албанскиот политички фактор во Македонија и дваесетина години по Охридскиот рамковен договор, во кој децидно се наведува дека Македонија е унитарна држава и нема територијални решенија за етнички прашања. Дека не станува збор само за „лапсус“ со федерализацијата наведуваат интензивните советувања на албанските политички субјекти од Македонија со политичките елити од Косово и Албанија за начинот на кој ќе настапат на парламентарните избори во Македонија, па дури и кооптирање на нивните изборни листи на личности од политичкиот естаблишмент од овие соседни земји. Таквото уценувачко однесување и поигрување со застрашување за федерализација на претставниците од албанскиот политички блок сериозно ги става под сомнеж нивните заложби за прифаќање на уставните измени за нереципрочно внесување на Бугарите во македонскиот устав, како добронамерни и исклучиво за евроинтегративен прогрес, макар и по цена на деградација на државотворноста на мнозинскиот македонски народ.