СФРЈ е мртва, да живее СФРЈ!

Додека најголемиот дел од посткомунистичките земји ослободени од советска окупација и од комунизмот што не го сакаат влегоа со ентузијазам во транзиција во демократија, приватна економија, а некои од нив во независност и започнаа со реформи и раст, во СФРЈ не се случи тоа

Низ подолг период размислувајќи за заостанувањето на развојот и растот во Македонија и значаен дел на Балканот ми се наметнуваат повеќе причини за тоа. Македонија нема пристап до море, а природните ресурси, како и човечкиот капитал, се ограничени. На пример, човечкиот капитал по Втората светска војна е многу низок, со над 70 проценти неписмено население и околу сто и педесетмина со високо образование. Сѐ до 1961 година секој четврти граѓанин на Македонија бил неписмен. Некои сметаат и дека геополитичкиот натпревар е исто така една од причините. Има и такви што сметаат дека и значајните малцинства или отсуството на широк општествен консензус околу националната стратегија е можна причина за заостанувањето. Некои од посткомунистичките земји, кои правеа и политичка и економска и транзиција кон независни држави, имаа вакви отежнувачки фактори. Чешка, Словачка, Унгарија се без пристап на море, но со подобра структура на човечкиот капитал и стабилна геополитика. Слични отежнувачки фактори како Македонија имаат веројатно само Косово и Босна и Херцеговина и можеби некои од земјите на поранешниот СССР.
Но од сите овие отежнувачки фактори би издвоил еден – комунистичката носталгија. Ова носталгија по минатото се јавува кај сите посткомунистички земји водена од романтизираната слика на комунизмот за лажната еднаквост во сиромаштија и стабилноста. Но се чини во Македонија и земјите од поранешна СФРЈ има поголемо значење отколку во другите посткомунистички држави. Во Македонија и добар дел од СФРЈ, СФРЈ и комунизмот имаа значителна поддршка. Од друга страна, во Балтикот и повеќето комунистички држави ја немало таа поддршка поради доживувањето на комунизмот како советска окупација (Балтик, Унгарија, Чехословачка, Полска и др.) или како економски неуспешен. Во СФРЈ комунизмот не беше странска окупација, туку успешен пресврт на националното ослободување во социјалистичка револуција и сѐ до крајот на СФРЈ се сметаше за економски успешна.
СФРЈ беше успешна во разводнувањето на антикомунизмот. Значаен дел од противниците се егзекутирани или прогонети во 1945-1948 година. Пример за тоа е италијанскиот егзодус во кој меѓу 250-350.000 луѓе се протерани од ФНРЈ во Италија. Во Македонија тоа се стрелањата и прогоните на крајот на војната. Со либералната политика на патувања во странство СФРЈ им овозможи на повеќето противници на комунизмот да се иселат. Истовремено со отфрлање на строгата државна контрола на економијата се обезбедил економскиот развој. Пристапот до работа, стан, образование, здравство, автомобил бил споредлив со некои повисоки стандарди. Во Македонија поддршката била уште поголема поради поддршката на македонското самоопределување, иако биле отстранети тие што се залагале за независна Македонија. Се градел митот за супериорната војска, четврта во Европа. На економската успешност се надоврзуваат успесите во спортот, културата и музиката. Југословенскиот супремизам се негуваше и поттикнуваше.

Од тогаш потекнува потценувачкиот однос, особено кон Истокот, на пример кон Бугарија и „две червени“.
Тоа што малкумина го знаат е дека овој југословенски мит е граден со поддршка на САД. Од 50-тите во минатиот век, САД ѝ даваат голема воена и економска помош во грантови и кредити на СФРЈ, кои, според некои, надминуваат 120 милијарди долари, со цел да се поддржат југословенската независност и успешност како субверзивна акција против советскиот блок. Целиот југословенски мит се распадна кога пропадна СССР и се смени геополитиката.
Додека најголемиот дел од посткомунистичките земји ослободени од советска окупација и од комунизмот што не го сакаат влегоа со ентузијазам во транзиција во демократија, приватна економија, а некои од нив во независност и започнаа со реформи и раст, во СФРЈ не се случи тоа. За жал, СФРЈ влезе во насилство и војни, кои уште повеќе ја зголемија носталгијата по некогашниот мир, иако бил лажен мир. И така Македонија и некои други влегоа во транзицијата со измешани чувства, помалку како избор, повеќе како турнати. Олигархиската приватизација уште повеќе го оштети ентузијазмот за промени и направи почетна негативна перцепција на приватниот сектор. Агресивноста на соседите и нивните напади на македонскиот идентитет уште повеќе ја романтизираа СФРЈ. Митот за југословенската супериорност сѐ уште се отсликува во многу аспекти, на пример во доверба во армијата, здравството, образованието… Зошто мит? Поради расчекор, јаз, пукнатина меѓу перцепциите и реалноста. Околу две третини од граѓаните имаат доверба во образованието и покрај катастрофалните резултати на тоа образование согледано, на пример, во ПИСА-рангирањето.

СФРЈ е мртва, да живее СФРЈ се одразува со пресликување на романтизираната слика. Државата да обезбеди работа, по можност државна. Државата да обезбеди заштита на пазарот од конкуренција. Државата да обезбеди субвенции, грантови. Или државата да обезбеди надомест на штета, нешто што е работа на осигурителни фирми. Државата наместо да се намалува, само се зголемува, на штета на граѓанската одговорност и приватната иницијатива. Иако е значајно поприсутно кај левицата, кај симпатизерите на СДСМ, како наследници на црвената аристократија, се наоѓа и кај другата страна на десницата во ВМРО-ДПМНЕ. СФРЈ е мртва и сѐ добро за починатите, но живот во романтизирана носталгија нема да нѐ води во промени, реформи, прогрес, раст.

Авторот е аналитичар #Избори2024
Блог www.megjutoa.mк @sklek