До гледање Германија, добре дојде Хрватска!

Франција е новиот европски првак, симнувајќи ја од тронот селекцијата на Шведска, во финалето против светскиот првак Данска. Имајќи предвид дека
поминаа неколку дена од спектакуларниот натпревар што решаваше кој ќе биде нов првак и сите статистички параметри се веќе познати и апсолвирани, останува накратко да се искоментира самото финале од друг агол и да се извлечат
заклучоци за тоа како, генерално, помина првенството на кое и Македонија
беше учесник, на која на почетокот на мај ѝ претстои бараж-дуел со веќе
етаблираната селекција на Фарски Острови

Во натпревар на две супердоминантни ракометни велесили, во европскиот храм на ракометот во Келн, Данска со некарактеристичен грч во играта, вообичаена поддршка од голманите и невообичаено доста технички грешки за совршено технички „поткована“ селекција, не успеа и по 12 години да го освои златото на континенталните собири. Со феноменалниот Гитсел, но и на неколку секвенции солидниот Питлик, во нападот бледиот Салструб и недостиг од трет играч на високо ниво во задната линија, не успеа да ги реализира очекувањата и да ја оправда улогата на фаворит, заслужена со игрите и константно високото ниво на квалитет во текот на целото ЕП. Франција имаше очекувано послаба статистика во успешност на голманите, но и одбрани во вистински момент, што не е неважно, имаше одличен пристап во одбраната, но и два сегмента што се многу важни во спортот, особено кога играат две изедначени екипи, тимови, селекции, а тоа се карактер и спортска среќа. И не само во самото финалето туку и во претходниот натпревар против „трите круни“. Покажувајќи уште еднаш дека, колку и да сакаме да го гледаме спортот како некаква равенка, да внесуваме наука и да го анализираме до детали, има сегменти што се поврзани со генетскиот код на селектираните играчи, но и факторот среќа како еден важен дел од спортот.
Данска, па и Шведска ќе имаат шанса да се одмаздат, веќе на ОИ во Париз во август 2024 година, на турнирот на кој „Големиот Никола“ ќе го има „последниот танц“ како ракометар, лидер, спортска институција каква светот на ракометот не памети, оставајќи рекорди што во иднина ќе бидат предизвик за генерациите што доаѓаат. И не само од аспект на тоа што е егзактно и се мери во бројки туку и во тоа како се однесуваше на теренот и надвор од него и начинот на кој го достигна врвот и се промовираше во најкорисен ракометар на сите времиња!
Германија организирајќи го сега веќе завршеното ЕП во ракомет овој јануари, уште еднаш, којзнае по кој пат, покажа дека е вистинска локомотива на ракометот, поместувајќи ги границите на организација. Пред сѐ, како прв впечаток останува посетеноста на натпреварите, над еден милион продадени влезници, по релативно „солени“ цени, настан без преседан, на самото отворање на турнирот, каде што пред повеќе од 53.000 гледачи, најпрво македонската репрезентација ги вкрсти копјата со сега актуелниот шампион Франција, за подоцна истото тоа да го направат домаќинот Германија и Швајцарија. Спектакл во делот на маркетинг и ПР, во делот на покажување „мускули“ околу организираноста и посветеноста на секој сегмент.

Имајќи предвид дека Германците ја имаат најквалитетната, Бундеслига во ракомет и ги диктираат условите и цените, поставуваат стандарди во однос на откупот на ТВ-правата и продажбата на влезници, реквизити, храна и пијалаци, би било логично секој неутрален вљубеник во ракометната игра да посакува висок пласман на Германците на големите смотри, за задржување на интересот во најмоќната европска економија, како предуслов ракометот да се доближи до кошарката или, дај боже, до фудбалот во однос на комерцијализацијата и „монетаризирањето“ на најубавиот спорт.
Да живее ракометна Германија.
Покрај домаќинот, за одлична оцена е и организаторот на ЕП, европската куќа на ракометот, во однос на тоа како дигитално изгледаше самиот настан, со убава веб-страница, редовно сервисирана со информации и друштвени мрежи на зависно ниво. За тоа како беше на самото место, повеќе на еден од следните собири, можеби веќе на следниот во Хрватска.
Од друга страна, истата таа федерација, доколку сака да го издигне ракометот на едно глобално ниво, мора да ги следи промените што се случуваат во „поголемите“ спортови, пред сѐ фудбалот, кошарката, американскиот фудбал итн. Покрај врвен ракомет, на ова првенство, којзнае по кој пат, видовме и спорни судиски одлуки (можеби добар дел од нив во рамките на човечка грешка, без задни намери), кои многу често влијаеја на конечниот резултат, дестимулирачки дејствувајќи на одредени селекции, држави, а истовремено испраќајќи лоша порака на нестабилност и недореченост на одредени правила кон инвеститорите, како носители на спортот. Токму затоа, во следниот период, ЕХФ, па и ИХФ, треба да размисли и да воведе комплетна имплементација на технологијата ВАР, можност за т.н. chelenge од страна на тренерите со фреквенција од еден таков на полувреме (иако, според некои информации, и на ова ЕП тренерите имаа можност, но не го користеа) и на тој начин да се влијае на клучни одлуки на судиите, како луѓе што можат да направат превид или како луѓе што се подложни на влијанија. Ограничувањето на времето е исто така долго на менито на предлози и предмет на дискусија, не како начин да се забрза играта, која и во моментов е доволно брза, туку од аспект за манипулирање со т.н. подигната рака од страна на судиите. И трето, можеби како правило за кое се јави потреба со последните промени во ракометната игра и сѐ поголемата присутност на релативно низок тип на играчи што „го водат орото“ и кои се фокусирани на дуел-игра и „барање“ на реализација од шест метри, воведување на правилото на два поена за погодок пред линијата од девет метри. Правило што можеби изгледа и (пре)прогресивно, но кошарката е пример, како спорт што го воведе „правилото на тројка“ во годината на моето раѓање (1979), на тој начин многу влијаејќи на нејзиниот понатамошен развој.

Што се однесува на другите селекции, зборувавме, а богами и пишувавме во текот на првенството, но тука накратко да „фрлиме“ еден поглед. Од оние селекции што разочараа, ги издвојуваме Шпанија, која ќе преструктурира и ќе излезе посилна од сето тоа, Норвешка, која со просечен Сагосен, просечна претстава на голманите, селектор со сомнителен кредибилитет и интегритет и некреативност во играта, ќе треба добро да размисли како понатаму, Исланд со недоволно здрави главни играчи, Хрватска со погрешна насока и селектор од краток рок и Србија со големи очекувања, типични за овие простори, без инвестиции во домашниот ракомет и перспектива пред амбис, преку бараж со Шпанија за пласман на СП 2025.
Од друга страна, Австрија е најпријатно изненадување, со стабилност на клупата, два екстра-играчи и одлични голмани на ова ЕП, Словенија со „ракометен монструм“ на клупата и стабилно поставена игра, иако без дузина повредени играчи, и Унгарија, која од една стерилна селекција, без играчи што се изразени лидери (секоја чест на исклучоците) почна да ги оправдува стотиците милиони евра инвестиции во инфраструктура, клубови, кампови, академии, тренерска фела. Да не го заборавиме домаќинот, селекција на која Боб Хенинг ѝ даде „свежа крв“, која има млади играчи што освојувале медали на големите смотри во младинските категории и селекција зад која стојат сериозен сојуз, лига и економија.
Македонија го продолжи трендот на настапи на големите натпреварувања, како фундамент за присутност на ТВ-екраните и задржување на статусот во домашни рамки, направи убав резултат против во моментов поквалитетен противник, со неколку позитивни „ликови“, кои се промовираа и покажаа одреден квалитет и перспектива, иако некои од нив требаше порано да бидат во ростерот, но и одредена група на играчи што очигледно прерано влета на големата сцена. Селекција што покажа многу позитивни, но и, како секоја друга, негативни работи, но и селекција што е „персонализирана“ од човек што во обид да го деградира и дискриминира секој што со позитивна критика или мислење (со една и единствена цел, подобрување на состојбите, поставување некои прашања на маса за нивно решавање) се обиде преку медиумите да се занимава со формата (кој е тој, со каков легитимитет, што го изнел своето мислење), наместо со суштината (што е тоа што е изнесено и дали е употребливо) и со самото тоа создавајќи лоша слика во пошироката јавност за сите што с(м)е вклучени во нашиот убав спорт, особено кај идните генерации млади спортисти, кои треба да ги учиме на меѓусебно почитување.
Во саботата Македонија го доби својот противник во бараж за пласман на СП 2025, натпреварување што ќе се одигра во Хрватска, Норвешка и Данска. Противник што покажа систем и напредок за респект и за кој во периодот што следува ќе имаме можност повеќе да пишуваме.

Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот
„Ракомет за секое дете“