Тоде Мицковски пред манастирот што го гради во Поешево

Остварување на еден животен сон

Деновиве Битола и околината сe преполни со туристи. Ги има од секаде, но најмногубројни се повратниците од Австралија, од градовите Сиднеј, Мелбурн, Перт, Рокдаел, каде што има најмногу битолчани.
Со оглед на тоа што за време на ковид-пандемијата Австралија безмалку херметички се затвори и тамошните жители подолго од две години не можеа не само да патуваат во странство туку и внатре во нивната земја, ова лето нашите иселеници од петтиот континент извршија вистинска инвазија врз Битола.
Според информации од Општина Битола, над 20.000 Македонци, од кои најголемиот број се од Битолскиот Регион, ова лето допатуваа или ќе допатуваат во градот под Пелистер за да се видат со своите.
Меѓу нив е и повратникот од Австралија, Тоде Мицковски, од селото Поешево. Покрај тоа што дојде во Поешево да се види со своите најблиски, Тоде годинава допатува да го доврши манастирот што го гради на сретсело, посветен на „Св. Лидија Македонка“.
Во централниот дел на селото Поешево, Битолско, во непосредна близина на постојната црква „Св. Ѓоргија Победоносец“, Тоде почна да гради манастир посветен на „Св. Лидија Македонка“, кој зафаќа површина од околу 40 квадратни метри и дворно место од околу 300 квадратни метри.
Откако првично му дошла идеја да гради манастир побарал одобрение за градба. Градбата на манастирот ја почна на 8.10.2016 година.
Тоде имал намера брзо да го изгради манастирот, но поради пандемијата што го зафати светот, а особено Австралија, која буквално не им дозволуваше на тамошните жители да излезат од дома, тој мораше да прекине со градењето на манастирот.
– Тоа многу ми падна тешко, вечно ќе ги паметам тие месеци, што станаа години. Затворен во куќата во Сиднеј, постојано со мислите бев во Поешево и се прашував кога ќе заврши пандемијата да дојдам во Македонија и да продолжам со изградбата на манастирот – раскажува денес Тоде.
На негова огромно задоволство таа желба му се исполни ова лето. Откако Австралија им дозволи на граѓаните да можат да патуваат надвор од земјата, Тоде со својата сопруга Вера го фати првиот авион и во мај годинава допатува во Поешево.
Но кога дојде во Македонија се соочи со нов проблем. Тоде едноставно не можеше да најде мајстори да продолжи со градбата на манастирот.

– Откако од мај месец сум тука постојано се борам со проблемот со недостиг од работници. Едвај можам да најдам слободни мајстори за да можат да се ангажираат на доградба на манастирот. Сега мислам дека сум на добар пат да го довршам манастирот. Планирам да останам во Македонија до 15 август. Се надевам дека дотогаш голем дел од манастирот ќе биде изграден, а до крајот на годината целосно да биде завршен. Потоа ќе биде оставен манастирот во мирување одредено време, за добро да легнат темелите врз земјата и идната година, доколку сме здрави и живи, ќе се почне и со внатрешното фино малтерисување, врз кое ќе бидат насликани фреските, а со цел да не дојде до појава на пукнатини врз истите тие. Кога сето тоа ќе биде завршено, манастирот свечено ќе биде осветен и пуштен во употреба – вели Тоде.
За тоа како дошол до идеја да гради манастир во Поешево, Тоде има интересна приказна.
– Повеќемина ми го поставуваат истото прашање. Е па, вака: И самите знаете дека од сите страни ние како Македонци сме притиснати. Сепак најмногу ме погоди промената на нашето вековно име на нашата држава – Македонија. Откако ни го сменија името на државата, сега се оди дури и дотаму да ни земат и сѐ што имаме од нашата историја. Е па, што е многу, многу е! Гревота е од Господ, сето ова што се прави врз нас Македонците. Тоа ме натера да почнам со изградба на манастирот, кој ѝ го посветив на Св. Лидија Македонка, име што е непроменливо и никој не може да го смени. Ете таа е причината! – објаснува Тоде
Според неговите пресметки, изградбата на манастирот ќе го чини околу 70.000 австралиски долари.

– Но сепак со точност ќе може да се каже на крајот кога сѐ ќе биде завршено. Бидејќи не случајно народецот наш вели „домашниот есап на пазар не излегува“ – вели нашиот соговорник.
Но нему ништо не му е скапо затоа што со изградбата на манастирот ќе му се исполни не само неговиот сон туку и сонот на неговата сопруга Вера, која истиот момент кога тој ѝ ја соопштил идејата, таа веднаш го поддржала.
– Иако во Австралија сум подолго време отколку во Македонија, кога сум во Сиднеј постојано со мислите сум во Македонија. Како на филмска лента ми се менуваат сликите од моето детство, од Поешево, Битола, Македонија. Јас имам две мајки: првата мајка е Македонија каде што сме се родиле јас и мојата сопруга Вера и втората Австралија во која живееме повеќе од 50 години и каде што сме добиле два сина и четири внуци. Јас и моето семејство сме и таму и ваму. Но сепак терезијата натежнува кон мојата родна татковина – Македонија. Така било од памтивек, така е и денес, а секако дека така ќе остане и засекогаш – вели Тоде, според кого, со изградбата на манастирот не само што ќе се исполни неговиот сон туку ќе се исполни и сонот на жителите од Поешево да добијат манастир што ќе го носи името на „Св. Лидија Македонка“, име што, како што ни повтори и потенцира Тоде – никој и никогаш не ќе може да го избрише или смени.