Фото: ЕПА

Американската централна банка завчера донесе одлука уште еднаш да ја зголеми каматната стапка за 0,25 процентни поени, така, референтната каматна стапка за долари беше зголемена од 5,25 отсто на 5,5 отсто. Неа ја следеше вчера Европската централна банка (ЕЦБ). Тврдокорноста на ваквите ригидни политики на американската и на европската централна банка сѐ уште е под аналитичката лупа на реномирани светски економисти, како што е нобеловецот Јозеф Стиглиц, кој сѐ уште смета дека не се може против оваа инфлација само со повисоки камати. На крајот ќе имаме рецесија и луѓе без работа!

Федералните резерви на САД (ФЕД) ги зголемија каматните стапки, Европската централна банка (ЕЦБ) по американските стапки

Американската централна банка завчера донесе одлука уште еднаш да ја зголеми каматната стапка за 0,25 процентни поени, така, референтната каматна стапка за долари беше зголемена од 5,25 отсто на 5,5 отсто. Неа ја следеше вчера Европската централна банка (ЕЦБ).
Тврдокорноста на ваквите ригидни политики на американската и на европската централна банка сѐ уште е под аналитичката лупа на реномирани светски економисти, како што е нобеловецот Јозеф Стиглиц, кој сѐ уште смета дека не се може против оваа инфлација само со повисоки камати. На крајот ќе имаме рецесија и луѓе без работа!

ФЕД ја зголеми каматната стапка за 0,25 процентни поени

Централната банка на САД, односно т.н. Федерални резерви (ФЕД), завчера одлучи уште еднаш да ја зголеми каматната стапка за 0,25 процентни поени. Така, референтната каматна стапка беше зголемена од 5,25 отсто на 5,5 отсто, што е највисоко ниво во последните 22 години. Федералните резерви на САД ги зголемија каматните стапки за четвртина процентен поен, наведувајќи како образложение дека сè уште е закана зголемената инфлација и тоа е најголемата причина за ваквата политика на американската централна банка. Инфлацијата во САД падна на 3 отсто во јуни, но ФЕД одлучи повторно да ја зголеми каматната стапка по паузата во јуни. Од април 2022 година до сега, ФЕД ја зголеми основната каматна стапка од 0,5 отсто на 5,25-5,55 отсто. Комитетот за операции на отворен пазар (ФОМЦ), пак, соопшти дека ќе го следи влијанието на оваа одлука врз економската активност. Од комитетот исто така истакнаа дека ќе реагираат доколку се загрозени целите на ФЕД во однос на инфлацијата и вработувањата, и ако дојде до тоа ќе се приспособи монетарната политика.

Европската централна банка (ЕЦБ) по стапките на ФЕД

Европската централна банка (ЕЦБ) вчера донесе одлука за уште едно зголемување на каматните стапки. Имено, одлуката беше објавена на прес-конференцијата во Франкфурт одржана по состанокот на Управниот совет на ЕЦБ. Порастот на каматните стапки е во висина од 0,25 отсто процентни поени. Тој чин од страна на ЕЦБ е квалификуван како „продолжение на напорите на ЕЦБ за ограничување на инфлацијата во еврозоната“. Ова е деветто зголемување на каматните стапки на ЕЦБ во изминатата година. Основната каматна стапка, по која комерцијалните банки можат да добијат свежи пари од ЕЦБ, сега се искачи на 4,25 проценти. Во текот на изминатите 12 месеци главните каматни стапки на ЕЦБ се зголемени за 4 отсто. Имено, токму пред една година, ЕЦБ го започна најагресивниот циклус на зголемување на каматите во историјата на банката. Каматната стапка на депозитите оттогаш се зголеми од 0,25 отсто на 3,75 отсто. За споменување е дека инфлацијата во еврозоната во јуни беше 5,5 отсто, што е намалување во однос на месец мај кога беше 6,1 отсто.

Повторно апел за да се  разгледаат различни мислења од ригидните монетарни политики на ФЕД и ЕЦБ

Според повеќе видни светски економски аналитичари, каматните стапки, кои се зголемуваат, навистина ќе го придушат растот на цените (инфлацијата), но тоа ќе го сторат со убивање на економијата. Имено, приврзаниците на повисоките каматни стапки тврдат дека „агресивната борба против инфлацијата ќе им помогне на посиромашните слоеви, затоа што со здивена инфлација платите заостануваат зад цените (што имплицира, секако, дека платите не ја стимулираат, туку попрво ја стивнуваат инфлацијата)“. Но ништо не е потешко за работниците од тоа воопшто да немаат приход и да добијат намалена преговарачка моќ на пазарот, што ќе се случи доколку централните банки предизвикаат рецесија. А ова е особено точно во САД, кои имаат најслаб систем за социјална заштита меѓу напредните економии. Зголемувањето на стапката на ФЕД веќе имаше големо влијание врз американската економија.
Според ставот на економските аналитичари, кои борбата против инфлацијата не ја гледаат преку механизмот на зголемување на каматните стапки на централните банки, „закоравените противници на инфлацијата ќе сакаат зголемување на каматните стапки сѐ додека инфлацијата не се придуши или, пак, сѐ додека болката од зголемената невработеност и понискиот раст не стане преголема за да се издржи“! Спротивно на монетарни политики на ФЕД и ЕЦБ, нивниот став е дека „се позагрижени за реалната економија и за работниците“ и дека тие се залагаат за „постепен приод, при што со покачувањето на каматите би се почекало додека не се има доказ за значително забрзување на инфлацијата“.
А засега има и знаци дека инфлацијата стагнира или се намалува. Затоа, тие го поставуваат прашањето дали е воопшто потребно сега повторно покачување на каматните стапки? Нобеловецот Стиглиц е доследен на својот став дека „не можеме против оваа инфлација само со повисоки камати. На крајот ќе имаме рецесија и луѓе без работа!“ и дека „убивањето на економијата преку подигање на каматните стапки нема да ја реши инфлацијата во никакви временски рамки“. Тоа уште повеќе ќе ја отежне економската состојба бидејќи „нема да може да се инвестира“ Е.Р.