Македонскиот национален совет од Швајцарија мост помеѓу македонската дијаспора и матичната држава

Во изминатиов период Македонскиот национален совет од Швајцарија (МСН) реализира повеќе успешни проекти во интерес на Македонците и нивната матична држава, преку промовирање македонски друштва, поддржување на македонскиот јазик, историја и географија, како и афирмација на македонската културата. МСН наедно одржува контакти и со некои од македонските општини за остварување на заедничките цели и соработка помеѓу македонската дијаспора во Швајцарија и македонските локалните власти. Досега беше постигната согласност за повеќе заеднички активности, од кои произлезе и заедничкиот настан „Иселеничка вечер“, во организација на МСН, со поддршка на општините Ново Село и Босилово.
Настанот ќе се одржи на 4 август, во комплексот „Лебедово езеро“, во близината на Смоларски Водопад. Според најавите, ќе присуствуваат повеќе официјални гости и иселеници од целиот свет, а меѓу поканетите се и проф. д-р Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, градоначалникот на Струмица, поранешниот претседател Ѓорге Иванов, швајцарската амбасада во Скопје, Агенцијата за иселеништво, претставниците на црковната општина и др. Се очекува пред присутните да се обрати со поздравен говор Иљчо Китанов, новиот претседател на Македонскиот национален совет од Швајцарија, како и повеќемина членови на македонските друштва од Швајцарија.
Предвидено е да настапат КУД „Јане Сандански“ од Ново Село, КУД „Св. Наум Охридски“ од Швајцарија и КУД „Кирил и Методиј“ од Иловица.
Од Македонскиот национален совет изразија благодарност до општините Ново Село и Босилово за несебичната поддршка и желбата за организацијата на културна манифестација од вакви размери.
– На оваа „Иселеничка вечер“ се добредојдени сите заинтересирани што сакаат да видат и да почувствуваат како ние иселениците ги негуваме нашата македонска традиција, култура, јазик, песна и оро. Ве каниме заеднички оваа манифестација на љубов кон татковината да ја направиме уште побогата и незаборавна – велат од МСН. Д.Ст.