Како да стана практика домашните политичари да го повредуваат, речиси сквернават, секој голем македонски национален празник и да се обидуваат да го стават во контекст на својата политичка агенда!? Таквите манипулативни и со некаква тенденција гледишта дополнително создаваат конфузија меѓу граѓаните, но истовремено им нанесуваат и голема и непоправлива штета на државата и нацијата
Уште еден поглед од јавноста кон појави
забележани на одбележувањето на
Денот на независноста
Годинашното одбележување на Денот на независноста, несомнено еден од најсветлите датуми во македонската историја, помина во сенка на политичките и политикантски манипулации, извртување на тезите, погрешно толкување на историските факти и нивно ставање во функција и интерес на одредени партиски структури.
И не само овој 8 Септември. Како да стана практика домашните политичари да го повредуваат и да ја нарушуваат чистотата на речиси секој голем македонски национален празник и да се обидуваат да го стават во контекст на својата актуелна политичка агенда. Таквите гледишта дополнително создаваат конфузија меѓу граѓаните, но истовремено им нанесуваат и голема и непоправлива штета на државата и нацијата. Неодамна по повод 2 Август имаше обиди борбата, идеалите и жртвите на илинденците и асномците да се идентификуваат и доведат во контекст со сегашниот предизвик наречен уставни измени!? Некој како да заборава дека и илинденците и асномците се бореле за самостојна македонска држава, а не за распродажба на националните идентитетски обележја, асимилација и целосно обезличување на државата. И сега преку пораките по повод 8 Септември се прави обид за злоупотреба и погрешно толкување на искажаната волја на граѓаните на референдумот во 1991 година, повторно во контекст на сегашниот предизвик со уставните измени.
Кабинетите да апстинираат од дневнополитичко моделирање на историјата
– Пред 32 години, во 1991 година, со мнозинска определба од над 95 проценти од граѓаните, остварен е аманетот за сопствена независна македонска држава на генерациите зад нас – глас што одекнува од Илинден 1903 и АСНОМ 1944 година. Триесет и две години подоцна, пред нас е гласот на граѓаните, во мнозинска определба од 80 проценти, за живот во Европа, во ЕУ, но во родната Република С. Македонија. Ние, генерациите на денешнината, имаме обврска да се одзвеме на повикот на денешниот 8 Септември, којшто од нас бара континуитет на вековно поставената идеја за прогрес и напредок – порача премиерот Димитар Ковачевски.
Слични пораки, со кои на некој начин се прави паралела помеѓу 1991 и 2023 година, испратија и други политичари. Но колку што е голема временската дистанца од 1991 до 2023 година, уште поголема е суштинската разлика во општествените околности, граѓанските верувања и политичките убедувања тогаш и денес, кои во никој случај не можат да се доведуваат во ист контекст. Прво и основно затоа што на референдумот во 1991 година македонските граѓани во огромно мнозинство се изјаснија за самостојна држава Република Македонија, без никакви додавки и придавки. Државата денес, против народната волја, е преименувана во Северна Македонија. Тоа е огромна и суштествена разлика. Никој во 1991 г. не ни помислуваше дека некој подоцна толку лесно ќе ги даде знамето, името, историјата, идентитетот итн. Сѐ што направија генерациите политичари подоцна е суштествена спротивност на желбите и надежите на македонските граѓани во 1991 година. Затоа, во најмала рака е нечесно да се споредуваат или изедначуваат овие историски термини и поими.
Понатаму денешните политичари прават обиди и за манипулација со бројките, споменувајќи го огромното мнозинство од 95 проценти од граѓани што во 1991 г. се изјасниле за самостојна држава и доведувајќи го тоа во контекст со „мнозинската определба од 80 проценти, за живот во ЕУ“, како што беше истакнато во официјалните говори за изминатиот празник, Денот на независноста. Но притоа во говорот се пропушта, како што забележуваат нашите соговорници, дека „цената за неизвесниот пат кон ЕУ се уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот, за што исто така огромно мнозинство од над 80 проценти од македонските граѓани се против!“ Интересни бројки објави анализата на Институтот за демократија и на фондацијата „Конрад Аденауер“. Тие ја покажаа и партиската позиционираност на власта и опозицијата во категоричното „НЕ“ за внесување на Бугарите во Уставот. Според анализата, интересно е што кај приврзаниците на СДСМ,59 отсто се изјасниле против внесување на Бугарите во Уставот.
Празнична честитка од САД до лидерите
И додека со својата реторика македонските политички лидери ја нарушуваат чистотата, а некои дури го сквернават празникот со извртувања на тезите, веројатно најотворена и најобјективна честитка до нив по повод празникот пристигна од американскиот Стејт департмент.
– Лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи, антикорупциски резултати преку зајакнување на институционалната независност и спречување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во Владата – е пораката на Стејт департментот, која пристигна токму во периодот додека се празнуваше 8 Септември.
Повеќе од очигледно е кон кого САД го вперуваат прстот и од кога бараат одговорност за лошите состојби во државата во сите сфери.
Не случајно американскиот Стејт департмент порачува дека лидерите мора да покажат опипливи резултати, што се однесува на сите и од власта и од опозицијата, за понатаму да се дообјасни и како треба да се гради довербата на граѓаните во Владата. Поотворено и појасно од ова, амин. Но само за оние што знаат да читаат.