Македонската држава практично е институционално нападната со барања за регистрација на здруженија што со своето именување претендираат на возобновување на фашизмот и на нацизмот. На ваквите провокации треба соодветно да реагираат македонските институции, тврдат нашите соговорници, кои предупредуваат дека со ваквите бугарски здруженија се прават обиди да се компромитираат и да се подриваат антифашистичките темели на македонската државност, вградени во конститутивните документи на АСНОМ

БУГАРСКИТЕ ПРОВОКАЦИИ КОН МАКЕДОНИЈА ПРИМААТ ЗАГРИЖУВАЧКИ ДИМЕНЗИИ

Тлеечката тензија во македонското општество, но и во македонско-бугарските односи создадена со основањето, наводни, „културни клубови“ на граѓани со бугарска самосвест, на кои тенденциозно им се даваат имиња на личности од историјата чии активности и дејствување биле длабоко поврзани со фашистичко-нацистичката идеологија, доби нова димензија со регистрација на уште едно спорно здружение, овој пат во Охрид. По ова следуваше реакција на Еврејската заедница и на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, во која тие искажуваат дека се „згрозени и навредени од регистрaцијата на здружението ’Цар Борис Трети‘ – Охрид“. Ваквата реакција на претставниците на еврејската заедница во Македонија е предизвикана од „леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот и фашизмот и се шири говор на омраза“.

– Очигледно е дека зачестија регистрации на здруженија со бугарска самосвест што носат називи на докажани соработници на нацистичка Германија. Тоа е свесна провокација и навреда за еврејската заедница, навреда за македонската држaва и за нејзините граѓани… Или некој можеби мисли поинаку, дека на овој начин, со промоција и величање на фашизмот и на нацизмот, се зајакнуваат добрососедските односи?! Името на цар Борис Трети е поврзано со прогонот и уништувањето на Евреите од окупираните територии од страна на фашистичка Бугарија за време на Втората светска војна. Да потсетиме, цар Борис Трети и Владата на царска Бугарија се директни виновници за депортацијата на повеќе од 11.300 Евреи од окупираните територии во Македонија, Грција и во Србија, од кои 7.144 се Евреи од Македонија, во центарот за убивање Треблинка, во окупирана Полска. Цар Борис Трети на 21 јануари 1941 година го потпишува антиеврејскиот Закон за заштита на нацијата, ја презема паролата на нацистичка Германија „Eден цар, еден народ, една држава“ и е докажан заговорник за спроведување на таканареченото „Конечно решение на еврејското прашање“. Ова е еклатантен пример на негирање и изопачување на холокаустот, на исмевање и навреда за Евреите – се нагласува во реакцијата на Еврејската заедница и на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
Прашањата што ја вознемируваат македонската јавност со појавата на секое ново „здружение“ со име на ликови со фашистичко-нацистичко минато и биографија се однесуваат на (не)реагирањето на државните институции во Македонија на ваквите провокации, со што се дозволува да се компромитираат и подриваат антифашистичките темели на македонската државност, вградени во конститутивните документи на АСНОМ.

– Македонската држава практично е институционално нападната, штом дозволува регистрација на здруженија што со своето именување претендираат на возобновување на фашизмот и на нацизмот. Институциите одговорни и задолжени за процена на критериумите и документацијата за регистрирање здруженија со вакви имиња не реагирале соодветно, а со тоа не работат за интересите на државата Македонија. Не се реагирало соодветно пред една година кога здружението било регистрирано во Регистарот на здруженија на граѓани, а не реагирал ниту судскиот систем. Уставен суд досега не реагираше ни за регистрацијата на културниот клуб во Битола, со името на Ванчо Михајлов, а ниту за овој од Охрид, со името на бугарскиот цар Борис Трети… Самото замижување на ваквите очигледни провокации, кои претставуваат обид за возобновување и ревидирање на врховистичко-балистичката идеологија, е резултат на дерогирање на државните институции од партиската клика на власт. Тоа, секако, удира по темелите на антифашизмот на македонската држава и создава нова практика, односно обид за нетактичко наметнување ревизионистички постапки за изопачување на историската вистина – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја.

И покрај „културниот“ предзнак на овие здруженија на граѓани со т.н. бугарска самосвест, единствениот ефект од нивното досегашно постоење е провоцирање на македонското општество во интерес на продуцирање „аргументи“ за Бугарија да докажува во ЕУ дека во Македонија постои „говор на омраза“ против Бугарите и да ги оправда сите вета за почеток на македонските преговори за членство во Унијата. Со вметнувањето на бугарските барања во македонската преговарачка рамка, условена со внесување на Бугарите во македонскиот устав, јасно читлива, но уште повеќе иритирачка е целта на постоењето и активностите на ваквите здруженија.
– Иако формално регистрирани како здруженија за културно зближување, овие своевидни (про)бугарски здруженија во Македонија немаат никаква културна интеракција со македонскиот народ. Напротив, очигледно е дека нивната цел е неверојатна провокација, со именување на тие клубови, а со тоа и величање ликови што спроведувале нетолерантни, негаторски и асимилаторски политики спрема Македонија и македонскиот народ. На тој начин се настојува да се исполни политиката бугарска асимилација на Македонците, но и историски да се ревидира поврзаноста со фашистичко-нацистичката идеологија на бугарскиот цар Борис Трети, а со тоа и полесно да се оправда улогата на Бугарија во Втората светска војна. Но голем број документи и закони носени во тоа време во Бугарија ја потврдуваат поврзаноста на царот Борис Трети со деструктивната фашистичко-нацистичка идеологија, а не постојат такви што докажуваат дека тој се оградил или ги одбил таквите релации. Секој обид за релативизирање на поврзаноста на Бугарија и нејзините власти во Втората светска војна со фашизмот е обид за ревизионизам, што ја погазува историската вистина. А постоењето клубови во Македонија што величаат историски ликови блиски на фашистичко-нацистичката идеологија, уште и негаторски и асимилаторски настроени спрема македонскиот народ, претставува демонстрација на отворена намера за современ колонијализам и хегемонизам во 21 век – предупредува професорката Наташа Котлар-Трајкова.


Со Министерството за правда не биле направени консултации за регистрација на бугарските здруженија

Од Министерството за правда информираа дека до нив не било доставено барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација на здружението,,Цар Борис Трети“, кое е регистрирано во текот на минатата година.
Слично како и при регистрацијата на културниот центар во Битола, „Иван Михајлов“, здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари, „Цар Борис Трети“ од Охрид, е регистрирано од надлежната институција без притоа да се испочитува законската регулатива, односно да се побара позитивно мислење од Министерството за правда.