Фото: Архива

САД се наш стратегиски партнер и тоа за Македонија е од голема важност

Зајакната економска соработка низ мноштво конкретни проекти и зафати, американски инвестиции, зајакната борба против корупцијата и владеење на правото, обуки и опрема за македонската армија…
Ова се само некои од планираните активности што произлегуваат од Стратегискиот дијалог со САД. Меѓутоа, за издвојување е дека тие беа усвоени на вчерашната владина седница и дополнително ќе бидат операционализирани.
Уште повеќе, во тој контекст се развиваат и активности за олеснување на визниот режим и непречен влез на македонски државјани со американска виза во САД без спроведување безбедносни и царински проверки на граничните премини. Во план е и отворање директна авиолинија меѓу Скопје и Њујорк.
– Со ова го потврдуваме силниот сигнал дека САД се наш стратегиски партнер и тоа за нас како држава е од голема важност – порача во јавноста пред медиумите македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

Најавено ново поглавје во односите со САД

Според шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, земјата влегува во ново поглавје од односите со САД.
– Предвидовме проекти што имаат цел надминување на енергетските предизвици со кои сите се соочуваме и во таа насока планираме подготвување план за поддршка на енергетската диверзификација. Планираме организирање голем бизнис-форум меѓу двете земји, како и посета на потенцијални американски инвеститори, а ќе се заложиме и за воспоставување директна авиолинија Скопје – Њујорк, чија цел е дополнително доближување на земјите и зајакнување на економската соработка и бизнис-релациите – истакна Османи.
Во тек се и активности за приклучување на земјата кон програмата „Глобал ентри“ на САД. Меѓу клучните придобивки по приемот во програмата ќе биде непречениот влез на македонските државјани со американска виза во САД, без спроведување на вообичаените безбедносни и царински проверки на граничните премини.

Безусловна борба и помош за елиминирање на корупцијата и генераторите на корупцијата – во политичкото милје

– Во една подолгорочна процедура, во Стратегискиот дијалог се предвидени и активности за усогласување на земјава и достигнување критериуми за влез во програмата „Виза вејвер“ на САД, која на крајот треба да резултира и со воведување безвизен режим – најави Османи.
Зајакнувањето на билатералните односи со САД значи и имплементирање модерни закони, безусловно независна борба против корупцијата и криминалот, праведно и правично правосудство, но и правна и економска безбедност на државата. Првата област на интензивирана соработка и приоритетна активност во рамките на планот за активности се владеењето на правото и борбата против корупцијата. Н.М.