Сондажата на Европската комисија (ЕК) не оди толку длабоко за да може да го лоцира вистинскиот извор од кој произлегоа и балансерот и Бадентеровото правило и сите други (сега веќе) правни аномалии што веќе од поодамна продуцираат исклучиво правна конфузија, која некој во државата ја користи во голема мера за да ги задоволи сопствените етнички апетити. Ако ЕК зачепка малку подлабоко под површината, недвосмислено ќе констатира дека всушност амандманите во Уставот што произлегоа од рамковниот договор, кој за некој ден ќе наврши 22 години од потпишувањето, се тие што со минат рок веќе креираат правна папазјанија, која ја води државата во сосема погрешна насока, спротивна од онаа на која инсистира Европа

За да дојде до вистината, ЕК во нацрт-извештајот по скринингот на првиот кластер не треба да загребе само по површината

Европската комисија во најновиот нацрт-извештај за првиот кластер „Фундаментални вредности“ од скрининг-процесот јасно и недвосмислено констатира дека таканаречениот балансер, основната алатка што со години се злоупотребуваше во државата за вработување партиски кадри, најмногу од албанската етничка заедница, повеќе нема употребна вредност и треба да се укине.
Констатацијата до која дојде ЕК е врз основа на резултатите што можеше да ги забележи за време на скринингот, увидувајќи дека институциите се наполнети со прекубројни и целосно нестручни кадри, кои се нашле таму каде што се нашле само затоа што тоа го предвидувале некакви квоти и коалициски пазарења, а не реалната потреба.
Сепак, сондажата на ЕК не оди толку длабоко за да може да го лоцира вистинскиот извор од каде што произлегоа и балансерот и Бадентеровото мнозинство и сите други правни аномалии што иницираат исклучиво правна конфузија, која некој во државата ја користи во голема мера за да ги задоволи сопствените етнички апетити.

Рамковниот договор го произведе балансерот, ја губи ли и тој употребната вредност за ЕУ?

Ако ЕК зачепка малку подлабоко под површината, за да дојде до вистината и фактичката состојба, недвосмислено ќе констатира дека всушност амандманите во Уставот што произлегоа од рамковниот договор, кој за некој ден ќе наврши 22 години од потпишувањето, се тие што креираат правна папазјанија, која ја води државата во сосем погрешна насока, спротивна од онаа на која инсистира Европа.
Две децении се и повеќе од потребното време причинителот на акутните деструктивни состојби во земјава да се стави „ад акта“, односно јасно да се стави до знаење дека рамковниот договор му припаѓа на едно историско минато време, тогаш ја завршил примарната функција што ја имал и денес веќе нема никаква употребна вредност, исто како и балансерот, но и како Бадентеровото мнозинство, кое се покажа дека функционира исклучиво кога за тоа има потреба албанското малцинство и никој друг.
Очигледно скринингот на ЕК со кој се скенираат фундаментите на државата покажа сериозни пукнатини во темелите, бидејќи не може по некаков етнички клуч да се пополнуваат институциите, не може по клуч да се воспоставува втор официјален јазик на територијата на целата држава, не може по клуч Албанците да уживаат привилегии на втор конститутивен народ иако се малцинство, како и другите малцинства, намерно работејќи на промена на унитарниот карактер на Македонија како држава на македонскиот народ, недозволиво е постоење на етнички квоти при вработување наместо воспоставување мерит-систем со кој ќе се знае кој и зошто се наоѓа на одредена функција.
Добро е што скрининг-процесот педантно го евидентира сето тоа и сега уште попрецизно може да се лоцира изворот на ваквите системски аномалии што ја прават земјава само „делумно“ усогласена со европската легислатива, иако веќе три децении се работи на хармонизирање на македонското со европското законодавство, што е едноставно недозволиво. Тука никој нема простор да повикува дека се шири „албанофобија“, бидејќи констатациите се исклучиво на ЕУ, која состојбите ги скенира врз основа на европските критериуми, а не врз основа на нечии етнички замисли.
Посветеноста кон европската агенда во практика значи работење на она што го налагаат европските принципи, поточно воспоставување здрав систем и држава на здрави темели, а не држава што сè уште функционира врз анахрони амандмани донесени во време кога требало да имаат само краткорочна употребна вредност, односно најмногу до пет години од завршувањето на воениот конфликт во 2001 година.

Рамковен договор без рамка

Очигледно моќта што ја доби албанското малцинство со рамковниот договор и неговата слободна интерпретација секогаш кога станува збор за правата исклучиво на Албанците, направи од Македонија наместо европска, етнички заробена држава во која едно малцинство ги држи во заложништво мнозинскиот народ и сите други, диктирајќи кој ќе формира влада, каква ќе биде надворешната политика на државата, какви фискални политики ќе се туркаат, кои општини што не плаќаат даноци ќе бидат покривани од државниот буџет, чии неплатени сметки за струја и намерно уништена инфраструктура ќе ги намирува државата и уште многу други недоследности што се толерираат со години.
Со години демонстративно се газат белезите на една држава, се веат знамиња на туѓа земја, не се наплатуваат даноци, во одделни локални заедници глумат граѓански отпор, а всушност владеат целосно беззаконие и анархија бидејќи не се почитуваат Уставот и законите. Сето тоа произлегува од рамковниот договор бидејќи воспостави искривени практики што со години се злоупотребуваат.
– Рамковниот договор одамна ја исполни функцијата, тие што со оружје ја нападнаа државата се реинтегрираа во системот, во институциите, но веќе треба да се мисли на вистински развој на државата. Добро е што скрининг-процесот почна да ги лоцира сите аномалии произлезени од рамковниот договор, но прашање е дали оние што сами се етаблираат во некаков „европски блок“ ќе почнат барем малку да се однесуваат европски и да работат на исполнување на европските критериуми, а не само на задоволување на своите етнички апетити – велат соговорниците, кои се добри познавачи на состојбите од времето на потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Според нив, сега е вистинскиот момент од правниот систем на државата да се исфрлат сите законски недоследности што се косат со европската легислатива.
– Европското законодавство не познава балансери, квоти, етнички вработувања и слично. Се виде дека тоа нè доведе до целосна институционална нефункционалност и парализираност на државата по сите основи. Освен приказната за ЕУ, друго во оваа држава нема што да им се понуди на граѓаните, кои живеат во крајна сиромаштија и кои масовно си заминуваат, без оглед на нивната етничка припадност. Ако и покрај препораките на ЕК, рамковниот договор и натаму продолжи да биде клучниот документ од кој ќе произлегуваат идни закони, несомнено тоа ќе биде своевидна правна брана за сите оние што сакаат да воспостават нормален функционален систем, каде што мериторна ќе биде стручноста на кандидатите, а не етничката припадност. Затоа и институциите се неефикасни. Овој рамковен договор веќе почна да произведува и фалш производи, а резултатите се гледаат сега, така што државата станува сè помалку функционална и добива лоши оценки. На тоа треба да му се стави точка – констатираат соговорниците.

Потребен е пострамковен ресет на државата во сите сфери

Нивен заклучок и препорака се дека на сите треба да им стане јасно дека рамковниот договор и сите негови нуспроизводи се надмината работа, ЕУ го кажа тоа, така што сега земјава мора да се подготви за пострамковен ресет.
– Рамковниот договор е надминат и треба нов пристап. Затоа треба да се направат радикални општествени промени, вклучувајќи и политички промени што ќе подразбираат консолидација во македонскиот политички кампус за подобра заштита на националните интереси и заедничка работа во насока на враќање на државотворниот статус на македонскиот народ, почнувајќи од Уставот. Понатаму, потребни се длабоки радикални промени на економските политики, длабоки промени на образовните политики, промени во здравствените политики. Сите овие зафати мора да се одвиваат истовремено, бидејќи процесите функционираат како врзани садови и мора да се средуваат сите состојби паралелно ако сакаме да изградиме здрав систем. За градење едно здраво демократско општество е потребно државата да стои на цврсти здрави темели, а не на санирани темели од пред 22 години, само колку да не се урне куќата (државата). Но секоја санација е привремено решение, сè додека не се изградат цврсти темели врз кои ќе почива европска Македонија. За да се случи такво нешто, она што било во минатото, треба да остане таму, а иднината да се гради врз нови здрави односи и врз нови развојни политики – заклучуваат соговорниците.