Дејан Пројковски е водечки режисер во Македонија, познат и присутен со своите режии/гостувања на сцените по Балканот и многу пошироко. На 63. „Охридско лето“ (традиционално се одржува од 12 јули до 20 август во Охрид) беше прикажана неговата „Ана Каренина“ во продукција на театарот „Ујвидеки Шиназ“ од Нови Сад, Србија, кој работи на унгарски јазик. На оваа комплетно значајно поставена/одиграна претстава ѝ претходеа (во драмскиот дел) предолгатa монодрама „Бикот на Фоларис – решавање на загатката на прекрасниот голем свет (и нашата болка станува убавина)“ (околу три и пол часа) и „Пекoлна комедија – исповеди на сериски убиец“ со актерот Џон Малкович, сопраните Чен Реис и Сузан Лагнгбеј, под диригентство на Мартин Хазелбок, чиј режисер/автор е Михаел Штурмингер.
Во „Ана Каренина“ со дополнување „Во љубовта нема повеќе и помалку“ по текстот на Лав Николаевич Толстој на режисерот Дејан Пројковски секој лик и настан имаат свое суштинско значење.
Ликовите, според каталогот, ги играат одличната Тимеа Филеп (Ана Каренина), Атила Немет (Александар Каренин), Арпад Месарош (Алексеј Вронски), Золтан Ширмет (Степан Обломски), Габриела Црнковиќ (Дарја Доли Обломски), Габор Понго (Константин Димитрич Левин), Дина Додовиќ Томиќ (Катерина Кити Александрова), Агота Ференц (Бетси Тверска), Роберт Ожвар (Серпуховски), Ливија Банка (Ливија Ивановна), Тереза Фигура (Агафја) и Адам Баџи (малиот Серјожа). Целно ги посочив имињата на поголем дел од актерската екипа (иако на нашата јавност најверојатно не ѝ се познати), затоа што тие целосно се во идејата на режисерот Пројковски.
Во реализација на претставата на Пројковски се неговите чести соработници: Олга Панго (кореографијата), Ваљлентин Светозарев (сценографијата) и Марија Папучевска (костимографијата). Сите се разбираат, дополнуваат и создаваат целина што функционираат до заедничката цел.
Дејан Пројковски и во оваа претстава истражува и стигнува до суштината. По вистината за човекот и сите вредности, недостатоци, вистини – радосни болки… Истражува и доаѓа до нив. До моралните вертикали и ни покажува/докажува дека театарот е живот. Во тој процес нему му е важно/најважно (а и за нас) да ни покаже/докаже дека не смее да се изгуби (да ја изгубиме) смислата на животот на сите негови нивоа – вертикали и хоризонтали, нагорнини или удолнини. Рамнините или падовите (пак удолнините) од кои треба/мора да излеземе сами. Тоа е животот, вистината, потребата да се дојде до себе, до својата вистина. Другото е лага со која не се живее. Особено за оние што не ја љубат/не ја поднесуваат лагата, не веруваат во еднаш скршеното, кое и да го залепиш е скршено…